Медиумите во служба на јавниот интерес, а не на партиите

Пишува: Џенис Сулимани

Организирањето и дејствувањето на политичките партии претставува една движечка сила на демократските процеси. Партиите се разликуваат една од друга преку идеологијата што ја бранат, а нивната цел е власта – институционалната сила – за да владеат со политичките процеси кои се однесуваат на општиот интерес. Зборот партија (политичка) доаѓа од латинскиот збор парс – што значи „дел“ и од зборот „партие“ – што значи поделба. Оттука, можеме да кажеме дека една политичка партија не е само еден дел од јавниот интерес или од општествената целина.

Затоа, медиумите не треба да се фокусираат само на една политичка партија бидејќи целта на медиумот е јавниот интерес како целина, а не само дел од него. Медиумот има цел да даде една слика за партискиот и политичкиот колорит. На овој начин, медиумот ѝ ја овозможува на јавноста реалната слика врз политичките околности, партиските обиди и резултатите. Еден ваков пристап би ѝ дал додатна вредност на демократијата и би создал простор за самите граѓани, на информиран начин да одлучат за партиските и за идеолошките бои.

Во Македонија, разни медиуми се веќе обоени политички, пропагирајќи за еден „парс“ (читај: парцијален/групен/клански интерес), на општеството, отфрлувајќи, притоа, еден друг дел како непостоечки или нерелевантен.

Политичките дебати се најдобриот начин за да се заврши прашањето што го покренав во оваа лекција. Дебатата, како една од областите каде што можат да се „судрат“ идеите на разните партии за политичките концепти и реализирањето на политика, во интерес на јавноста е да се пренесе преку медиумите на транспарентен и непристрасен начин.

Во продолжение ќе прикажам неколку негативни примери на пренесување или емитување на политичките дебати во други медиуми, каде наместо да се известува за дебата, во целост се даваат вести само од една партиска линија. Вака, наместо медиумот да ја врши услугата кон општеството, давајќи целосни информации и во интерес на јавноста, тој му служи само на еден „парс“ од целината.

„Меџити има еден одговор за Ибрахими од Беса

Во меѓувреме, потпретседателот на ДУИ, Изет Меџити, имал еден одговор за претставникот на движењето Беса, Зеќирија Ибрахими, кој на тркалезната маса одржана денеска во Скопје му поставил едно прашање на Меџити. „До мојот пријател Зека, имам еден одговор: Кога критикувате од утро до вечер и ние трпиме, трпете и вие една мала критика кон вас“.“

Новинарот не треба да си даде себеси привилегија за да биде диригиран од партиски убедувања кога ја врши новинарската функција. И, во ниту еден момент не смее да стави акцент само врз едната страна, ингорирајќи ја другата страна што учествува токму во истата дебата.

„Зеќирија Ибрахими го надмудри Изет Меџити?!

Во една дебата, организирана вчера од Албинфо.цх, каде дискутираа албанските партии, аналитичари и истражувачи од земјава, од Швајцарија и од Косово, во неговиот збор потпретседателот на ДУИ, Изет Меџити, без да биде во тек со дискусијата, го обвини движењето Беса дека стопанисува со два медиуми.“

Пристрасноста кон една партија нема врска со новинарството. „Новинарот треба да обезбеди професионално растојание од политичките субјекти“, советува Етичкиот кодекс на новинарите.

Карактеристика на демократијата е големиот број на политички партии, различните концепти што излегуваат на виделина за развојот на општеството, како и објективниот пристап на медиумите кон различните ставови за правењето политика. Затоа, улогата на медиумот е важна и помага во развојот на демократијата. Меѓутоа, ова се случува само во момент кога се пристапува кон сите партии како компонентен дел од целината, и не делејќи ги и изолирајќи ги според личното убедување или други начини. Читателот треба да добие реална слика за сите политички концепти што ги разликуваат партиите и на крај, преку својата волја, да го одбере концептот кој нему му се допаѓа. Но, уште еднаш ќе истакнам, само во моментот кога медиумот ги нуди објективно сите партиски идеологии. Секој друг пристап се смета за недемократски и со тенденција да се засилат системите на едномисленоста.

„НЕЗИРИ, ДО РАМАДАНИ: Зошто никогаш не дадовте објаснување за Бит Пазар?!

Шефот на централниот изборен штаб на ДУИ, Беким Незири, рекол дека во историјата на Албанците во плурализамот континуирано имало такви случаи како што беше кумановскиот или „Монструм“, (и кога владееле други албански партии), што како прашање беше поставено од страна на поранешниот пратеник на ПДП, Исмет Рамадани, сега политички аналитичар.“

Еден друг пристап или начин за да се „прикова“ другата партија или идеологија, го фаворизира или му дава значајност на „напаѓачот“, но не и на нападнатата страна.

„Исмет Рамадани го „прикова“ Беким Незири

Познатиот албански аналитичар во Македонија, Исмет Рамадани, во дебатата во „Клик плус“ на „ТВ 21“, насочил остри критики кон албанската партија на власт, односно кон претставникот на оваа партија, Беким Незири, пренесува новинската агенција ИНА.“

Политичките партии, имајќи ја предвид силата на медиумското влијание, често се обидуваат да ги привлечат материјално сопствениците на медиумите. Оваа тенденција, доколку има целосен успех, ќе доведе до тоа медиумите и новинарите да бидат слуги само на еден дел од општеството, а не слуги на општиот јавен интерес – што е клучна мисија на новинарството.

На крај, новинарите треба да бидат „платеници“ само на јавниот интерес, а не на политичките партии. Медиумот треба да ја одгледува и да ја зајакнува демократијата и да не пропагира само за една партија, дејство што води кон недемократски и авторитарни системи.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).