Конфронтирачко интервју не е исто што и агресивно интервју

Стилот на интервјуто е прашање на лична определба и на брендирање на кариерата на новинарот. Сè додека новинарот на ја продал сопствената душа за да прави нарачани, однапред подготвени интервјуа, прашањето на стилот е небитно

 

Пишува: Зоран Бојаровски

 

Колку и да звучи наивно или идеалистички, интервјуирањето политичари, во сите услови и со секој од нив треба да биде занаетчиски совршено и професионално. Секој новинар треба да знае дека тие, политичарите, имаат сопствена мотивација и агенда. Затоа новинарите треба да внимаваат да не бидат „заведени“ на теренот на политичарите, односно да дозволат нивната страна од приказната да го „киднапира“ интервјуто, а она што треба секогаш да го имаат предвид е дека ќе бидат најдобро подготвени и ќе ја „владеат“ темата совршено и дека никогаш нема влезат во дебата на навреди кои политичарите знаат да ги употребат наместо дебата на аргументи.

Најважно од сè што треба да запамети новинарот е дека тој е тука, во интервјуто, за да открие информации од јавен интерес.

Кога јавниот интерес е врвниот приоритет, стилот на интервјуто е прашање на лична определба и на брендирање на кариерата на новинарот. Сè додека новинарот на ја продал сопствената душа за да прави нарачани, однапред подготвени интервјуа, прашањето на стилот е небитно.

Затоа првата препорака за новинарите е секогаш да имаат предвид дека:

 

1.Интервјуто е за публиката, за јавноста, а не за нив лично или за сопствениците или менаџерите на медиумот

Да не се заборави: И на новинарите, како и на политичарите, им припаѓа дел од јавноста на која ѝ се обраќаат. За политичарите тоа се потенцијалните гласачи, а за новинарите публиката. Разликата е што публиката кај новинарите е составена и од утврдените гласачи на политичарот, но и од тие што тој се обидува да ги придобие. Оттаму, новинарот има поголема одговорност, додека политичарот има поголем предизвик.

Следствено, новинарите се обврзани интерјуата да ги спроведуваат непристрасно, без предрасуди, избалансирано, за да се „извлече“ точна и релевантна информација.

Уште нешто не треба да се заборави: Пред камери политичарите не лажат. Махерите за односи со јавноста ги „тренираат“ политичарите дека треба да ја зборуваат вистината, но не и целата вистина. Толку колку што тие сметаат дека е потребно да се каже и во контекст во кој делумната вистина ќе изгледа како целосна.

Затоа, кога седнува на столчето спроти политичарот, новинарот треба да знае дека тој презел одговорност во име на јавноста и јавниот интерес, да добие колку што е можно поголемо парче од целосната вистина. Кога ќе се вклучат камерите и (или) микрофонот, целта на новинарот е вистината, а не да изгледа убаво или да ја искористи позицијата што може да организира интервју, за да добие некаква лична битка или битка што некој друг ја нарачал од него.

 

2. Да се има предвид мотивацијата на политичарите

Мотивацијата на новинарот е информација плус во име на јавниот интерес, која ќе се добие со бескомпромисно интервју. Во име на таа цел, новинарот ќе биде секогаш добро подготвен за да понуди различни аргументи во своите прашања, кои ќе ги постави во име на јавноста. Одговорите на таквите прашања се важни за одлуките и за ставовите на публиката. За време на една таква постапка, личните амбиции, личниот интерес, личните добивки, одмаздата и другиот личен „багаж“, претставуваат „товар“, кој ќе се исправи како пречка во потрагата во целата вистина.

Новинарите имаат должност и одговорност да се ослободат од тој „товар“. Кога новинарот ќе се ослободи од него, останува во костумот наречен новинарски професионален интегритет.  Не е можно да се прави добро интервју со политичар доколку новинарот нема интегритет.

Мотивацијата на политичарот, навидум и на прв поглед, не се разликува од онаа на новинарите – да им ги испорачаат на гласачите вистинитите информации и ставови од кои произлегува нивниот интегритет. Но, лојалноста и припадноста кон една партија, стравот дека ќе ги загубат стекнатите позиции и привилегии, амбициите, идеологијата, како и мотивите кои произлегуваат од неговиот личен карактер, се заканувачки темни облаци.

Обврска на новинарот е да прозре низ тие облаци и да ги соочи нивните аргуементи со аргументите на новинарот и во тој пресек да се открие мотивацијата.

