[Рецензија:Вонредни технички прегледи, врие од полиција: Се прави сè за блокада на митингот во Охрид ]
Насловот на текстот што го рецензираме шпекулира, бидејќи внатре во написот нема ниту еден доказ дека се правеле вонредните технички прегледи на автобусите со кои се превезувале симпатизерите на претседателскиот кандидат на опозицијата. Во однос на тврдењето: „вриење од полиција“, со него тенденциозно се нагласува присуството на полицијата, иако е сосема нормално на секој митинг да има полиција, таа е присутна и на митинзите на власта, како и на други собири на граѓани.
Линк до оригиналниот напис: Вонредни технички прегледи, врие од полиција: Се прави сè за блокада на митингот во Охрид
Датум и време на објавување: 1.4.2019
Датум на рецензирање: 3.4.2019
Рецензент: Силвана Жежова
Автобусите што тргнаа кон Охрид се запирани на вонредни технички прегледи. Блокирани се влезовите во Охрид, а на местото каде што вечерва ВМРО-ДПМНЕ ќе одржи митинг, врие од полиција.
Ова тврдење е непоткрепено, паушално е пласирано без никаква проверка. Нема изјава на некој од возачите, кои би потврдиле дека автобусите, наводно, биле сопрени од полицијата, а граѓаните спречени да пристигнат на митингот.
Нема ниту официјален став од Министерството за внатрешни работи, кое би ја потврдило оваа информација.
За наводите дека „врие од полиција“, според она што е понудено од текстот како информации, читателите со ништо не можат да се уверат дека на митингот имало огромен број полицајци. Но, она што треба да се знае е дека полициско обезбедување е нормална работа за секој митинг, бидејќи организаторите најчесто ваквите настани ги пријавуваат во МВР за да се запазат редот и мирот.
Она што е, исто така, важно е дека доколку навистина имало обид за спречување на митингот на Гордана Силјановска Давкова во Охрид, ВМРО-ДПМНЕ ќе реагираше и ќе ја информираше јавноста. Но, освен во оваа „вест“, информација за наводните вонредни технички прегледи не слушнавме, ниту видовме на друго место.
Кога се изнесуваат паушални тврдења, кога тие не се поткрпени со ниту еден доказ, излегува дека информацијата е „извадена од ракав“.
Читателите треба да обрнат внимание на тоа дали вакви текстови во кои се изнесуваат само еднострани тврдeња се поткрепени со релевантни изјави, кои во случајов би биле од МВР или од некој од возачите на автобусите, кој би потврдил дека бил испратен на технички преглед. Во текстот се тврди дека на митингот имал огромна посетеност, па оттука се претпоставува дека имало и голем број автобуси. Така што можело да се најде барем еден возач со кој би се поткрепиле со лeснотија искажаните обвинувања.