Има разлика меѓу напукната и распукана шофершајбна

Видеото внатре во написот нема врска со тоа што го тврди постот. Видеото нуди решение како да се поправи шофершајбната која е мaлку напукната. Меѓу пукнатината прикажана во видеото и целосно распуканата шофершајбна на фотографијата во постот има огромна разлика. Впрочем и самото видео во написот вели: како да поправите windshield chip (чип на шофершајбната) или crack (пукнатина)

 

Фејсбук пост им нуди на читателите трик како да поправат напукната шофершајбна, но создава лажна претстава преку манипулативна фотографија. Постот во моментот на нашата рецензија има 35 реакции, 19 коментари и 16 споделувања.

Имено, постот пренесува напис со наслов „ТРИК ВРЕДЕН ЗЛАТО: Поправете напукната шофершајбна без пари“. Во прилог на ваквата објава е ставена фотографија на која се гледа целосно распукана шофершајбна.

Кога ќе го погледнете вака пласиран постот, ќе помислите дека трикот се однесува на состојбата прикажана на фотографијата. Но кога ќе го отворите написот и ќе го погледнете видеото внатре, ќе сфатите дека едно со друго нема врска.

Шофершајбните на автомобилите се многу осетливи и често знаат да напукнат. Температурните разлики исто така можат да направат проблем, особено минусните температури со кои се соочуваме сега. Свесни сме дека поправката може да биде многу скапа, но постои и многу поевтино решение! Ви донесуваме едноставно и ефикасно решение, а нема да потрошите куп пари. Во ова видео можете да погледнете за што точно се работи, се наведува во написот.

Видеото ви нуди решение како да ја поправите шофершајбната која е мaлку напукната, со цел да не се зголеми пукнатината и да се направи поголема штета како онаа прикажана на фотографијата во постот. Впрочем, и самото видео во написот вели: како да поправите windshield chip (чип на шофершајбната) или crack (пукнатина).

Очигледно е дека меѓу пукнатината прикажана во видеото и целосно распуканата шофершајбна на фотографијата во постот има огромна разлика.

Според ова, може да се каже дека постот е манипулација и клик-бејт информација со цел да привлече што е можно повеќе кликови. Преку него се шири лага и се мамат читателите со цел повеќе отворања на текстот. Дека читателите се измамени покажуваат и коментарите под постот. Еден од нив гласи: „Не тресете глупости, не ги лажете луѓето. Срамота“.