Во објава на „Фејсбук“ се вели дека на концертот на Филхармонијата, по повод јубилејот на Бигорскиот манастир, од песната „1762 лето“ исчезнаа зборовите „врли Грци“, и „владици Грци“. Наспроти ваквото тврдење, од Филхармонијата негираат дека стиховите биле намерно отстранети и појаснуваат дека сите композиции на свечениот концерт биле со скратено времетраење, со цел да се запазат протоколите за организирање на настанот и тој да не трае предолго
На „Фејсбук“ е објавен пост во кој тенденциозно се тврди дека на свечениот концерт на Филхармонијата на Република Северна Македонија, со кој се одбележа илјадагодишнината на манастирот „Свети Јован Бигорски“, при изведбата на песната „1762 лето“ намерно биле отстранети стиховите во кои се споменуваат „врлите Грци“ и „владици Грци“.
Вчера имаше јубилеј во Филхармонија. Убаво беше. Свечено. Арно ама северџганскиот синдром се појави и таму. При интерпретирањето на песната 1762 лето, пеачот ги прескокна сите строфи во кои се спомнуваат нашите јужни соседи. И така зборовите врли Грци, и владици Грци исчезнаа. Ете така било кога сме биле под ропство. Забранети песни, јазик, историја. Ропски народ. Гниди кукавички и предавнички.
Постот, освен навреди, содржи и неточни тврдења дека Филхармонијата во нејзината изведба на песната „1762 лето“ намерно отстранила „спорни“ стихови.
Според информациите објавени на интернет-страницата на Бигорскиот манастир и во дел од медиумите, на концертот по повод ијладагодишнината на манастирот присуствувале претставници на највисокото црковно и државно раководство, на културниот, научниот и општествениот живот. Меѓу присутните гости биле и Архиепископот г. г. Стефан, претседателот Стево Пендаровски, членови на Светиот синод на МПЦ-ОА, членови од Владата, свештеници, монаси и монахињи, градоначалници, државни службеници, културни, уметнички и научни работници. Филхармонијата извела концерт на стари македонски изворни композиции, во кои се воспеваат верата и љубовта кон Бога и кон Татковината, подготвеноста на пожртвуваност за нив, како и стремежот кон убавото и возвишеното. Биле изведени македонски изворни композиции, чијашто оркестрација ја подготвиле Владимир Димовски и Филип Ивановски, а со диригентската палка раководел Владимир Димовски.
Бидејќи постот брзо стана вирален, се огласи и Филхармонијата со објаснување дека „сите композиции, кои биле изведени на свечениот концерт биле со скратено времетраење“, а меѓу нив и песната „1762 лето“, чии стихови ги напишал Григор Прличев:
Како институција, навистина не можеме да разбереме од каде потребата на некои луѓе да бараат начини да го оцрнат најсветлиот духовно-културен настан во последниов период. Оние што беа дел од свечениот концерт на Филхармонија по повод 1000-годишнината на Бигорскиот Манастир (среда, 23 септември) и барем малку се задлабочија во програмата, сигурно забележаа дека сите композиции имаа скратено времетраење, со цел да се запазат протоколите за организирање на настанот и истиот да не трае предолго.
Филхармонијата понатаму објаснува и конкретно за единствената вокална интерпретација на концертот на песната „1762 лето”, чија изведба се смета за спорна во постот што го рецензираме:
Познавачите знаат дека има дури 18 строфи, а очигледно беше дека се одбрани стихови кои ќе сведочат за трагичното укинување на Охридската Архиепископија, за да го поткрепат делот од сценариото во кој се говори за најтешкиот период на Црквата. Кој има желба, нека погледне снимка од концертот и сѐ ќе му стане многу појасно. Згора на тоа, досега имало повеќе изведби на оваа песна со истиот избор на строфи, вклучително и во храмот „Света Софија” во Охрид пред две години. Но, очигледно некој злонамерно бара темна дамка онаму каде што ја нема. Да сакаа Филхармонија и Бигорски да сoкријат нешто, не мораше воопшто да ја изведуваат оваа песна. Многу логично, но некој очигледно нема логика.
„1762 лето“, позната и како „Песна за Патрикот“, векови наназад била интерпретирана во разни верзии. Кога во втората половина на минатиот век технологијата овозможила тонско снимање, комплетната верзија на песната трае околу 12 минути. На каналот Youtube можат да се најдат и комплетната и скратената верзија на „1762 лето“ во интерпретација на ист изведувач. Култниот македонски рок бенд „Мизар“ има две обработки на „1762 лето“: и таа од 1991 година, и таа од 2004 година се во скратена верзија.
Интересен е и „ставот“ на одредени медиуми кои го пренесоа овој пост на актерот. Така, иако овој портал објави коректна информација за настанот, истиот ден го пренесе постот на актерот, но непотребно „проширувајќи“ ја информацијата и со тоа како „за Тамара исчезна стихот ‘Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев, Сандански’ при изведувањето на македонската химна во американската амбасада“.
Инаку, стиховите од „1762 лето“ воопшто не се забранети за изведба, дури и по потпишувањето на Преспанскиот договор меѓу Република Северна Македонија и Република Грција пред две години. За тоа сведочи и настанот од почетокот на годинава, „Прличевите беседи“ во Охрид.
„Спорните“ стихови за „врлите Грци“ и „владици Грци“ ги отсликуваат промените во Вселенската патријаршија (или Цариградската Патријаршија) во 18 и 19 век, во која Патријархот доаѓа од редот на Грчката православна црква.
(vistinomer.mk)
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс-наведи извор-без изведени дела.