Постот шири дезинформации поврзани со составот и квалитетот на вакцините. Нема докази дека вакцините содржат графен оксид. Посочениот документ во текстоt што е линкуван во постот не е студија објавена во престижно научно списание од својата област, која обезбедува „печат на квалитетот“ на научната работа. Исто така, нема докази дека текстот е потврден од научната заедница во процесот познат како рецензија, во кој се проверуваат методологијата, толкувањето, резултатите и заклучоците
Објава на „Фејсбук“ ја манипулира јавноста дека „нема сомнежи повеќе“ оти вакцините против ковид-19 се штетни. Постот споделува напис во кој се наведува дека шпански тим научници ја откриле тајната на магнетизмот кај вакцинираните лица, односно дека тие содржат графен оксид. Не е точно дека вакцините предизвикуваат магнетизирачко дејство, ниту, пак, има докази дека тие содржат графен оксид.
Тим на шпански истражувачи и професори предводен од биостатистичарот Рикардо Делгадо и др. Хозе Севилано внимателно ја погледнаа вакцината против корона. Резултатите се загрижувачки. Вакцините се чини дека содржат графен оксид, се вели во написот.
Текстот посочува дека истражувачите ја ставиле вакцината под електронски микроскоп за пренос (ТЕМ) и откриле дека таа во најголем дел е изработена од графен оксид, кој може да ги направи луѓето магнетни и да предизвикаат згрутчување на крвта и смрт. Под текстот има и видео во кое Рикардо Делгадо и Хозе Севилано споредуваат фотографии од некој материјал и графен оксид.
Извештајот го подготвил професор Пабло Кампра Мартин од Универзитетот во Алмерија, во Шпанија.
Во текстот, најпрвин, не се наведува конкретно на која вакцина се мисли, односно која вакцина содржи графен оксид. Оттука, веднаш станува сомнително напишаното. Понатаму, зад истражувањето од кое е понудено и линк, стојат професори од Универзитетот во Алмерија, Шпанија. И тоа е така наведено за да добие тежина.
Но, она што е факт е дека овој универзитет не објавил истражување кое покажува дека вакцините содржат графен оксид. Документот со печат од Универзитетот во Алмерија не е ниту научно одобрена студија ниту е одобрена од тој универзитет, пишува шпанскиот портал „Њутрал.ес“.
Академската институција се дистанцирала од оваа претпоставена студија и нејзините заклучоци.
Овој универзитет ниту ги поддржува ниту ги „споделува“ заклучоците од студијата, бидејќи станува збор за „неофицијален извештај на универзитетски професор за анализа на примерок од непознато потекло со тотален недостаток на следливост“, се истакнува во соопштението од универзитетот објавено на 2 јули.
🔹Comunicado de la Universidad de Almería en relación con las falsas informaciones difundidas en algunas redes sociales y blogs. pic.twitter.com/Rx6ayF35eI
— Universidad de Almería (@ualmeria) July 2, 2021
Документот, односно истражувањето, не дава убедливи научни докази дека овластените вакцини против ковид-19 не содржат ниту графен ниту графен оксид, како што е наведено во текстот што го анализираме. Авторот на извештајот споредува фотографии добиени од електронска микроскопија. Едната од нив е од примерок од графен оксид, а другата од течност што, според документот, може да биде вакцината на „Фајзер-Бионтек“, иако потеклото и фактот од каде доаѓа производот не се познати.
Како што пишува „Њутрал.ес“, авторот признава дека епруветата со течноста што ја анализирал пристигнала со достава, но дека не знае од каде доаѓа, односно не можел да го следи патот на пратката. Исто така, појаснува дека лицето што му го испратило овој наводен пакет е Рикардо Делгадо Мартин, познат по ширењето антиваксерски содржини.
Посочениот документ во текстот не е студија објавена во престижно научно списание од својата област, која обезбедува „печат на квалитетот“ на научната работа. Исто така, нема докази дека текстот е потврден од научната заедница во процесот познат како рецензија, во кој се проверуваат методологијата, толкувањето, резултатите и заклучоците.
Како што може да се прочита на неговите страници, станува збор за „привремен извештај“ чија цел е „микроскопска идентификација на деривати на графен“ во наводен примерок од вакцината „Фајзер-Бионтек“. За да го направите ова, сликите на примерокот, добиени преку техниката на електронска микроскопија, се споредуваат со сликите на „намален графен оксид“ земени од научната литература.
Како што е наведено во публикацијата, фотографиите претставуваат „голема сличност“ едни со други. Затоа, од оваа споредба, се заклучува дека „микроскопската студија на примерокот обезбедува солиден доказ за веројатно присуство на деривати на графен“.
Сепак, авторот признава дека „микроскопијата не дава убедливи докази“ и оти „анализите во овој извештај се за еден ограничен примерок“.
На крајот, публикацијата не дава убедливи докази дека вакцината „Фајзер-Бионтек“ содржи графен оксид.
Целосниот состав и сите компоненти на вакцините може да се пронајде на следниот линк на македонската официјална страница за вакцинација. Од приложените документи, може да се види дека во составот на вакцината на „Фајзер-Бионтек“ нема графен оксид.
Од сето тоа може да се заклучи дека постот шири дезинформации поврзани со составот и квалитетот на вакцините. „Вистиномер“ досега неколкупати ја дебанкираше дезинформацијата дека вакцините имаат магнетизирачко дејство. Што се однесува до графитниот оксид, нема докази дека вакцините го содржат.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.