Наслов што нема врска со текстот

 

 [Рецензија: СЈО заминува во историјата, договориле лично Мицкоски и Заев ]

Насловот на текстот што рецензираме алудира дека Специјалното јавно обвинителство нема да постои, што воопшто не е точно, бидејќи власта и опозицијата сè уште бараат модел како СЈО ќе функционира во рамките на Јавното обвинителство. Изречното тврдење во насловот – дека СЈО нема да постои, воопшто го нема внатре во содржинскиот дел на написот. Така што, насловот и текстот не се во корелација, односно, во текстот нема поткрепа на тврдењето во насловот.

Линк до оригиналниот напис:  СЈО заминува во историјата, договориле лично Мицкоски и Заев

Датум и време на објавување: 9.4.2019

Датум на рецензирање: 12.4.2019

Рецензент: Силвана Жежова

 

Заклучено било дека СЈО нема да продолжи да функционира во оваа форма како досега, но и дека начелно е договорено опозицијата да предложи нов Јавен обвинител. Останало да се договори временска рамка во која тоа ќе се реализира. Јавен обвинител предложен од опозицијата е барање на опозицијата со кое се сака да се гарантира дополнителна непристрасност во процесите што се одвиваат за докажување на правдата.

Текстот ги изнесува општопознатите ставови на власта и на опозицијата по однос на прашањето на Специјaлното јавно обвинителство и со ништо не е поткрепена насловната конструкција дека СЈО нема да постои. Тоа што „СЈО нема да продолжи да функционира во оваа форма како досега“ не значи дека нема воопшто да постои. А, токму тоа е и поентата на разговорите помеѓу власта и опозицијата, да се договорат како да продолжи да работи во рамките на Јавното обвинителство.  И, конечно, зошто би преговарале за нешто што не би постоело?!

Владата на својот твитер-профил се изјасни во однос на тврдењето на овој текст и демантира дека СЈО заминува во историјата.

Со став се јави и министерката за правда Рената Дескоска, која на својот фејсбук-профил текстот го оцени како „паралелна реалност“.

 

Преговори без јавност

Последната средба помеѓу власта и опозицијата во врска со Законот за јавното обвинителство се одржа на 8 април, но ниту едните ниту другите не открија детали дали нешто е договорено во врска со прифаќањето на поднесените амандмани на опозицијата кон овој закон. Преговарачките тимови договориле јавноста да биде исклучена од преговорите.

Според последната изјава на премиерот Зоран Заев на оваа тема, преговорите продолжуваат.

Преговорите течат. На последната средба што ја одржавме заедно договорено е да продолжат разговорите за да се најдат сите правни аспекти на одредени дискутабилни прашања што постојат помеѓу двете страни. Убедени сме дека е можно да се најде решение ако, пред сè, се мисли на државата, на создадениот систем на СЈО со својот капацитет, за кој е обврска и државна и граѓанска да продолжи, секако и од аспект на тоа колку е важен Законот за обвинителството заради правосудните реформи, но и за евроинтеграцијата на државата. (Заев)

Од ВМРО-ДПМНЕ, исто така, потврдија дека разговорите за споменатиот закон течат, но и оттаму не соопштуваат детали за средбата и напоменуваат дека е договорено на средбите на преговарачките тимови да биде исклучена јавноста.

Да се направи еден амбиент во кој работните групи ќе се посветат на предлог-текстот, а не на медиумска борба. Не би коментирал до каде е текстот и каков е текстот. Разговорите течат и се во насока да се постигне квалитетен, издржан предлог-законски текст поддржан од опозицијата во рамките на долготрајно решение за Јавното обвинителство во Република Македонија, изјави Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Насловот на текстот е демантиран од сите релевантни чинители во овој процес, а истиот му штети на донесувањето на Законот за јавното обвинителство, кој е дел од реформите во правосудството, што се многу значајни на патот кон ЕУ. Според министерката за правда, Рената Дескоска, законот треба да има одредени квалитетни решенија, одредени стандарди на кои што јасно укажува ЕУ, и тоа е црвената линија од која не смеат да отстапат ако сакаме државата да ги отвори вратите за преговори.