Рецензија: Неверојатно: Бан Ки-Мун ѝ порача на Македонија да не прави компромис за името со Грција!
„Неверојатно: Бан Ки-mун ѝ порача на Македонија да не прави компромис за името со Грција!“ Ова го тврди во својот наслов текстот што го рецензираме. Во поларизираната атмосфера пред референдумот, на кој граѓаните на Република Македонија ќе треба да се изјаснат дали ја прифаќаат преспанската спогодба со Република Грција, која предвидува промена на името на државата во Република Северна Македонија, а една гласна групација на граѓани бара бојкот токму за да ја спречи промената, ваква изјава од првиот човек на Обединетите нации е вистинска бомба, бидејќи им оди во прилог на заговорниците на бојкотот. Секако, не станува збор зошто некој медиум објавил изјава на видна личност чиишто ставови се косат со генералниот став на власта во државата, работа на медиумите е да објавуваат релевантни информации, проблемот е што таа изјава е дадена пред шест години, а се објавува со актуелен датум и се тврди дека е дадена – денес!
Линк до оригиналниот напис: Неверојатно: Бан Ки-Мун ѝ порача на Македонија да не прави компромис за името со Грција!
Датум и време на објавување: 9.9. 2018
Датум на рецензирање: 20.9.2018
Рецензент: Југослава Дуковска
Бан Ки-мун, генералниот секретар на Обединетите нации, кој вечерва пристигна во Охрид, даде шокантна изјава со која индиректно ја повика Македонија никако да не прави компромис со Грција за прашања како што се самоопределувањето и самоименувањето, а кои ОН ги сметаат за загарантирани универзални права.
Ова, според сите критериуми, е исклучително важна изјава на првиот човек на Обединетите нации, најважната меѓународна инстанца кога е во прашање долгогодишниот спор што Грција ѝ го наметна на Македонија за името на државата, и несомнено ја има потребната тежина за да биде третирана како сензација, а доказ за тоа се и повеќето споделувања на овој напис на социјалните мрежи. Проблемот е во тоа што информацијата дека Бан Ки-мун го кажал ова во септември 2018 година, спроти референдумот, е – лага! Високиот функционер на ООН ова го кажал во јули 2012 година, а во текстот се тврди дека го изјавил на 8 септември 2018 година. Овој напис за веродостојноста на информацијата се повикува на „Канал 5“, телевизијата чија вест 6 години подоцна веќе не постои во архивите, но посета на висок меѓународен функционер е лесно проверлива работа!
Ако оригиналната вест не постои во датотеките, постојат други написи што се повикуваат на истата вест и тие се објавени кога посетата на тогашниот генерален секретар на ООН, Бан Ки-мун на Македонија навистина се случила, а тоа е 25 јули 2012 година! Веста на „Канал 5“ е парафразирана во текст од порталот мкд.мк, објавен токму на датумот на посетата – 25 јули 2012 година. За веродостојноста не сведочи само тоа што овој напис се повикува на истиот извор, туку ги користи истите фотографии.
Телевизијата ја оценува изјавата на Бан Ки-мун како шокантна и наведува дека таа ќе предизвика сериозни полемики и размислувања и во Скопје и во Атина.
Со своите изјави тој практично го отвори прашањето дали правото на самоопределување и самоименување е политичко или е загарантирано универзално право што се добива со раѓање. Кога се работи за универзални права и принципи, Обединетите нации никогаш не прават компромиси, ги коментира „Канал 5“ изјавите на генералниот секретар на ОН,
се вели во написот што го рецензираме.
На интернет сè уште може да се најде аудиоснимката на прес-конференцијата што при посетата високиот гостин од светската организација ја одржа со својот домаќин, претседателот на државата Ѓорге Иванов. На снимката, како што и би се очекувало, воопшто нема изјава на Бан Ки-мун во која тој експлицитно вели дека Македонија не треба да прави компромис со Грција, така што и во оригиналната информација од „Канал 5“ изјавата на Бан Ки-мун била своеволно интерпретирана. Ваквата интерпретација потоа била искористена и во написот што го рецензираме.
Симптоматично е што веста на мкд.мк е идентична по својата содржина, од збор до збор, со таа на текстот што го рецензираме. Ова го наметнув заклучокот дека се работи за неатрибуирана копија, поточно плагијат на вест од постар датум од мкд.мк, кој е пренесен од збор до збор повеќе од 6 години подоцна! Освен тоа дека се работи за плагијат и антидатирање на вест со намера да се искористи (потенцијалната) неинформираност на читателската публика за тоа кога навистина бил Бан Ки-мун во Скопје и што кажал, може да се заклучи дека веста не случајно е објавена ден по државниот празник 8 Септември и во предвечерието на референдумот на кој граѓаните ќе се изјаснат за договорот со Грција, поврзан со името на државата. Ова непрофесионално постапување и дезинформација на јавноста има конкретна политичка заднина.
Од пребарувањето на интернет-содржините што опфаќаат изјави на поранешниот генерален секретар на ООН, Бан Ки-мун за спорот помеѓу Македонија и Грција, меѓу другото, можеме да го издвоиме неговиот став искажан по потпишувањето на преспанската спогодба. Еве како тој го коментира можното затворање на долгогодишниот спор на Македонија и Грција за името:
Сметам дека е многу охрабрувачки фактот што и двете страни се согласија да го решат долгогодишното прашање за името. Исто така сум загрижен за фактот што постои незадоволство кај граѓаните. Искрено се надевам дека прашањето за името што е можно поскоро дефинитивно ќе се реши,
што е сосем во духот на неговите поранешни изјави дадени за преговарачкиот процес помеѓу Македонија и Грција, кој со години се одвиваше токму под покровителството на организацијата на чие чело беше тој.
Од направената проверка јасно се наметнува заклучокот дека објавениот напис што го рецензираме немал цел да ги информира читателите. Токму спротивното, тој бил објавен за да дезинформира, заведе, изманипулира, злоупотребувајќи ја довербата на консументите на информативната понуда на медиумот, водејќи се од идејата дека просечниот читател нема време да навлегува во проверки на тоа дали сега веќе бившиот генерален секретар на Обединетите нации навистина бил повторно во посета на Македонија како пред шест години и дали некој посакал да го измами. Играњето на картата на неинформираноста на читателот е најлошиот можен пристап, кој можеби ќе донесе повеќе кликови на објавената вест, но ќе ја уништи кредибилноста на медиумот.