Лесно е да се напаѓа, но мора да се праша нападнатиот

 

[Рецензија: Братот на Пендаровски е вработен во Агенцијата за разузнавање – дали Стево ја искористил позицијата за да го вработи?]

 

Текстот што го рецензираме е наменски со цел да се оцрни името на кандидатот за претседател Стево Пендаровски, така што од ракав се вадат стари работи. Имено, во овој текст се атакува врз братот на Пендаровски, но нападите изнесени против него не се издржани.

Линк до оригиналниот напис:Братот на Пендаровски е вработен во Агенцијата за разузнавање – дали Стево ја искористил позицијата за да го вработи?

Датум и време на објавување: 17.4.2019

Датум на рецензирање: 19.4.2019

Рецензент: Ана Анастасовска

Текстот на самиот почеток наведува дека претседателскиот кандидат на СДСМ, Стево Пендаровски, во кампањата го вклучил и своето семејство, сопругата, синот и братот, Војче Пендаровски.

По ова  веднаш се преминува на напад врз неговиот брат, притоа повикувајќи се на анонимни извори.

Како што дознава„Лидер“ од извор во Агенцијата за разузнавање, братот на Пендаровски веќе подолго време е вработен во оваа институција, а со неговото вработување и работа се поврзуваат низа интересни ситуации.

Анонимниот извор тука тврди дека Војче Пендаровски бил вработен во Агенцијата за разузнавање со помош на својот брат, Стево.

Чудно е што Војче Пендаровски се вработува во Агенцијата за разузнавање токму во моментите кога Стево е директор на секторот за аналитика во МВР и портпарол на министерството. Тој е вработен во нашата служба од 1.11.1999. Ако се има предвид дека АР е под директна надлежност на претседателот на државата, излегува дека Пендаровски (кој подоцна беше советник за национална безбедност на претседателот Трајковски и претседателот Црвенковски) и неговиот брат – работеле во иста институција. Во АР се зборува дека токму Стево, кој во моментот на вработување на Војче бил на висока државна функција, е оној што го вработил својот брат во Агенцијата – тврди за „Лидер“ изворот од Агенцијата за разузнавање.

Станува збор за настан од 1999 година. Каква врска има тоа што се случувало пред 20 години со сегашната претседателска кампања на Пендаровски? Се наметнува дека Пендаровски влијаел за вработување на својот брат, а официјална потврда за тоа нема. Не е прашан ниту Пендаровски, дали навистина влијаел неговиот брат да биде вработен. Втората страна од приказната ја нема.

Понатаму се продолжува со напади врз братот на Стево, Војче Пендаровски.

Во минатото имаше неколку напади од негова страна кон колеги. Беше пред бркање, тоа е забележано во неколку службени белешки. Но, секогаш кога ситуацијата ќе дојдеше за Војче да биде избркан од работа – Стево се јавуваше кај менаџментот и со своето политичко влијание го спасуваше од отказ. Сега, поради неговото однесување е оставен без оружје, но префрлен е во архивот на Агенцијата за разузнавање – вели изворот на „Лидер“ од АР.

Повторно имаме изјава на анонимен извор од Агенцијата. Не е побаран став од посочениот, Војче Пендаровски, дали е вистина тоа што изворот го открива. Исто така, тука можело да се побара изјава и од Стево Пендаровски, да каже тој дали е вистина дека некогаш ургирал за брат му да не биде избркан од Агенцијата. Вака пренесени изјавите само од една страна, не се издржани.

Агенцијата за разузнавање е под надлежност на претседателот, што би значело директен конфликт на интереси доколку Пендаровски стане претседател на државата. Во исто време, затоа што Антикорупциската комисија почна да работи и истражува случаи од минатото, во полза на јавниот интерес би било оваа институција да го истражи вработувањето на Војче Пендаровски и дали неговиот брат, кој тогаш бил на висока функција, учествувал во истото.

Кога веќе се повикува Антикорупциска, зошто не е побаран и став од оваа комисија? Новинарот не треба да повикува и прашува преку написот, туку треба да праша и да побара одговор на вистинското место, а потоа таквиот одговор да ѝ го пренесе на јавноста.

Текстот во целина е неиздржан, бидејќи е едностран. Во него имаме само изјава на еден извор, информациите не се проверени убаво и не е консултирана втората страна, а тоа е прекршување на новинарските правила и стандарди.

Понатаму, од авион се гледа дека написот, склопен вака како што е, е политички мотивиран и има цел да го дискредитира Стево Пендаровски така што од ракав се вадат работи што, наводно, се случувале пред 20 години.