Политичарите забораваат дека се јавни службеници, односно дека му служат на јавниот интерес, на граѓаните. Тие се избрани, во одреден период, да управуваат со ресурсите што се сопственост на граѓаните и кои тие им ги отстапиле на еден мандатен период. Нивното службување и ефикасност се секогаш подложни на контрола и на критика. Дел од јавната сфера која има право да ги контролира и да ги критикува политичарите се и новинарите. Да се „копа длабоко“ е уште една обврска и одговорност на новинарите во име на јавноста.

Тоа може да се прави добро и убедливо само доколку новинарот е облечен во костумот интегритет.

 

3Нека биде едноставно

Политичарот секогаш ќе се обидува да ги компликува работите бидејќи секогаш се обидува да најде најдобар начин да не ја каже целата вистина, како и да ја стави во рамка од која се гледа само нивниот интерес. Понекогаш се обидуваат да ги прикажат работите така за да се стекне впечаток дека новинарите не разбираат за што станува збор. Бездруго се сеќавате на одговори на политичарите кои почнуваат со фразите: „Работите не се баш така како што ги претставувате во Вашето прашање…“. Или: „Мора да ги знаете околностите за да Ви одговорам на прашањето“. Или мојот омилен почеток на одговор за да не се одговори на прашањето: „Многу добро прашање. Ќе се вратам на него, но пред тоа сакам да ….“ за на крајот да заклучите дека воопшто немате одговор на поставеното прашање.

Затоа новинарот не треба да му даде шанса на политичарот да се „извлече“ на таков начин. Секогаш, и во прашањата, треба да ги има основните новинарски прашања: што, кој, кога, каде, како и зошто. Прашањата нека бидат едноставни и со поента. Не ги усложнувајте прашањата со широки и долги елаборации, а најмалку со „две, или три во едно“ прашања. Тоа е „жива радост“ за политичарот. Во најдобра варијанта, тој ќе го избере прашањето што најмалку ќе му наштети, а во најлоша ќе ја искортисти широката елаборација на прашањето за да елаборира широко без одговор.

Доколку ви се случи оваа ситуација и доколку, внимателно слушајќи, сте утврдиле дека нема одговор на вашето прашање – не отстапувајте. Сега треба да следува едноставно кристално јасно прашање. Повторувајте го прашањето сè додека не го добиете одговорот. Нивниот гнев нека не ве вознемирува. Вие останете мирни. Тоа ќе покаже дека ја владеете ситуацијата.

 

4. Не дозволувајте да ве заведат на нивниот терен или да ве изместат од фокусот на интервјуто

Политичарите денеска имаат советници за односи со јавноста и со медиумите и тие нив ги учат, меѓу другото, да ги пренасочат дебатите на теми од нивен интерес. Уште една од лекциите е да ја „скротат“ офанзивата на новинарите и да ја преземат иницијативата. За да успее ова, советот е да се наведе новинарот на теми кои не се во фокусот на јавноста и во првичната намера за интервјуто и да се прикажат тие прашања како побитни.

Новинарите не треба да наседнуваат на овие трикови и спин-постапки. Треба да се држат до нивната првенствена цел и до прашањата предвидени за интервјуто, за кои рековме дека имаат цел да ја откријат колку што е можно повеќе вистината.

Понекогаш, како совет од спин-докторите доаѓа и сугестијата на новинарската упорност и конструктивно конфронтирање, политичарите да одговарат со уште поголема конфронтација, па дури и со агресивност за да се поколеба, исплаши новинарот.

Не дозволувајте да ве заплашат. Треба да ги препознавате тие трикови и да не дозволите да ве извадат од „колосек“. Новинарот треба да остане ладнокрвен, смирен и секогаш и постојано да ја води играта на својот пат. Впрочем, новинарот е тој што во интерес на јавноста, му дава шанса на политичарот да каже или да докаже дека го извршува своето службување во името на народот на начин кој тоа го утврдуваат владеењето на правото, транспарентноста, почитувањето на институциите и процедурите…

Да се запамети: Тогаш кога новинарот ќе ја изгуби ладнокрвноста, го губи и интервјуто.

 

5. Нема правење „зделки“  со политичарите

Колку и да е повторувано, никогаш не е отповеќе да се повтори: Со политичарите никогаш не се договара интервју врз основа на каков било договор, експлицитен или имплицитен. Со нив нема „зделки“ и нема какво било заедничко подразбирање дека интервјуто се прави за да добијат двете страни, новинарот и политичарот, по нешто. Новинарот половина од вистината, а политичарот поен плус кај гласачите. Таков договор е форма на корупција и се противи на суштината на новинарството.

