Манипулации со емоции не се дел од професионалното новинарство

Autor i karrikaturës: Alfred Garzon
Autor i karrikaturës: Alfred Garzon

Автор на карикатурата: Aлфред Гарзон

 

Зошто читателот не треба да стане „жртва“ на информациите што имаат цел преку манипулација со нивните емоции да се продаваат како „вести“? Како може читателот да ги препознае написите што се базираат на лични напади и имаат тенденција да го докажат само тоа што авторот сака да го прикаже, но не и објективната реалност?

 

Пишува: Ферикан Илјази

 

Повикувањето на емоциите на читателот го замаглува правичното судење за темата за која се пишува

„Повикувањето на емоции“ е една од техниките за манипулација што ја користат авторите, кои обично се непознати и речиси секогаш ги среќаваме на онлајн-платформите, кога ги подготвуваат и пишуваат нивните текстови. Според истата, во текстот се користат аргументи што не се темелат на објективни факти, туку на убедувања, понекогаш лични на авторот, понекогаш и на одредени други кругови. Јазикот што се користи е симболичен, моќен и има цел да ги нападне емоциите на читателот за тој да верува во она што е напишано и да се убеди. Речиси секогаш, таквите текстови имаат и „шокантни“ фотографии или фотографии што ги будат основните човечки емоции: бес, радост, горчина, симпатија и други. Со оглед на моќта на убедувањето што ја имаат емоциите, авторот намерно ги активира во текстот, мајсторски прикривајќи дека нема докази за логично и рационално аргументирање.

 

Напад против одредено лице, а не против одредено прашање

Кога авторот сака читателот да биде убеден и да верува во она што го напишал, но за кое нема докази, за да ја докаже веродостојноста на написот, ја користи техниката „Личен напад“. Таквата тенденција е намерна за да се дискредитира и да се навреди лично некое лице, но не и појавата за која се пишува. Ако авторот нема факти за да го убеди читателот дека одредена теза што е пласирана од некој е штетна, посегнува кон убедување на читателот „зошто” лицето што стои зад идејата или тезата е „лошо” и ја погазува неговата личност.

 

Авторот упорно ве убедува дека е во право

Во напис што не може да се нарече вест, може да ја увидиме и тенденцијата на авторот да го потврди тоа што го мисли, а не тоа што, всушност, е вистинито. Оваа техника на манипулација се нарекува „Тенденција да се потврди личното гледиште“. Во тој случај авторот на написот ја презема задачата да ги најде сите елементи што ќе му помогнат да докаже дека е во право. Тој ги избира информациите, фотографиите, зборовите, па дури и фактите што му се потребни за да оформи целосна „вест“, која целосно е наклонета кон една идеја, која обично е идеја на самиот автор.

Примерот што најдобро ги одразува овие техники е овој текст, кој се однесува на многуте реакции за филмот „Ругање на Христос”. Бидејќи има сцени што упатуваат на искривување и извртување на борбата што ја водеше УЧК, авторот на текстот ја користел оваа „слабост“ и направил вест за наводната „среќа“на поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, на премиерата на филмот.

 

Да дешифрираме за читателите зошто овој напис не е вест.

Во овој текст се прават обиди за манипулирање со чувствата на читателите, особено албанските, бидејќи тие се поврзани со ликот на УЧК.

  1. Прикажувајќи го Чавков како „среќен”, авторот сакал на читателите да им создаде чувства на омраза и негативни емоции, бидејќи „еден поранешен македонски функционер се смее и потсмева“ со организацијата на војната. Она што е уште поинтересно е фактот дека фотографијата не докажува оти тој има емоции на среќа.
  1. Но, овој гаф не го спречил авторот да го објави текстот во кој припишувајќи му го атрибутот дека бил среќен „со филм што е несреќен за тие што го ценат симболот на албанската војна”, тој jа напаѓа личностa на поранешниот функционер, прикажувајќи го како лош човек, кој се радува на несреќата на другиот.
  2. Со овој напис авторот ги изоставил сите други факти и избрал да го прикаже неговото гледиште дека Чавков бил среќен.

Да не заборавиме, Етичкиот кодекс на новинарите на Македонија во врска со оваа ситуација вели:

„Новинарот нема свесно да создава, ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…)“.

Читателот треба да внимава на написи што потпалуваат емоции

Во идеалниот свет на новинарството ваквите написи не би ни се појавиле на медиумскиот хоризонт. Фотографиите од една премиера би биле дел од напис што би претставувал вест за премиерата и не би се концентрирал на толкување на лицата на учесниците, без разлика дали се среќни. Кога читателот гледа таков текст, кој не претставува никаков јавен интерес, а кој се повикува на емоции, треба веднаш да бара објективни факти, да се сомнева во мотивите на авторот и ако авторот е непознат, треба веднаш да знае дека написот не е стандардна новинарска вест.