Лажните вести не помагаат за сузбивање на епидемијата со морбили

[Рецензија: Епидемија од морбили. Филипче му понудил оставка на Заев, поради големиот број жртви]

Насловот на текстот што го рецензираме не нуди доказ за тврдењето што го изнесува, дека наводно министерот за здравство, Венко Филипче, му понудил оставка на премиерот, Зоран Заев, поради епидемијата на мали сипаници. Во написот нема потврда од двата релевантни извора што требало да бидат контактирани,  Владата и  Министерство за здравство.

Линк до оригиналниот напис: Епидемија од морбили. Филипче му понудил оставка на Заев, поради големиот број жртви

Датум и време на објавување: 13.4.2019

Датум на рецензирање: 17.4.2019

Рецензент: Силвана Жежова

 

После вчерашната трагедија на штипјанката која го загуби своето неродено бебе во шеститот месец од бременоста, како последица на епидемијата од морбили, министерот Филипче разговарал со премиерот Заев и му понудил оставка од морални причини.

Кога се пишува за наводна оставка на одреден министер, тврдењето не може, а да не биде поткрепено со изјава од надлежното министерство за кое се пишува, како и од Владата, местото каде што се депонира оставката. Текстот има интенција последиците од епидемијата да му ги припише на Филипче, како и вината за нивното ширење. Веста беше преземена од неколку портали, а министерот за здравство Венко Филипче ја демантира, односно ја нарече лажна.

Епидемијата е резултат на падот на колективниот имунитет, поради катастрофалните политики на претходната Влада во изминатите години и негрижата за здравјето на граѓаните. Доколку не прогласевме епидемија, сега државата ќе беше парализирана од огромен број заболени лица, напиша Филипче на својот фејсбук-профил.

Инаку, Комисијата за заразни болести при Министерство за здравство на 16 април прогласи епидемија на мали сипаници на целата територија, така што препораките сега важат за целата држава.

Тоа значи дека се забранува посета на градинки на сите деца што се невакцинирани согласно календарот за имунизација, сите здравствени работници мора да бидат вакцинирани со две дози на МРП-вакцина, како и учениците од медицинските училишта. Таа мерка се спроведува на територијата на Град Скопје, а сега треба низ целата држава. Се забрануваат посетите во болниците, учителите треба да бидат проверени за вакциналниот статус“, изјави претседателот на Комисијата за заразни болести, Владимир Микиќ.

Текстот што е предмет на оваа рецензија се обидува да ги претстави абортусите што настанале како последица на морбили како нешто што не е вообичаено за ова заразно заболување, без да се има предвид дека тоа се последици за здравјето на трудниците, доколку во бременоста заболат од морбили. Оттука и апелот за зголемување на степенот на вакцинација, имајќи предвид дека тие се една од ризичните групи на пациенти, како и децата под една година. Имајќи ја предвид сериозноста на темата, несериозно е да се изнесуваат непроверени информации, кои ниту помагаат во сузбивањето на заразата ниту некому се полезни.