[Рецензија: МАН: Осуда за нападот врз екипата на ТВ21, без одлагање да се санкционираат насилниците ]
Македонската асоцијација на новинари (МАН), во соопштението до јавноста, кое го пренесоа повеќе медиуми, а во кое го осудува нападот на новинарската екипа на Телевизија 21, меѓу другото, изнесе и една дезинформација.
Соопштението навидум е како што треба и претставува нормална реакција, која треба да ја има едно новинарско здружение. Но, она што не треба да го прави едно новинарско здружение е да ја манипулира и дезинформира јавноста.
Линк до оригиналниот напис: МАН: Осуда за нападот врз екипата на ТВ21, без одлагање да се санкционираат насилниците
Датум и време на објавување: 17.4.2019
Датум на рецензирање: 21.4.2019
Рецензент: Симона Атанасова
Имено, од МАН тврдат дека заедно со ЕФЈ и ИФЈ вршат засилен мониторинг на состојбата со медиумите во земјава, особено во текот на изборни процеси, кога новинарските екипи често се мета на напади, закани и насилства од политички активисти.
Но, ова не е точно. Европската федерација на новинари (ЕФЈ) и Интернационалната федерација на новинари (ИФЈ) немале и немаат соработка со МАН.
Со реакција и демант за оваа дезинформација се јави и Генералниот секретар на Европската федерација на новинарите, Рикардо Гутиерез, кој преку две објави на „Твитер“ информира дека ЕФЈ и ИФЈ не соработуваат со МАН. Тој потенцира дека од Македонија соработуваат само со Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ)
Disinformation: @IFJGlobal & @EFJEUROPE are not collaborating with Macedonian Association of Journalists (MAN)https://t.co/Qst27EPwKv
— Ricardo Gutiérrez (@Molenews1) April 18, 2019
.@EFJEUROPE & @IFJglobal only cooperate with their affiliates in Macedonia: @znmsobranie & @SSNM_infohttps://t.co/Qst27EPwKv
— Ricardo Gutiérrez (@Molenews1) April 18, 2019
Ваква груба манипулација е нешто против кое треба да се борат здруженијата на новинари, а не да ги практикуваат. Во ниту еден случај здружение што тврди дека ги заштитува правата на новинарите, медиумите и медиумските работници и интересите на професијата не смее да прави дела што се косат со сите етички правила и кодекси на професионалното новинарство.
Вистинитоста, отчетноста, транспарентноста, неутралноста и професионалноста се работи до кои здруженијата на новинари мора строго да се придржуваат, во спротивност, ќе ги загубат кредибилитетот и угледот што го уживаат не само кај новинарите и медиумските работници, туку и кај пошироката јавност и меѓународната заедница.