Мерењето температура на чело не влијае на епифизата и нема врска со ,,третото око”

 

Вирален пост на Фејсбук илустриран со фотографии инсинуира дека со топломерите кои се користат за мерење на температура од челото, се влијае на епифизата. Како илустрација на ова поставена е фотографија од антички египетски симбол за заштита, ројална власт и добро здравје ,,Окото на Хорус”. Постот е споделен 155 пати. Неговата текстуална содржина е:
Не знаете за вашата пинеална жлезда?
Тука сатанистите не фатија.
Свесност.
Меѓу мерењето температура со бесконтактен термометар и окото на Хорус нема ама баш никаква поврзаност. Окото на Хорус е стар египетски симбол чија намена е да го штити фараонот во задгробниот живот и да го чува од зло. Старите Еѓипќани и морнари од Блискиот Исток го сликале овој знак на нивните бродови за да осигураат дека ќе имаат безбедно пловење. Во египетската митологија, окото не е пасивен орган за вид, туку агент за акција, заштита или злоба.
Грците и Римјаните верувале во митот дека моќта на окото да произведува енергија, всушност има и моќ да оттргне зли магии со само еден поглед. Поради тоа што античките Грци и Римјани верувале дека на злото око може да му се спротистави добро око, се појавиле и митови за Хорус.
Пинеалната жлезда односно епифизата, кај човекот е во вид на шишарка со големина на зрно од пченка од 8 милиметри. Во детството е најразвиена, а по настапувањето на половата зрелост се намалува. Излачува хормони кои го кочат предвременото полово созревање. Се наоѓа одозгора на задниот дел на меѓумозокот. Се смета дека припаѓа на жлездите од ендокриниот систем и делува на растот и развојот на јајчникот и семеникот.
Директорот на Клиниката за неврологија, доктор Иван Барбов за „Вистиномер“ изјави дека со топломер не се влијае на ниеден начин на пинеалната жлезда односно на епифизата, која што лачи мелатонин.
Оваа жлезда продуцира хормон мелатонин. На неа не може да се влијае на ниеден начин со детектор за температура, рече доктор Барбов.
Научникот Габриел Гирардау за Асошиејтед Прес изјавил дека дури и кога инфрацрвено зрачење би било насочено од топломерот кон епифизата, самата епифиза е толку длабоко сместена во мозокот што зраците не би можеле да ја допрат.
Но, уште поважно е дека пинеалната жлезда кај птиците навистина е лоцирана веднаш под черепот и се содржи од клетки сензитивни на светлина. Но, за цицачите ова не е случај!
Да се мери температурата со бесконтактен термометар на челото е препорака и од Светската здравствена организација. На нивната официјална страница пишува дека лицето кое ја мери температурата треба строго да ги следи препораките на производителот и да го постави термометарот пред челото додека пациентот е во статична положба за време на мерењето. Дистанцата меѓу термометарот и челото зависи од упатствата на производителот. Топломерот треба да се одржува чист и сув, а екранот за мерење да не се допира.
Не е вистина дека пинеалната жлезда на било каков начин е афектирана од бесконтактен толомер.