Политичарот секогаш ќе настојува да го добие она што било негов мотив да го прифати интервјуто. Тоа е во суштината на политиката, политика на можното и на шансите. Но, новинарот треба да се издигне над таа, политичка, платформа. Тоа е во суштината на новинарството, суштина на новинарскиот интегритет.

Најмалку што се очекува е да се договори текот на интервјуто однапред. Единственото нешто за кое може да се постигне договор е должината на интервјуто, која е обратнопропорционална на новинарската страст која треба да се вложи за да се добие колку што е можно повеќе од вистината, ако не целата вистина.

 

6. Тие ќе дојдат со подготвен концепт

Додека се подготвуваат за длабинско интервју со некој политичар, новинарите си прават концепт, истражуваат, подготвуваат и пишуваат прашања за кои сметаат дека во тој момент се најважни за да ја откријат вистината.  И политичарите го прават истото.

Односно, уште поточно, тие ќе поминат неколку работни сесии со своите советници за односи со јавноста и со медиумите. Спин-докторите ќе ги советуваат и ќе ги подготват политичките пораки што во тој момент треба да бидат испратени преку интервјуто.

„Остани на пораката“ е насловот на третата лекција на махерите за односи со јавноста што ја споменуваме во оваа лекција. Владините одделенија за комуникација со јавноста, како и советниците во политичките партии, трошат огромни пари на експерти за комуникација. Манипулирањето со медиумите е голем бизнис. Честопати советите и обуките ги прават поранешни новинари кои многу добро знаат како функционираат медиумите и што очекува публиката, односно јавноста.

Она што треба да се запамети е дека политичарите, можеби, не се подготвени да ја кажат целата вистина, но секако се одлично обучени да останат на политичката порака на моментот.

Бидете сигурни дека тоа се случува во моментот кога нивниот одговор ќе почне со фразата: „Многу ми е мило што ми го поставивте тоа прашање, но мора да разберете дека вистинската причина за тоа се крие зад…“. Или: „Вашето прашање содржи важна поента, но главната тема во овој случај е…“.

Затоа, запамете: Никогаш немојте да сметате на тоа дека сте подобро подготвени од нив. Тоа е наивен став. Кога седнувате спроти политичарот, треба да знаете дека се соочувате со човек зад кој стои цел тим експерти за медиуми и за односи со јавноста.

Доколку сте секогаш свесни за тоа, ви останува да изградите став дека, како новинар, нема да дозволите да бидете искористен како мегафон за политичката порака, туку, напротив, ќе го испотите политичарот останувајќи фокусирани на вашата единствена цел: од него да извлечете вистина.

 

7. Слушајте внимателно и секогаш со отворен ум

Иако е исклучително важно да знаете што ќе прашате и да ја следите претходно утврдената патека на интервјуто, доколку слушате внимателно и доколку е отворен умот, како новинар секогаш ќе препознаете дел од вистината вметната, скриена, во некоја долга фраза. Тоа е четвртата лекција што ја позајмуваме од спин-махерите. Лекција која вели: Користете многу зборови, долги реченици за да го вметнете одговорот или дел од вистината што е проблематичен (за политичарот, н.з.). Идејата е дека додека политичарот ја употребува оваа тактика, опаѓа вниманието на новинарот и на публиката, и дека е можно во таква ситуација да се „протне“ непријатниот одговор без да се забележи. Подоцна политичарот има алиби доколку треба да докажува дека одговорил на тоа прашање и дека му е многу жал што тоа поминало незабележано кај новинарот.

Затоа, слушајте внимателно. Одговорите кријат во себе елементи за нови прашања, а отворениот ум треба да му помогне на новинарот да излезе од рамката што си ја поставил претходно. Тоа не значи дека ја губи контролата над интервјуто. Само докажува дека внимателно слуша и дека нема да му се измолкнат скриените одговори кои бараат дополнителни прашања. По една таква куса дигресија, интервјуто треба да се „врати“ на предвидената патека.

Ако оваа дигресија не биде на тој начин изведена, а политичарите имаат развиено сетило да почувствуваат несигурност, тоа ќе им даде шанса да ја исцрпат таа можност докрај и да ја пласираат својата политичка порака или, уште полошо – да пропагираат.

 

8. Не дозволувајте да ги избегнуваат прашањата

Веќе споменавме неколку начини на кои политичарите се тренирани да избегнуваат непријатни прашања. Многу е важно новинарот да препознае кога тоа се случува. И публиката знае да препознае кога политичарите избегнуваат прашања, но никогаш не е доволно доста да ги потсетите дека не ви одговориле на вашето прашање.

