Министерката за образование, Мила Царовска, во обемното интервју за „Мета.мк“, објавено на 14 септември 2020 г., ја посочува потребата од воведување на медиумската писменост во државниот образовен систем.
На прашањето дали во контекст на потребите за соочување со напливот на дезинформации има шанса медиумската писменост да се воведе како наставен предмет или, пак, да се распореди тематски во основното и во средното образование, министерката Царовска одговора:
Во ова Министерство, во план е да се направи нова концепција за основно образование. Јас сметам дека во тој дел доцна е ако вложуваме во средно или високо, туку треба идните генерации, почнувајќи од прво одделение, да научат што се лажни вести. Тоа влегува и во светот, во еден дел на дигитална писменост. Препознавањето на што е лажно, а што е вистинито. Сметам дека во таа концепција треба да влезе медиумската писменост. Можеби не како посебен предмет, но треба да провејува во сите предмети и да имаме една таква нишка – вели Царовска.
Министерката смета дека на ниво на носење јавни политики „тоа е едноставно за воведување како документ, но после тоа заеднички со граѓанските организиции и со високото образование треба најдеме начин како да оспособиме наставен кадар што тоа добро ќе им го пренесе на учениците“.
Според Царовска, спремноста за соочување со медиумските манипулации „треба да стане дел од интиуитивното реагирање кај секој иден граѓанин којшто сега го градиме низ образовен систем и создаваме личност која понатаму критички ќе мисли и ќе може да процени што е вистинито, а што не“.
Покрај другото, Царовска во интервјуто зборува и за подготвеноста на системот во вонредните услови поради борбата со пандемијата на Ковид-19, на дваесетина дена пред стартот на новата учебна година, за можноста да се исправат грешките од минатото, како и за дигиталните вештини што ги поседуваат наставниците
Во однос на проценката на МОН на нивото на дигиталните вештини штп ги поседуваат наставниците и професорите, министерката вели дека има големи индивидуални разлики во нивната подготвеност.
Многу е различно нивото. Тие се главна алка во системот. Во минатото не сме инвестирале многу во обуки на наставници. Тие сега може да се поделат во две групи – едните се проактивни и вложуваат во себе и во наставата, а другите не следеле новини во образовниот систем и ним им е потешко. Но, сите заедно со една мотивација ќе успееме да извадиме максимум од потенцијалот што го имаме. Повозрасните помалку имале веројатно пристап до дигитални алатки, но секако имаат желба. Ќе има и отпор кон ново. Секој од нас е резистентен на некои новини, но полека но сигурно ќе ја менуваме насоката и ќе се Приспособуваме на новото време – посочува министерката.
Целото интервју на министерката за образование и наука е достапно на веб-страницата на агенцијата „Мета.мк“.