Непроверени тврдења за непостојни грешки

 

[Рецензија: „РУЖНО ВИ Е ИМЕТО, ЗАТОА НЕ СИ ГО ЗНАЕТЕ“ (EDITED)]

 

Во медиумите се појави наводна фотографија од англиската верзија на службената визит-карта на битолската градоначалничка Наташа Петровска. Оваа наводна визит-карта содржи две груби грешки при што зборот „општина“ (на англиски municipality) e напишан со ипсилон „y“ (mynicipality), a уставното име на земјата е напишано како „Република на север од Македонија“ (Republic North of Macedonia) наместо Република Северна Македонија (Republic of North Macedonia). На ваквиот напис веднаш реагира Општина Битола со демант.

Линк до оригиналниот напис: РУЖНО ВИ Е ИМЕТО, ЗАТОА НЕ СИ ГО ЗНАЕТЕ (EDITED)

Датум и време на објавување: 19.8.2019

Датум на рецензирање: 20.8.2019

Рецензент: Владимир Петрески

Во него се вели дека

Општина Битола најостро ги осудува манипулациите со визит-картата на градоначалничката Наташа Петровска. Ги замолуваме медиумите што веќе ја објавиле визит-картата да ја демантираат веста и да ја објават реакцијата на општината и сликата со реалната визит-карта.

Во реакцијата е објавена и вистинската визит-карта на градоначалничката, каде што овие грешки ги нема со што паѓа во вода и насловот на текстот.

Во денешно време многу е лесно да се измени нечија визит-карта и да се објави на интернет. Токму затоа, веродостојноста на каков било печатен документ мора да се провери кај изворот, што во овој случај не е сторено, а не е побарана ни вистинската лична карта за да се изврши споредба.

Инаку, ваквите манипулации со новото уставно име на државата, во кои се тврди дека преводот на англиски значел „Република на Север од Македонија“ (или Republic North of Macedonia) се појавија уште лани во текот на потпишувањето на Преспанскиот договор. Најекспонирана изјава во оваа насока беше таа од проф. Билјана Ванковска, која беше оценета како невистинита од страна на порталот за проверка на факти „Вистиномер“ (исто во издание на Фондацијата „Метаморфозис“).

За волја на вистината, треба да се каже дека на вистинската визит-карта битолската градоначалничка навистина има мала граматичка грешка, која се однесува на кратенката Bul. Оваа кратенка напишана вака може да се користи во македонскиот јазик, но не и во англискиот. Вообичаените кратенки кои се користат за „булевар“ (на англиски „boulevard“) се BLVD, BOUL или BOULV. Кратенката што ја користат американските пошти, на пример, е BLVD, која како најсоодветна ја смета и речникот на Кембриџ.

Но, оваа граматичка грешка не е интересна за оние што направиле измени на визит-картата на градоначалничката (кои и да се!). Самите тие прават уште поголема грешка, пишувајќи го целиот збор како Bulevar наместо Boulevard. Таа не е интересна зашто од неа не може да се направи политички скандал – нема врска со новото уставно име на државата, премногу е ситна (и прилично раширена), така што не е погодна за манипулации.

На крајот, иако порталот кажува дека има реакција од Општината во која се демантира ваквата вест, при што е додаден и линк до демантот, како и зборот „EDITED“ во насловот (? – кој ќе го сфатат само оние што знаат англиски јазик), сепак, не е доволно. Новинарските правила налагаат демантот да добие ист простор како и тоа што се демантира, што овде не е сторено.