(Рецензија: Нострадамус – еден човек кратко ќе владее со Македонија и ќе проба да ја уништи, народот ќе ја спаси)
Текстот е целосна измислица, напишано е нешто што воопшто не е вистина и не постои, а со тоа се манипулира јавноста, давајќи ѝ погрешна слика за одредени случувања од сегашноста.
Во написот се споменува „цар што сака да го смени името на Македонија“ и иако не е напишано името на премиерот Зоран Заев, целосно е провидно дека се работи за него.
Линк до текстот: Нострадамус – еден човек кратко ќе владее со Македонија и ќе проба да ја уништи, народот ќе ја спаси
Датум на објавување: 18.10.2018
Датум на рецензирање: 25.10.2018
Рецензент: Симона Атанасова
Во текстот се вели „во модерното време“, што е првата сопка за вистинитоста на текстот. Нострадамус никогаш не пишувал конкретно време и неговите стихови можат различно да се толкуваат. Тој, исто така, многу ретко пишувал имиња на земји, а локациите најчесто ги опишувал преку географската местоположба.
Нема никаков доказ дека во своите книги тој многупати ја споменува и Македонија.
Доколку навистина постои ваков дел за Македонија, нејасно е зошто тој не во стихови. Неговите пророштва биле пишувани како катрени, односно строфи од четири реда во вид на стихови и загатки. Во написот каде што се тврди дека Нострадамус пишувал за Македонија, текстот што навидум го напишал Нострадамус не е во стихови, туку е прозен текст, што не било случај со творештвото на јасновидецот.
Освен тоа, катрените на Нострадамус не се хронолошки наредени, па често е невозможно некое пророштво да се поврзе со конкретен историски настан. Всушност, повеќето од пророштвата на Нострадамус се слабо преведени, неодредени и нејасно формулирани, со што се отворени за разни читателски толкувања и интерпретации што остава доволно простор да се поттикнат еден куп шпекулации.
Постојат многу толкувачи на Нострадамус, а повеќето од нив различно толкуваат дури и еден ист стих што се однесува на иднината токму поради нејаснотијата на неговото пишување.
Наводниот текст од Нострадамус за Македонија е полн со конкретни случувања, кои се поврзуваат со сегашната ситуација во државата. Но, ова воопшто не е стилот на пишувањето на овој филозоф.
Сосема надвор од сите новинарски правила е измислувањето текстови со цел влијание на јавното мислење. Особено е неетички ваквото пишување и поврзување со дневнополитички настани, што има цел да го наведе читателот на погрешен заклучок и став.