Тврдењето дека резервните делови за новите екоавтобуси на МАН ќе ги чинат граѓаните на Град Скопје 377 илјади евра, е невистинито. Од ЈСП велат дека тие пари ќе ги покрие осигурителната компанија и нема да се излеат од буџетите, ниту на јавното претпријатие ниту на Град Скопје
Рецензираме пост на „Фејсбук“, кој води до медиумски напис во кој се изнесени дезинформации. Во насловот и во содржината на текстот се тврди дека новите автобуси, набавени од ЈСП, а промовирани од градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, ќе ги чинат граѓаните нови 377 илјади евра.
На точно една година од пуштањето во употреба на новите автобуси, објавена е тендерската постапка за набавка на резервни делови, опрема и материјали за одржување на истите, што значи дека заштедите не се толкави како што најавуваше Петре Шилегов. Набавката ќе го чини градот, односно граѓаните 23.6 милиони денари или околу 377 илјади евра, се тврди во текстот.
Текстот е илустриран со фотографија од електронскиот систем за јавни набавки.
„Вистиномер“ се обрати до градоначалникот на Град Скопје, Шилегов, кој ни рече дека станува збор за дезинформација, односно груба невистина.
Од ЈСП Скопје, исто така, ни рекоа дека содржината на текстот не соодветствува на вистината, затоа што склучениот договор на кој се повикува текстот, намерно или ненамерно е погрешно протоколкуван на начин што на јавноста ѝ се пренесува лажна слика за работата на ЈСП Скопје, односно Град Скопје.
Доволно е елементарно познавање на проблематиката за од склучениот договор да се пренесе вистината и фактичката состојба за набавката. Предмет на набавка се резервни делови и материјали за одржување на автобуси МАН за време на гаранциски период во случај кога штетата е настаната од страна на трети лица (сообраќајна незгода), кои делови или материјали се покриваат од страна на осигурителна компанија. Имено, во случајов, ниту Град Скопје ниту ЈСП Скопје нема да потрошат ни цент од буџетските средства, односно пари на граѓаните, а не, пак, 377 илјади евра! Средствата ќе бидат покриени од страна на осигурителните компании и тоа преку каско-осигурување или А/О, односно народски кажано со европски извештај. Инаку, ЈСП Скопје по една година од пуштање во употреба на новите МАН возила, веќе регистрира придобивки од нивното користење од повеќе аспекти, а, пред сè, бенефитот го чувствуваат корисниците на јавниот превоз, велат од ЈСП.
За забележување е и дека дури и кога овие делови не би биле покриени од осигурителната компанија, фактот што се објавил тендер за нив една година по нивната набавка, не мора да има врска со нивната штедливост и квалитет. Имено, дури и кога би се задржале старите автобуси и за нив би требало одржување, односно да се набават делови. Наспроти изнесеното во текстот, тоа што се набавуваат делови сега може да биде сфатено и како грижа таа опрема да се купи навреме.
Поради сите горенаведени факти, тврдењето дека деловите ќе го чинат Град Скопје 377 илјади евра, го оценуваме како невистина. Тие пари ќе ги покрие осигурителната компанија и нема да се излеат од буџетите ниту на ЈСП Скопје ниту на Град Скопје.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.