Не е вистина дека пандемијата и вакцинацијата се биолошка војна

Објава на социјалната мрежа „Фејсбук“ шири страв и паника, нарекувајќи ја вакцинацијата „експериментирање од страна на  лажговци, тендераши“, а за граѓаните што ги вакцинираат своите деца  се вели „не заслужуваат ни да имаат деца“. Наспроти ова, непобитен научен факт е дека вакцините го спасуваат животот и спречуваат ширење на болести. Светската здравствена организација (СЗО) внимателно го следи воведувањето на сите вакцини за ковид-19, а ефикасноста и безбедноста на вакцините секојдневно се потврдува со нови научни студии. Постот манипулира дека „глобалистичка секта“ ја измислила пандемијата за да го промени човековиот поредок. Ова, се разбира, не е точно. Нема никакви докази дека вирусот е креиран со цел да биде употребен како биолошко оружје, а вакцините се единствениот излез од пандемијата, за што сведочат научни трудови на здравствени работници, експерти, лекари и научници

 

 

Пост на „Фејсбук“, кој се однесува на вакцинацијата на децата против корона-вирусот, изнесувa куп дезинформации, обвинувања и манипуации без нималку аргументи и факти. Во рамките на постот е прикачена и фотографија од министерот за здравство Венко Филипче со натпис „Филипче: Треба да ги вакцинираме своите деца, јас ќе го направам тоа“. 

Во првиот дел од објавата, која во моментот на нашата рецензија има 260 интеракции (најголем дел позитивни – допаѓања, споделувања и коментари), потполно невистинито и без никакви факти се тврди:

Оние родители, кои што ќе си ги дадат своите деца на експериментирање кај овие хронични лажговци, тендераши, глобалистички потрчковци и предавници на сопствениот народ, не заслужуваат ни да имаат деца. Биолошка војна се води против човештвото и додека повеќето доброволно одат на бесилка, славејќи ги своите џелати, голем број на информирани борци за вистина уште размислуваат со своја глава, алтруистички предупредувајќи ги сите за опасноста која е пред нас, но пострашно е што новите генерации се метата, а ние ќе бидеме тие што дозволиле да израснат во стерилни конформирани робови. Ние сме тие кои што со нашето молчење и учество во оваа гнасна игра на смрт му овозможуваме на злото да продре до децата. Децата кои треба да се деца, чисти и среќни во детството кое го заслужуваат, а не изложени на волјата на политичари, педофили, воени профитери и организирани злосторници. Кога би ги истражиле поимите како БиоНаноТехнологија, Магнетогенетика, Трансхумснизам и Големиот Ресет на Глобалистичката секта не би биле толку рамнодушни и послушни.

Авторот шири страв и паника, нарекувјќи ја вакцинацијата „експериментирање од страна на  лажговци, тендераши“, а за родителите што ќе решат да ги вакцинираат своите деца дека вели дека „не заслужуваат ни да имаат деца“ и без ниту еден доказ се тврди дека пандемијата е биолошка војна.

Наспроти ова, научен факт е дека вакцините спасуваат животи и го спречуваат ширењето на болести. За да бидат одобрени за употреба, вакцините против ковид-19 мора да ги исполнуваат највисоките стандарди за безбедност и делотворност. Иако тие беа развиени во рекордно време, сепак, во овој процес системите за тестирање, проценка на резултатите и одобрување на вакцината, не станаа помалку ригорозни. Светската здравствена организација (СЗО) внимателно го следи воведувањето на сите вакцини за ковид-19.

Исто така, и покрај тоа што вакцинацијата на децата сè уште не е врвен приоритет поразвиените земји, Канада, САД и Европската Унија неодамна одобрија неколку безбедни вакцини против ковид-19 за деца на возраст од 12 до 15 години.

Оттаму, да се шири паника за вакцинацијата на децата нарекувајќи ја игра на смртта, не само што е неодговорно, туку е и опасно за јавното здравје. Впрочем, ефикасноста и безбедноста на вакцините секојдневно се потврдуваат со нови научни студии.

Во вториот дел од постот  стои:

Во време на апсолутна достапност на информации, игнорантноста очигледно е избор. А сѐ што треба да направиме е да ги игнорираме, ќе изгубат секаков авторитет и нивната игра ќе ја снема преку ноќ. Авторитетот кој го чувствуваат е тој што ние им го даваме учествувајќи во нивните валкани лаги, играјќи ја нивната игра на раздели и владеј. Тие се малку, ние сме многу, ама ептен многу. Тие нема да се откажат, ги сакаат децата, прашање е дали ние ќе се откажеме и ќе им ги дадеме, или ќе ги одбраниме, што всушност ни е должност. Ние сме последната генерација која може да се побуни, после нас веќе нема дури ни поимот побуна да постои повеќе. Ќе постои пекол, чии темели сме ги изградиле ние. Јас не сакам да бидам дел од тој проект. Запомтете, ние народот сме огромното мнозинство, тие се само 1%

Се повикува на игнорирање на пандемијата и вакцинацијата, а факт е дека досега (11.7.2021) се заразиле 187.681.587, а починале дури 4.050.192 луѓе ширум светот.

Авторот на објавата манипулира дека „глобалистичка секта“ ја измислила пандемијата за да го промени човековиот поредок. Ова, се разбира, не е точно. Иако сѐ уште не е дефинитивно утврдено дали корона-вирусот се појавил природно (како и другите два корона-вируси од почетокот на овој век – САРС 1 вирусот од 2002-2003 година или МЕРС вирусот од 2012 година), или, пак, станува збор за вирус кој е случајно „избеган“ од лабораторија, нема никакви сериозни аргументи ниту во научната заедница, ниту, пак, кај разузнавачките агенции ширум светот дека актуелниот нов корона-вирус од 2019 година е намерно креиран од некого за да биде искористен како биолошко оружје.

За една вакцина да биде дистрибуирана до населението, треба да ги помине сите фази на испитување во однос на безбедноста. Уште првичните испитувања на вакцините врз големи групи луѓе покажуваа високи резултати на ефикасност од над 66 отсто за најголем број од вакцините, при што повеќе од нив имаат над 90 отсто ефикасност.

Впрочем, оваа пандемија не е прва во светот, човештвото памети и други пандемии во минатото. Пандемиите, колку што научно знаеме, го прогонуваат човекот преку 5.000 години, а за повеќе од 2 милениума имаме пишани белези. Така, првата забележана е таа во Атина, 430 години пред нашата ера, нешто пред почетокот на војната со Спарта.

Гледано во целина, постот што го рецензираме не е ништо друго освен уште една теорија на заговор со која се манипулира јавноста дека корона-вирусот е исмислен од страна на влади, секти и поединци со цел уништување на човештвото. Истовремено, на овој начин се поткопуваат мерките за борба против ковид-19 и се попречува вакцинацијата, која, пак, е единствениот излез од пандемијата.

 

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.