Во постот се изнесени неточни податоци за процентот на Албанците во државата, за нивната вклученост во плаќањето данок и направена е манипулативна конструкција со која се провоцира насилство врз етничка основа
Објава со невистинита содржина се споделува на социјалната мрежа Фејсбук и шири говор на омраза. Станува збор за пост во кој е испишана следната потпалувачка порака:
Малцинство кое брои помалку од 20 % со наплата на данок од 5% му е дадена власт врз мнозинскиот Народ!
Ова е Апартхејд!
Иако не е експлицитно наведено за кое малцинство се однесува, јасно е дека се мисли на Албанците, особено ако се погледнат отровните коментари под објавата кои ги има во голем број. Особено загрижувачки е тоа што од коментарите извира нетрпеливост, посебно кон Албанците, меѓутоа не само кон нив, туку и кон други институции и организации, како Европската Унија.
Застрашувачки делува гневот на оние кои коментираат и тоа што има отворени повици за насилство, па дури и ликвидација?!
Требаше уште во 2001 да ги избркаме сдсм дпмне од Македонија тие се потписници на охридскиот договор
Dodeka ne se isushi drvoto parazitite na zaminuvaat, da se molime ovaa i vakva MK shto pobrgu da ja snema za da pochne izgradba na vistinska
Sds balisticki Aparthejd
Definitivno treba da stanime extremni…klin so klin se izbiva…
Потребна е ликвидација барем на еден
ЧИСТ АПАРТХЕЈД!СРАМ ЗА ЕВРОПА!ДОЗВОЛИ КЛАСИЧЕН АПАРТХЕЈД НАД ЕДНА СУВЕРЕНА ДРЖАВА ОД СТРАНА НА МАЛЦИНСТВО ШИП. КОЕ НЕ БРОИ НИТУ 15% ВО МАКЕДОНИЈА И МАЛЦИНСТВО КОЕ ИМА ДУРИ ДВЕ ДРУГИ МАТИЧНИ ДРЖАВИ НА БАЛКАНОТ…СЕГА ГРАБА И ТРЕТА…ЌЕ ДОЗВОЛИШ ТИ “ДЕМОКРАТСКА” ЕВРОПО? А,ДАЛИ ОВА ЌЕ ГО ДОЗВОЛЕШЕ ВО ДРУГА ЗЕМЈА НА ПР.НЕКОЈА ОД ЕУ??? ПРЕД ТВОИ ОЧИ ОВА НИ СЕ СЛУЧУВА НА НАС МАКЕДОНЦИТЕ КАКО СТАРОСЕДЕЛЦИ,АФТОХТОНИ СО ВЕКОВИ НА ОВА ПАРЧЕ ЗЕМЈА…АКО ПОД ИТНО ОВОЈ СРАМ НЕ ГО СРЕДИТЕ ,НАБРЗО И ВИЕ ЌЕ БИДЕТЕ ЖРТВИ НА ОВА ДИВО…ИЛИ ЌЕ МОРА ДА ПУКНЕ,А ТОГАШ НЕМА НАЗАД,ЌЕ ГОРИМЕ СИТЕ!
Но, биди сигурен и нивниот г..з ќе гори,е,тогаш да видиме како за 24часа ќе го средат ова диво неартикулусано племе,непокорено во Европа,заради нивните интереси…
живеам за тој ден!!!!!! Живеам за денот!
и ќе го дочекаш…на се има крај…
Дополнително, овој пост во кој се објавени неточни податоци има 369 реакции и 39 споделувања. Што, исто така, е опасно со оглед на тоа што провоцира говор на омраза.
Дека се работи за невистинити информации може да се провери доколку се погледнат резултатите од последниот попис (стр.34) во 2002 година, бидејќи тие се сметаат за релевантни со оглед на фактот што оттогаш не е спроведена друга ваква статистичка операција.
Според овие податоци, во државата има вкупно 2.022.547 жители а од нив 509.083 се Албанци, или изразено во проценти 25,17 отсто.
Истресен е од ракав и податокот дека кај Албанците има „наплата на данок од 5%“. Вакви анализи воопшто не се прават, барем од тоа што е официјално соопштено и достапно за јавноста. Досега не е познато дека УЈП или некоја друга институција правела анализи за наплата на данок според етничка припадност.
Така што, оперирањето со какви било проценти во оваа смисла се сведува на претпоставки. А, во конкретниот случај, истресениот од ракав процент е искористен за манипулативна конструкција: „Со наплата на данок од 5% му е дадена власт врз мнозинскиот Народ! Ова е Апартхејд!“
И ова се разбира не е точно. Новата Влада предводена од СДСМ, брои вкупно 20 члена: премиер (лидерот на СДСМ, Зоран Заев) и 19 министри – 11 од коалицијата предводена од СДСМ и 8 од редовите на ДУИ. Во составот на сите досегашни влади имало Албанци, како и претставници на другите етнички заедници, но премиерот и поголемиот дел од членовите на Владата биле Македонци.
Претседателите на државата, исто така, биле Македонци. Од трите највисоки државни функции, Албанец е носител на највисоката позиција во Собранието, претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој е на чело на оваа институција втор мандат.
Така што, никако не може да се каже дека Албанците се во некаква супериорна позиција во однос на „мнозинскиот народ“ – Македонците, дека имаат власт над нив, како што сугерира објавата. Тоа станува уште поочигледно на локално ниво, каде што процентот на градоначалници Македонци е значително поголем од процентот на албанските градоначалници.
Уште помалку, пак, има вистина во споредбата со некаков „Апартхејд“(!) – политика на расна дискриминација и делење на населението врз расна основа, применета како правен систем од страна на поранешната владејачка Националната партија во Јужна Африка, помеѓу 1948 и 1994 година.
Но, наспроти тоа што го говорат фактите, оваа манипулативна и тенденциозна објава на социјалната мрежа шири омраза на етничка основа, со што може да испровоцира „експлозивна“ ситуација со несакани последици и да направи голема штети на повеќе нивоа. (vistinomer.mk)
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс-наведи извор-без изведени дела.