Монтирана фотографија од наводно „спасено шверцувано бебе“ во тело на обработено мртво животно, наменето за продажба во месарниците, се користи за ширење дезинформации дека станува збор за спречена трговија на деца и тоа од симпатизерите на наводната армија на Q-аноните, т.е. на теориите на заговор и симпатизери на американскиот претседател во заминување, Доналд Трамп
Објава на „Фејсбук“ на македонски јазик шири невистина за наводна трговија со деца. Објавата е поткрепена со фотографија – монтажа за која веќе има поведено истрага од релевантен проверувач на факти, при што е утврдена монтажата.
Покрај тоа, во коментарот на објавата се наведува дека ваквите дела, стопирање на шверц со деца, било разбиено од таканареченото Q-движење од следбениците на Доналд Трамп:
16.01.2021
Не сте знаеле за трговија со деца .
Ова е глобалната пандемија .
Q го спречи ова.
Нашето пребарување по интернет покажа дека ваквата фотографија е објавена најмалку дваесетина пати на профили на разни мрежи, на разни интернет-медиуми, на приватни профили и блогови и тоа во период од неколку години, најмногу во 2020, а и сега во првите две-три недели од јануари 2021.
Пребарувањата направени преку мрежите за пребарување фотографии можете да ги видите на овој линк од пребарувачот „Гугл“. Освен ова, утврдено е дека ваквата фотографија е фотомонтажа од страна на „Република“ од Перу (La Republica.pe).
Во текстот за проверка се наведува дека од март 2020 на социјалните мрежи се шири фотографија со вест дека била откриена „нова форма на шверцување деца“, која била спречена во Мексико. Притоа, проверувачите на факти од „Република“ откриле дека оригиналот на фејсбук-објавата е преземен од текст објавен на 19 март 2019 на блогот на аргентинска интернет-телевизија (ZonaFrancaTV). Притоа, се објавуваат „детали“ за спречениот наводен шверц на деца во мексиканската држава Вера Круз.
Шверцот бил организиран од страна на извесна позната компанија, а при случката наводно биле спасени 20 деца, кои биле скриени во тела од обработени крави, но едното дете при контролата се разбудило и ги алармирало полицајците.
Во ваквата сторија-фантазија проверувачите на факти утврдиле два факта. Навистина постои фотографија од камион ладилник, кој е контролиран од мексиканска полиција, но од 2017 година, при што на фотографијата од блогот објавена 2019 година е намонтирано име на компанија, додека на оригиналната, камионот е без никави обележја. Второ, втората фотографија е целосна монтажа, т.е. не постои оригинална фотографија на бебе скриено во тело од мртвото животно.
Фотографијата со бебето кое е наводно спасено, е фотомонтажа објавена на полски блог во 2016 година, при што крајната цел е застапување или борба против веганството. Над фотографијата на овој блог пишува: „Кога не сакаш твоето бебе да биде родено како веган“.
Според тоа проверувачите на факти од „Република“ извршиле одлична проверка со која е докажано дека постовите со оваа фотографија се монтажа и се лажни вести.
Поради тоа, без никакво сомневање и овој пост на македонски јазик што го рецензираме е целосна лага. Лагата е и во текстот на објавата и во фотографијата под текстот.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени делa