Местото на настанот е појдовна точка на веста, а не редакциската канцеларија

Проверка на фактите на местото на настанот или кај директно засегнатите лица во веста, е правило без кое нема професионално новинарство. За жал, бројни се примерите од скојдневиетo, каде гледаме дека новинарите и редакциите не го применуваат овој професионален стандард

 

Пишува: Фатлуме Дервиши

Развојот на медиумите, масовната употреба на социјалните мрежи, проширувањето на алтернативите за споделување на информацијата го направиja новинарството полесно. Барем, така изгледа на прв поглед. Некогаш, на новинарот му било потребно задолжително да оди на местото на настанот за да го собере сам секое парче информација. Дел од овие парчиња, денес новинарот може да ги земе пренесени од некој друг, на е-пошта, на мобилен телефон, социјални мрежи и во многу други форми на интерактивна комуникација со јавноста.

Самата јавност може да генерира информации известувајќи го медиумот за разни поплаки, докажувајќи ги со фотографии или видеоснимки или други факти. Ова не подразбира дека посетата на местото на настанот е непотребна и дека вестите треба едноставно да се прават од канцеларија. Всушност, станува збор за една многу проширена практика во последно време, која сериозно ја загрозува објективноста на информацијата, како и правилното отсликување на настанот. Во ваков случај, ништо не го разликува новинарот од обичната публика, освен тоа што новинарите имаат смелост да толкуваат нешто, во кое самите не биле сведоци.

Тие кои ја познаваат оваа професија, знаат дека теренот „има сила“ да го промени целосно пристапот на третирање на настанот. Кога го гледа и го допира проблемот, новинарот има повеќе шанси да знае каде стои одговорноста и кој треба да приложи сметка за тоа.

Соодветното адресирање на прашањата не е гаранција дека медиумот ќе добие одговор, но барем треба да се обиде. И молкот на институцијата или одговорниот субјект може да се употреби како податок што сам по себе кажува нешто. Молкот во новинарството обично подразбира избегнување на одговорноста. Но, тоа се зема предвид тогаш кога новинарот ги искористил сите начини за да добие одговор од надлежните. Тогаш, дилемата на новинарот се прикажува јавно.

Има случаи (во последно време многу вообичаени), кога медиумите го одбираат најкраткиот пат, тој на поставување прашања јавно, без да ги постават таму каде што треба, што се користи неконтролирано. Овој пристап повеќе создава збунетост отколку што ги разјаснува навистина нештата за јавноста. Наместо ова, новинарот треба да го проба секој можен пат за да ги насочи овие прашања кај луѓето, функционерите и соодветните субјекти.

Примери:

Примерите што се искористени се написи што може да имаат и други недостатоци од професионална гледна точка. Меѓутоа, во овој преглед нè интересира само аспектот на потребата на гледање на настанот одблизу и поставување на прашањата на соодветен начин.

„Дали аферата „Телеком” ќе биде седмиот случај на СЈО што почнува со буквата „Т“? е написот во кој пишува:

„Именувањето на сите досегашни случаи на СЈО со буквата „Т“ е причина што во јавноста почна да се поставува прашањето дали можеби аферата „Телеком“ ќе биде седмиот случај (или и осмиот случај), кој ќе биде покренет од Специјалното Обвинителство“.

Каде е јавното мислење? Зошто прашањето не е насочено директно до Специјалното ббвинителство и не се чекало одговор? Новинарот не дава многу објаснувања на овие прашања. Само прашува и отвара дилеми јавно.

„По објавената веста на порталот Шќипмедиа дека приватниот Колеџ „Вилсон” во Тетово оди кон затворање, на адреса на порталот Шќипмедиа стигнале многу е-пораки и пораки од учениците од ова училиште и нивните родители.“

Вака почнува текстот со наслов Јавно прашање до Колеџот „Вилсон“ во Тетово,  каде се објаснува зошто се одлучило да се постави јавно прашање.  „Сите ученици ја поддржале веста додека родителите побарале преку порталот Шќипмедиа да и постават неколку јавни прашања на менаџерката на ова училиште Елита Маша и истите да ги земаат на истиот начин…“

Обичните читатели, наводно, не ги познаваат во суштина начелата на новинарската професија, но новинарот треба сам да ги знае и да ги почитува. Ваквите обвиненија или тврдења се први обвиненија и не треба да се објават без да поминат неколку потврдни филтри. Авторот требало да биде активен на терен, да ги сретне надлежните лица од таа институција, да сретне и други вклучени актери, и доколку со ова немало успех, тогаш можеа да дојдат до израз јавните прашања.

Во написот „Дали Невзат Бејта е инволвиран во рушењето на зградите на Албанците во Гостивар?!“ се открива една загриженост, за која новинарот не го прашал претходно Бејта. Се даваат други податоци, други страни, а за Бејта се поставува само јавно прашање.