Кога правите интервју со политичари, треба да ги подготвите сите прашања за кои сметате дека ќе ве доведат до целата вистина. Секогаш постои опција дека нема да успеете да ги поставите сите прашања, исто како што секогаш постои реална можност да не ги добиете одговорите на сите поставени прашања.

Затоа треба да се владее со контролата над текот на интервјуто. Лимитираното време и јагулестите политичари ќе ве соочат со фактот дека интервјуто треба да заврши, а вие немате многу од вистината. Кога имате контрола, дури и во таква ситуација, постои можност да се извлечете и да поентирате со креативни и ефикасни поенти во последните прашања.

Сепак, за да не се соочите со таква ситуација, се препорачува еден едноставен трик. Поставете ги најважните, најпровокативните, најусштинските прашања на почетокот. Ова е добра тактика зашто ги изместува политичарите од удобната позиција што ја очекуваат на почетокот кога, вообичаено, се почнува со љубезен вовед и со лесни прашања за опуштање.

Обидете се еднаш да постапите така. Ќе ја забележите разликата. Се разбира, препораките за целосна контрола и за очекување на противударот сè уште остануваат.

 

9. Треба да ги запознаете од повеќе аспекти

Иако извршуваат битни општествени функции, и политичарите се луѓе, но со една посебна црта што ги издвојува од другите – тие се под постојан притисок повторно да ја добијат поддршката од електоратот. Сепак, бидејки се и тие луѓе, како и сите ние, и тие имаат слаби точки што ги кријат затоа што така им налагаат експертите за односи со јавноста.

Затоа новинарите треба да запознаваат и да откриваат различни аспекти на нивните работни навики. Тоа ќе им даде можност да го изберат најдобриот начин за да ја пробијат студената фасада, што, пак, ќе им даде можност да „копаат подлабоко“ за да се стигнат до вистината од јавен интерес.

Поконкретно, тоа понекогаш може да бара конфронтирачки настап, полн со енергија кој недвосмислено и, најважно, аргументирано, ги поставува прашањата така што е многу тешко да се избегне одговорот. Од друга страна, понекогаш е можеби попродуктивен еден мек, итар, аналитичен пристап во стилот на интервјуто, за да се стигне до вистинските одговори. Зашто, да се запамети, понекогаш неоснованиот конфронтирачки стил на интервјуирање може да го „затвори“ политичарот, а кај јавноста да создаде впечаток дека новинарот бил груб.

 

10. Бидете сигурни дека последниот збор е ваш

Кој треба да го има последниот збор? Новинарот или политичарот? Според истражувањата, заклучните зборови во едно интервју, особено на телевизија, се оние кои најдолго се паметат бидејќи во нив, вообичаено, е содржана синтезата, клучните поенти од разговорот. Политичарите го знаат тоа. Затоа, експертите за медиуми на тие последни зборови им посветуваат особено внимание. За тие последни зборови се подготвуваат специјални „саундбајти“. Куси, впечатливи, силни изрази кои имаат цел првенстевно да ги покријат сите слаби точки во текот на интервјуто, а како второ, но не помалку важно да одзвонуваат во ушите на публиката, односно гласачите.

Политичарите нема да пропуштат да го направат тоа. Но, потоа треба да следува резимирањето на интервјуто кое треба да го направи новинарот.

Затоа, препораката за новинарите вели: Освен што многу внимателно го слушавте вашиот соговорник за време на целото интервју, задача на новинарот е да ги запише најважните поенти од одговорите и на крајот од интервјуто да го сумира настапот на политичарот низ една куса презентација.

Добрата тимска работа во една редакција претпоставува еден асистент на новинарот што интервјуира, кој има задача да ги запише и да ги избере најважните цитати од одговорите на политичарите и на крајот од разговорот, за потребите на новинарското резиме, да му ги предаде на „домаќинот“ на интервјуто. Тие цитати се најдобрата илустрација на неговите резимирачки поенти.

На крајот, дури и доколку го знаете сето ова, па дури и да го промените, ќе ви треба и среќа, но во многу помало количество. Тоа е едното чувство на задоволство, другото поважно е она кога новинарот може да си  каже: „Да не бев јас, јавноста ова немаше да го знае!“

Тоа се тие ретки моменти во оваа професија што ја прават толку убава.

 

Користени линкови:

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).