Социјалните мрежи целосно го сменија начинот на комуникација и дадоа сосема нова димензија на комуникацијата, известувањето и на преносот на информации, а со тоа го сменија и односот на медиумите кон известувањето. Изборот на информации објавени на социјалните мрежи како приоритетен извор на информации е сè почест кај медиумите што комплетно го менува односот на публиката и на медиумот, при што публиката станува дел од процесот на информирање
Пишува: Елена Стојановска
Ако се земе предвид фактот дека новинарите сè повеќе ги користат социјалните мрежи како извор на информации и фактот дека корисниците на „Фејсбук“ се изјаснуваат дека оваа социјална мрежа е помеѓу најдоверливите извори на информации на кои тие се потпираат, неизбежно е да се појават следните прашања упатени кон новинарите:
- Која од информациите кои можат да се најдат на „Фејсбук“ е релевантна за да биде пренесена во медиумите?
- Имаат ли новинарите време да ја проверат информацијата со целата нејзина содржина?
- Каде редакцијата ќе постави граници помеѓу она што е релевантно и она што директно нарушува нечие право?
Непосредно по големото невреме и поплавите во Скопје, национална телевизија објави прилог во делот на информативната програма во кој во половина од времетраењето објавуваше статуси објавени на приватни фејбук-профили на лица кои се активисти во политички партии, здруженија на граѓани, но и лица чии статуси на „Фејсбук“ се ставени во конотација со која се претпоставува нивната политичка ориентација, ставови и мислења.
ОД ДРУГАТА СТРАНА НА ПРИВАТНОСТА
Користењето и пренесувањето на туѓи статуси на „Фејсбук“ во основа е проблематично и отвора многу дилеми. Пред сè, треба да се тргне од тоа дека секој кој има свој профил на оваа социјална мрежа информациите што ги објавува се наменети за онаа јавност која самиот ја одбрал, а тоа се неговите пријатели на „Фејсбук“ и оние кои го следат, доколку тоа го дозволил. Објавувањето на „Фејсбук“ е јавно, но тоа не подразбира дека може да биде достапно за целата јавност.
За да може да се проблематизира на тема нарушена приватност, треба да се тргне од тоа чии статуси се објавуваат, но уште поважно, во кој контекст истите се пренесени. Доколку станува збор за лица кои ѝ се познати на јавноста, вршат јавни функции, креатори се на јавното мислење и објавуваат информации од јавен интерес, пренесувањето на нивните статуси како ставови може да се случи, но само ако истите се објавени на профил кој лицето го користи како јавен профил.
Во прилогот кој е земен како пример, објавени се статуси на лица кои не се јавни личности. Покрај статусите објавени се и нивните профилни фотографии и целосните имиња на профилот. Дополнително, за дел од нив, иако не е јасно видливо од самата фотографија направена од нивните профили, дадени се информации за нивните активности во одредени граѓански здруженија. Со ваквиот начин на објавување се врши и директно поврзување на лицата со политичка партија, а се претпоставува и нивната сексуална ориентација што согласно Законот за заштита на личните податоцисе чувствителни лични податоци и се дел од посебните категории на лични податоци чие објавување во случајов не е дозволено.
Посебни категории на лични податоци се лични податоци кои го откриваат расното или етничко потекло, политичко, верско, филозофско или друго уверување, членството во синдикална организација и податоци што се однесуваат на здравјето на луѓето, вклучувајќи ги и генетските податоци, биометриски податоци или податоци кои се однесуваат на сексуалниот живот.
ДАЛИ ЦЕЛТА ГИ ОПРАВДУВА СРЕДСТВАТА?
Во ваквиот вид на „вести“, кога редакцијата одлучила дека извор на информации ќе биде „Фејсбук“, а начинот на објавување на информации од приватни профили крајно несоодветен, прво нешто што треба да се увиди е целта на информацијата. Целта на медиумот може да биде да укаже на тоа како корисниците на социјалните мрежи реагираат на одредена ситуација, како се активираат за време на непогода, кои се ставовите и мислењата на интернет-заедницата. Во тоа нема ништо спорно. Ако ова е целта на преземањето статуси од „Фејсбук“, тогаш нивното прикажување треба да биде многу внимателно, односно со замаглени фотографии и имиња на профил. Но, непреземањето на овие мерки не може и не смее да биде средство за објавување информации на начин на кој се гледа тенденциозност за етикетирање на лица и користење на нивните приватни профили во политички цели.
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
Овој едукативен напис е првобитно објавен од Сервисот за проверка на факти од медиумите и КриТинк го реобјавува во функција на информирање на јавноста за теми поврзани со медиумската писменост и критичкото мислење.