Не е прашан Костадинов дали се подновил со стан во „Џевахир“

 

 [Рецензија: (ФОТО) Костадинов се подновил со стан во „Џевахир“ – го крие во анкетниот лист?!]

Едностран текст полн со паушални обвинувања, без докази и без прецизни извори. Написот тврди дека пратеникот и портпарол на СДСМ, Костадин Костадинов, поседува стан во висококатниците „Џевахир“ во Аеродром, но медиумот не се потрудил да го праша Костадинов дали е тоа вистина.

Линк до оригиналниот напис: (ФОТО) Костадинов се подновил со стан во „Џевахир“ – го крие во анкетниот лист?!

Датум и време на објавување: 4.4.2019

Датум на рецензирање: 10.4.2019

Рецензент: Симона Атанасова

Обвинувањата се темелат на две фотографии за кои се тврди дека го покажуваат Костадинов како влегува во зградата во која наводно поседува стан.

Но, фотографиите се мошне нејасни. На нив е прикажан човек што навистина влегува во една од зградите на „Џевахир“, но не може со сигурност да се каже дали тоа е Костадинов. Човекот е сликан од грб, не му се гледа ликот, ниту нешто по кое читателите навистина ќе бидат убедени дека тоа е портпаролот на СДСМ.

Но, дури и фотографиите навистина да го покажуваат Костадинов, тоа не е ама баш никаков доказ дека влегува во свој стан. Постои голема веројатност дека можеби оди некаде на гости или посета, особено затоа што фотографиите, според облеката што ја носи човекот, се направени во еден ден.

Во текстот се вели дека фотографиите и информацијата доаѓаат од „загрижени граѓани“. Меѓутоа, не се знае кои се тие граѓани што „информирале“ дека Костадинов си купил стан во зградите „Џевахир“.

Веќе неколку месеци едноподруго го гледаме како секојдневно влегува и излегува од една од зградите на Џевахир, поточна зградата насловена А. Соседите велат дека тука си купил стан. Па се прашуваме како толку млад успеал да собере пари? – велат за „Лидер“ загрижените граѓани.

Од оваа „изјава“ не е  јасно кој тврди и кој ги доставил информациите до медиумите.

Инаку,  секако дека граѓаните имаат право да искажат сомневања. Но, во конкретниот случај новинарот не си ја завршил својата работа. Должност на новинарите е да ги проверат информациите пред да ги пласираат во јавноста и да креираат јавно мислење.

Најчудно од сè е што медиумот го повикува Костадинов да каже „на чие име е станот во кој што очигледно живее“. Костадинов можел да каже ако некој го прашал. А тој некој треба да е новинарот што ги објавил тврдењата без да ги провери и да ја праша засегнатата страна, односно без да побара изјава/став од Костадинов. Меѓутоа, за жал, во оваа објава не е испочитувано основното новинарско правило да се објавуваат точни и проверени информации (член 1 од Кодексот на новинарите).

Пишуван во тој стил, овој едностран текст тврди уште и дека Костадинов го крие имотот од ДКСК и од граѓаните, „по примерот на неговите колеги од СДСМ“. Се поставува прашањето кој пример и кои колеги? Во написот не е посочено на кои личности точно се мисли, па тврдењето останува да лебди во воздух.

Така што, гледано во целина, овој текст остава впечаток дека има видлива тенденција да го дискредитира портпаролот на СДСМ.