НРК: Meѓународната мрежа за проверка на факти номинирана за Нобелова награда

Поранешната лидерка на норвешката либерална партија, Трине Скеи Гранде, смета дека проверката на фактите стана толку важна што ја заслужува Нобеловата награда за мир, известува порталот за критичко мислење и медиумска писменост „Критинк“.

Во време кога лажните вести се шират побрзо од кога било и кога силно ги демонизираме меѓусебните мислења, фактот дека некој се бори за вистината, се бори за фактите и се бори да ги симне лажните вести, мислам дека е мировнички чин, вели Гранде за НРК.

Токму затоа Гранде избра да ја номинира  Меѓународната мрежа за проверка на фактите за Нобеловата награда за мир. Мрежата е со седиште во САД и е основана во 2015 година.

„Тоа е организација за проверувачи на факти што гарантира дека проверувачите на факти имаат добри методи и се сертифицирани за работата што ја работат“, вели Гранде

Гранде, која е и поранешна министерка за култура и образование, верува дека лагите и брзото ширење на лажни вести преку социјалните мрежи ја прават проверката на фактите поважна од кога и да е:

„Социјалните медиуми имаат такво влијание на ширењето лаги за какво што би можеле да сонуваат поранешните диктатори“, вели Гранде.

 

Нагласувајќи ја важноста на проверката на фактите и разоткривањето на лажните вести, таа посочова:

„Гледаме дека некој ги поткопува демократиите и дијалогот меѓу земјите, ја демонизира сликата за нациите, религиите и етничките групи. Фактот дека некој се бори за факти е можеби поважен од кога и да е, кога ќе видиме дека лажните вести имаат таква плодна ПОЧва на социјалните мрежи каква што никогаш порано не сме виделе“, вели Гранде.

И норвешката организација „Норске фактиск“ е дел од меѓународната мрежа на проверувачи на факти. Уредникот Кристофер Егеберг се согласува со проблемите што ги поставува Гранде во врска со последиците од лажните вести. Тој ги посочува пандемијата и заговорите поврзани со неа, како нешто што го користат силите што сакаат да ја поткопаат демократијата во одделни земји.

„Во врска со тоа проверувачите на факти во многу земји навистина направија фантастичен напор. Оваа мрежа ИФЦН е исто така неверојатно важна“, вели Егеберг.

Тој, исто така, посочува дека заложбите на ИФЦН за поставување стандарди за  проверување факти доведоа до тоа организацијата да биде значајна и да се слуша нејзиното мислење. Таа стана играч, кој најголемите платформи како „Фејсбук“, „Гугл“, „Твитер“ и други го почитуваат и уважуваат кога станува збор за маркирање на лажните вести, пишува НРК.

Директорот на Меѓународната мрежа за проверка на факти, Бајбарс Орсек, изјави дека номинацијата претставува голема чест, која треба да се прифати со скромност. Тој исто така укажа дека спротивствувањето на лагите и манипулациите е исклучително важно во услови на глобална пандемија.

„Иако признаваме дека оваа номинација е само прв чекор до можноста да бидеме во тесна конкуренција за добивање на оваа неспоредлива награда, ја сметаме номинацијата како важна потврда за важноста на работата на проверувачите на факти низ целот свет. Просто речено: фактите се важни и проверката на факти може да спаси животи“ изјави Орсек.

Приоритет на Мрежата е соработка помеѓу проверувачите на факти од различни земји, јазици и култури. Иницијативата „Алијанса за факти за коронавирусот“ (#CoronavirusFactsAlliance), која неодамна доби признание од Парискиот мировен форум, која опфаќа 99 организации за проверка на факти од повеќе од 70 има изградено јавна архива со повеќе од 10.000 проверки на факти. Оваа единствена база на податоци ѝ обезбедува на јавноста точни информации за низа прашања поврзани со пандемијата на ковид-19.

Мрежата за проверка на факти создаде Кодекс на принципи за проверувачи на факти врз основа на кој се вршат годишни јавни ревизии на квалитетот на работата на членките. Во моментот Кодексот има 79 сертифицирани корисници од 51 држава.

Сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ основан од Фондацијата „Метаморфозис“ е дел од Меѓународната мрежа за проверка на факти од самото нејзино основање и е единствена организација од Северна Македонија сертифицирана од страна на ИФЦН.