Личен напад наместо аргументи

Освен да известува, новинарот, кога ќе почувствува потреба, има право да заземе и таканаречена ангажирана позиција, односно да коментира, да анализира, да оценува. Во таква ситуација, тој (треба да) се води од принципите на логичкото расудување, кои, пак, се темелат на моќта на аргументите. Оттука, овој процес на коментаторско или аналитично пишување уште се нарекува и аргументирање

 

Пишува: Влатко Стојановски

 

Станува збор за стандардизирани постапки за дефинирање на темата на расправата, поставување на тезите и за градење на мрежата на аргументи, кои треба да резултираат со резиме. Првиот чекор е дефинирање на основниот проблем, кој го определува фокусното прашање. Откако ќе го поставиме фокусното прашање, треба да се постави хипотеза, која претставува прелиминарен одговор на ова прашање, кој допрва треба да се поткрепи со аргументи и да се отфрли со контрааргументи.

 

СТРУКТУРА НА АРГУМЕНТОТ

Изложувањето на аргументите е клучната фаза на расправата. Тие се нижат како алки на синџир, се разгрануваат, за при крајот на расправата да се сумираат и да се изведе заклучок. Англискиот филозоф и логичар, Стефан Тулмин, развил метод на аргументирање кој се состои од следните фази на организација на аргументот:

  1. Тврдење – тезата што авторот ја застапува и сака да ја аргументира;
  2. Податоци – докази што авторот ги прибрал за поддршка на тврдењето;
  3. Објаснување – објаснување или оправдување зошто и како податоците го поткрепуваат тврдењето или што ги поврзува податоците со тврдењето;
  4. Поткрепа – дополнителна логика или резонирање која може да биде неопходна за да се поткрепи објаснувањето;
  5. Антитеза – тврдење што го негира или не се согласува со тврдењето на тезата;
  6. Реафирмација на тезата – докази што ја негираат антитезата.

Пример за организација на аргументот според Тулмин:

 

  1. Тврдење: Конституирањето на Специјалното јавно обвинителство е од големо значење за функционирањето на правната држава, за спроведувањето на правото и за враќање на правдата;

 

  1. Податок: Прислушуваните разговори што опозицијата ги објави во јавноста покажаа сериозни индиции за сторени кривични дела. во кои инволвирани се највисоки претставници на власта, кои дотогаш не биле предмет на кривичен прогон;

 

  1. Објаснување: Поради тоа што регуларното Основно јавно обвинителство не повело ниту една предистражна постапка пред објавување на разговорите, а кога тоа го сторија по допрен глас не поднесоа ниту едно обвинение, неопходно беше формирање на едно вакво обвинителство, чиј делокруг на работа и надлежности ќе бидат поврзани со сомнежите за законски прекршувања што произлегуваат исклучиво од овие разговори;

 

  1. Антитеза: Но, формирањето на вакво обвинителство, како производ на политички договор на четирите најголеми политички партии во земјава, се проблематизира од правен аспект, односно спорно е дали тоа му противречи на македонскиот Устав, кој пропишува дека „Јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган“;

 

  1. Реафирмација на тезата: Сепак, имајќи предвид дека Катица Јанева е избрана од Собранието, кое го донесе и законот за формирање на обвинителството, а воедно тоа е составено исклучиво од членови на регуларното јавно обвинителство, не се работи за паралелен орган во системот, туку за легален орган и, уште поважно, со крајно легитимна цел и задача да провери дали индициите за сторен криминал содржини во објавените разговори одговараат со фактичката реалност, ако е така да поднесе обвиненија и пред судот да бара одговорност од евентуалните прекршители на законот, особено во ситуација кога Основното јавно обвинителство не ги третираше ваквите наводи.

 

РАСПРАВА ЗА ТЕМАТА И ЗА ТЕЗИТЕ, А НЕ ЗА ЛИЧНОСТИТЕ

Кога аргументираме, тоа треба да го правиме логички, рационално и да не се потпираме на емоции, религиозни убедувања, традиција. Притоа, важно е да ги избегнуваме логичките грешки. Инаку, постојат две групи логички грешки: грешки на релевантност, кога тврдењето не е релевантно на заклучокот, и грешки на недоволно докази, кога тврдењето не е поткрепено со доволно докази. Токму во групата грешки на релевантноста спаѓа личниот напад, кој новинарите го прават тогаш кога отфрлаат нечиј аргумент или тврдење, напаѓајќи ја личноста, а не нејзиното тврдење.

Во последно време во јавноста и многу новинари се обидуваат да ја дискредитираат целокупната работа на СЈО преку напад врз Јанева дека е некомпетентна, неелоквентна и необјективна во стилот: „Таа ли најде да гони за криминал лица избрани од народот, кога е анонимус без искуство, доаѓа од внатрешноста на државата, зема висока плата од 3.000 евра…“. Притоа, тие не говорат за работата на СЈО, за бројот на предистражни постапки и обвиненија, за наводите што специјалните обвинителки ги изнесоа во јавноста…

Имено, новинарот секогаш треба да расправа за темата, за тезите, а не за личностите. Кога се дебатира за личноста – ад хоминем, тоа се смета за знак на сериозна слабост на авторот. Кога основниот проблем е цврсто поврзан со определена личност, тогаш расправата добива карактер на полемика, но и во таква ситуација полемичарот не смее да го дисквалификува и да го навредува својот, условно кажано, противник, бидејќи тоа се смета за одраз на личноста која го продуцира овој дискурс и за неговата култура и воспитание, а не на оној кому е упатена.

Таков пристап, кога се напаѓа и се деградира личноста и се нижат небитни карактеристики и неточни факти, само за да се омаловажи личноста, а преку неа и организацијата и опцијата на која оваа личност ѝприпаѓа, се сретнува во колумната на главниот уредник на телевизијата „Сител“, Драган Павловиќ-Латас, објавена во дневниот весник „Вечер“ на 15 септември, 2016 година.

…Мислев дека од Заев, кој е лапсус-мајстор на деценијата, Шеќеринска, која има повеќе безлични фрази отколку Прада ташни, и Шилегов, кој е жртва на реклами за алкохол, нема бетер, но демантиран сум од Катица Јанева и од СЈО… Петре Шилегов не го забележал овој инцидент, бил во бифето, таму се пие најефтино. А на пијан човек никој кусур не треба да му фаќа, нели…“, пишува Латас.

 

МЕЃУ НОВИНАРСТВОТО И ПРОПАГАНДАТА

Инсистирањето на личноста и извлекувањето на личноста во преден план преку нејзините битни и небитни, објективни и субјективни карактеристики не се дел од новинарството, туку составен дел на пропагандата. Персонализирање на политиката е еден прастар принцип на пропагандата и еден од основните методски постулати врз кои се темели политичкиот маркетинг. Овој принцип е идентификација на одредена политика, структура, организација, со одреден политичар, односно доведување во корелација со една или повеќе личности.

Овој принцип со сета сила продира на политичката сцена во 1970-тите години во САД, кога, како што забележуваат американските универзитетски професори, кои издале низа трудови од областа на политичка комуникација, Роберт Дентон и Гери Водворд, се случува пресврт од таканаречена организациска кон т.н. персонализирана политика. Политичкиот маркетинг со сета сила инсистира на индивидуализацијата, бидејќи преку маркетиншка обработка сложените механизми на општествени промени се сведуваат на доблести и слабости на конкретни луѓе, чиј судир го драматизира и го привлекува вниманието. Но, новинарството не смее да го прави тоа.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).