Фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс меѓу многуте компании, фондации и проекти, ја поддржува и британската биотехнолошка компанија „Окситек“, која работи на прoeкт чија цел е да го намали ширењето на болести кои се пренесуваат преку убод од комарец. Во 2018 година беше објавено дека Фондацијата на Мелинда и Бил Гејтс склучила договор за соработка со „Окситек“ со седиште во Велика Британија за развој на овој проект. Тоа не значи дека Бил Гејтс ќе ги пушта комарците, ниту, пак, дека изјавил такво нешто
„Ќе пуштам илјадници генетски модифицирани комарци“, луѓето стравуваат од планот на Бил Гејтс. Текст со ваков ударен наслов се шири на социјалните мрежи и освен паника кај луѓето, предизвикува говор на омраза и провоцира купишта навреди.
Богатството на Бил Гејтс му овозможува да донира и да инвестира во различни проекти низ целиот свет. Тоа, исто така, го прави честа мета на теории на заговор, како и во овој случај со модифицираните комарци.
Насловот, кој е сензационалистички и тенденциозен, е клик-бејт и ја доведува во заблуда јавноста. Во насловот е цитирана изјава на Бил Гејтс, која што воопшто не постои. Тој никогаш не изјавил „ќе пуштам илјадници генетски модифицирани комарци“. Освен што ваква изјава не постои, односно е измислена, ѝ недостига и сериозен контекст.
Кога ќе се спомне Бил Гејтс и ГМО во една иста реченица, и кога тоа ќе се склопи во наслов кој потоа се шири на социјалните мрежи, се добива плодна почва за креирање теории на заговор и дополнителни контроверзии околу името на овој милијардер.
На социјалните мрежи најчесто најголемо внимание предизвикува насловот, кој е крајно сензационалистички и на кој му недостига контекст за да биде правилно сфатен. Вака составениот наслов доби големо внимание на „Фејсбук“ и ако се погледнат коментарите, може да се заклучи дека голем број од корисниците не го прочитале целосно написот, туку изградиле мислење само врз основа на насловот. Тоа го сведочат речиси 650 коментари на објавата, од корисници на социјалната мрежа кои поверувале директно на насловот, а го испуштиле контекстот на информацијата.
Насловот, исто така, манипулира и преку зборовите „луѓето стравуваат од планот на Бил Гејтс“, а внатре во текстот се додава и дека наводно „локалното население е крајно скептично.“ Но, ова не е аргументирано на задоволителен начин. Сè што може да се најде во текстот како поддршка на ваквите тврдења се две изјави од локални жители од кои едната е анонимна. Кога имате само две изјави, не може да се генерализира и да се каже дека локалното население било „крајно“ скептично, ниту, пак, тврдењето дека наводно луѓето стравувале од ваквиот план да се стави во насловот на текстот. Една изјава на именувано и уште една изјава на неименувано лице не можат да се искористат за таква сеопфатна генерализација каква што е зборот „луѓето“ и тоа во самиот наслов. Тоа е комплетно манипулативна постапка преку која на насловот му се дава контекст, кој е несоодветен со она што го пишува во самиот напис.
Внатре во текстот е објаснето за што станува збор и која е целта на овие генетски модифицирани комарци. Дека не станува збор за ништо лошо, туку за борба против болестите што ги пренесуваат комарците.
Како Бил Гејтс е поврзан со сето тоа?
Фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс, меѓу многуте компании, фондации и проекти, ја поддржува и британската биотехнолошка компанија „Окситек,“ која работи на проект чија цел е да го намали ширењето на болести кои се пренесуваат преку убод од комарец.
Во 2018 година беше објавено дека Фондацијата на Мелинда и Бил Гејтс склучила договор за соработка со „Окситек“ со седиште во Велика Британија за развој на овој проект. Тоа не значи дека Бил Гејтс ќе ги пушта комарците, ниту пак, дека изјавил такво нешто.
Комарците убиваат околу 830.000 луѓе годишно низ светот. Тоа ги прави посмртоносни од кое било друго животно на Земјата. Според Светската здравствена организација, со маларија, која се шири преку каснување од женски комарци, се заразуваат повеќе од 200 милиони луѓе годишно, а убива скоро 500.000, од кои повеќето се деца. Затоа, Фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс со години вложува ресурси во борбата против болеста, вклучително и грант од 150 милиони долари во 2014 година за развој на вакцини.
Генетски модифицираните машки комарци, креирани од „Окситек,“ ќе бидат пуштени во природата за да се парат со женките (кои касаат и пренесуваат болести) и ќе им пренесат на своите потомци „самоограничувачки“ ген наменет да ги убие идните генерации женски комарци пред да станат полнолетни.
Овој проект има целда ја намали употребата на пестициди кои се користат за истребување на комарците, а може да се штетни за преостанатиот жив свет.
Дека проектот не е штетен, ниту претставува каква било опасност за човештвото, говори фактот што тој е одобрен од Агенцијата за заштита на животната средина на САД, Одделот за земјоделство и потрошувачи на Флорида, како и од Центрот за контрола на болести на САД.
Не сè што е поврзано со генетска модификација по правило мора да значи дека е штетно. Па, ако прочитате ГМО во насловот, немојте веднаш да помислите дека станува збор за нешто лошо. Прочитајте повеќе на оваа тема, информирајте се од повеќе независни извори пред да донесете каков било заклучок и истиот да го споделите како коментар или објава на социјалните мрежи.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.