Во текстот со наслов „Паниката ја тера смешната ДУИ, спас од опозицијата да побара кај Имер Селмани?!“, според авторот, ДУИ „сега се обидува да оживее еден „политички мртовец“, човек кој ги искористи сите привилегии на власта и беше казнет со гласови од народот кога се дознаа неговите силни врски со партиите на власт, албански и македонски. Станува збор за Имер Селмани, кој преку медиумите на власта прави напори за еден „политички поврат“.

Освен коментарите и јавното отворање на дилемата, авторот не направил ниту една професионална и практична работа за да го истражи ова. И другиот текст „Дали Командант Хоџа има за цел да стане пратеник на ДР-ДПА?!“ е исто од оваа природа, со истите недостатоци.

Следува најјасниот пример за тоа како не треба да бидат насочени прашањата во новинарството.

„Четирите прашања на Журнал што го „ставија во непријатна позиција“ министерот за правда, Валдет Џафери?!“ Насловот дава впечаток дека новинарот професионално ја вршел својата работа, посетувајќи го министерот Џафери и поставувајќи му директни прашања за неговите неисполнети обврски. Впечатокот што се дава е дека новинарот бил толку упорен, што министерот очигледно се чувствувал непријатно и не успеал да одговори. Сосема спротивно на ова е содржината на текстот.

Новинарот доставил неколку прашања на е-поштата на Министерството за правда (како да била оваа последната алтернатива за да се добие одговор) и тврди дека со ова го ставил министерот во непријатна позиција. Ваквите прашања со е-пошта обично се избегнуваат уште од службите/администраторите на институциите и многу големи се шансите да не стигнале воопшто до министерот.

Најдобар избор за да се земе еден одговор е да се оди на терен на еден настан каде што е присутен и минитерот и да му се постават директно прашањата. Тогаш може да се каже дали е ставен во непријатна ситуација или не.

Потврдување 

Вистина е дека на конференции или тркалезни маси обично се дискутира за реални проблеми. Доколку овие проблеми се евидентни во општеството, новинарската работа не треба да заврши само со отсликување на тоа што се зборувало на една конференција. Тој треба да излезе на терен за да ги види, да ги допре реалните проблеми и да ѝ даде на јавноста една што пореална слика за што станува збор.

„Презентацијата за модернизација на Термоцентралата Осломеј ги предвидува и мерките за намалување на загаденоста, начинот на транспорт на јагленот од третите земји и неговиот квалитет, кој ќе ја намали и емисијата на гасови“ – пишува во текстот „Кичево, студија за модернизација на Термоцентралата Осломеј“.

Читателот не успева да сфати зошто е потребна оваа „модернизација“, бидејќи не се дава ниту една реална загриженост на вработените или на околните жители. Ниту еден податок за актуелната состојба на оваа термоцентрала. Посета на просториите на термоцентралата и на околните живеалишта е „решение на проблемот“ за новинарот.

За постигнување сензација или неангажирање за да се инспектира теренот, се случило новинарот повторно да ги реактуелизира и вчерашните вести, претставувајќи ги како да се случуваат во моментот кога тој го пишува текстот. Еве еден пример: „Демонстрантите уште го држат блокиран патот: Али Ахмети нема што да бара во Куманово“. Ова е настан од пред еден ден, но авторот не се потрудил да оди на терен за да види што се случува.

Уште еден друг случај со текстот  „Скандал: Хирургот Македонец и ги фрла во лице документите на мајката Албанка“, каде што се вели:

„Еден скандал ја тресе државната болница во Скопје.

Еден ортопед Македонец на револтиран начин и ги фрлил пред очи сите документи на мајката Албанка од Прилеп, која дошла во болницата да ја прегледа нејзината 16 годишна ќерка Е.И. која боледува од тешка болест на рбетниот столб (сколиоза). Ортопедот македонец е со иницијали М.П…“

Се добива впечаток дека иницијалите се дадени за да се покаже сигурност на веста (бидејќи недостигаат фотографии и други податоци), но, доколку авторот е толку детално запознаен со настанот, не е јасно што го спречило да се сретне со овој лекар за да побара објаснување од него и да ги сретне надлежните од болницата за да ги праша дали се запознаени со овој случај. „Инаку, државен секретар во министерството за правда е Насуф Ипче“, се вели во текстот. Авторот директно покажал со прст, но не побарал одговорност. Што го спречило за да ја врши неговата работа професионално, не се кажува. Новинарот има обврска да побара одговорност од институциите доколку се случил некој „скандал“ или неправда.

За крај, да се потсетиме на  Прирачникот за етика во новинарството што одредува кои треба да бидат неколку од новинарските деjства во овој поглед.

  • Изборот на фактите мора да обезбеди објективна информација, имајќи ги предвид сите гледни точки на темата што се третира.

  • Потребата за брзина никогаш не смее да ја загрози точноста, кредибилноста и професионалноста на трудот.

  • Новинарот мора да ја обезбеди „втората страна“, односно да им даде можност на двете засегнати страни да го изразат нивниот став. Ова уште повеќе доаѓа до израз кога новинарот изразува сомнежи или обвиненија или кога некој е предмет на напад или критика.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).