Маските против корона не се „ѓаволски инструмент“ – спасуваат милиони човечки животи!

Маските како заштита од корона вирусот упорно се мета на разни поединци и групации. Овој пат против нив се изјаснуваат и верски организации од православието, кои на страниците на Фејсбук на македонски јазик пренесуваат пост против маските од грчки владика, со основно тврдење дека тие биле „инструмент на ѓаволот“

Пост објава на Фејсбук на страната на верска организација ги нарекува маските за заштита од пандемијата со корона вирусот „ѓаволски инструмент“ и со тоа директно агитира против овој вид заштита преку лажна вест, т.е. невистина.

Постот е објавен на страницата на религиозна организација СЛОВО Против Сектите и во него се вели:

Маска, тој ѓаволски инструмент, сега насекаде доминира, полека влегува насекаде во Православната Црква, можете да видите, епископи, ѓакони, свештеници и лаици исклучиво во маски, кои се демонски изум. Следствено на тоа, ѓаволот влезе во умовите на некои свештеници и ги има блокирано, каква срамота!

Санитарните мерки за „заштита” на свештенството и мирјаните се знак за приближување на епохата на Антихристот.

Митрополит Амвросије Калавритски

С нами Бог!

Пост со иста содржина може да се види и на страниците на други слични верски заедници или поединци, како што е, на пример, оваа тука. А, ако се види датумот и часот кога се објавени двата поста, произлегува дека станува збор за синхронизираност.

Се разбира дека станува збор за лага, лажна содржина. Маските за заштита на луѓето не можат да бидат никаков „ѓаволски инструмент“, туку тие се научно-медицински докажан инструмент на заштита од секакви отрови што доаѓаат преку воздух, т.е. заштита од бактерии и вируси како патогени организми што му штетат на човечкото здравје.

Впрочем, маските како заштита на луѓето биле масовно употребувани и за време на т.н. „шпански грип“, кој покосил меѓу 20 и 50 милиони од популацијата на човештвото по Првата светска војна. Тие биле популаризирани од весниците и биле објавувни фотографии како правилно да се носат. За жал и тогаш имало спротивставување на носењето маски од незнаење или од други причини, а внимателно проучување на тогашните протоколи или квалитетот на маските (биле направени претежно од газа), покажува зошто тие тогаш не успеале да го спречат во поголема мерка ширењето на „шпанскиот грип“.

Огласи во американски весници за правилно носење маски од 1918. Фото: Национална библиотека за медицина на САД

Маските во услови на немање пандемии се носат регуларно во здравството повеќе од 100 години, а специјализирани маски што спречуваат микрочестички се носат од поодамна во средини со екстремно загаден воздух.

За време на последнава пандемија употребата на маски беше веднаш препорачана од Светската здравствена организација (СЗО), со тоа што во почетокот само за оние што се заболени и за здравствените работници што се справуваат со заразата и заболените, а веќе на 5-ти јуни маските се препорачани за многу поширок круг луѓе. СЗО има посебна страница на која појаснува кои и какви маски треба да носат различни категории луѓе. Маските како мерка на заштита, заедно со хигиена на рацете и со физичката дистанца („свето тројно правило“ против пандемијата), уште на почетокот беа препорачани и од нашите здравствени власти, на 17-ти март 2020 г.

Противниците на носење маски, најчесто на социјалните мрежи, ја употребуваат тезата дека и луѓе што носат маски се заразиле од корона вирусот или, пак, дека маските предизвикувале хипоксија, односно го спречувале внесувањето на кислород во организмот во доволна количина, а во исто време задржувале одредено количество на штетниот јаглерод моноксид при издишувањето да се исфрли надвор. И двата мита се успешно разбиени од стручни организации во светот, како, на пример, Центарот за контрола на болести на САД, кој според научна студија откри дека огромен процент од тие што се заразиле, а носеле маски, најмалу два пати неделно ручале во ресторани, при што не носеле маски (види ТУКА). Вториот мит дека маските спречуваат внес на кислород и излез на јаглерод моноксид е разобличен, исто така, од учени лица кои се експерти за вакви проблематики, а проверени од сервиси за проверка на факти како оној на „Ју ЕС Тудеј“ (види ТУКА).

Имајќи ги предвид, пред сè, фактите, сосема е јасно дека постот што го реценираме е со лажна содржина, потпишан, наводно од грчки владика, кој е со контраверзно минато (осуден на условен затвор за ширење на говор на омраза против ЛГБТ заедницата) и дека прави огромна штета на јавното здравје, од чиј квалитет зависи животот на луѓето, вклучувајќи ги и верниците.

Постот што го рецензираме за кратко време има 205 реакции, 12 коментари, претежно во насока против маските и 24 споделувања.
(vistinomer.mk)

 


Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени 
од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонснаведи извор-без изведени дела.