Не смее да се плагира, но ни да се бара монопол над вестите

Во последно време, новинарите во Македонија водат жестока јавна дебата за плагирањето на нивните трудови. Отворена е дури и посебна група на Фејсбук, на која новинарите објавуваат текстови за кои сметаат дека им се плагирани (или „украдени“), а потоа се водат лути расправи. Во основа, поттикнувањето на свесноста за тоа што е оригинал,  а што плагијат во новинарството, е добра работа, затоа што секој професионален новинар има етичка обврска да не се служи со плагирање и со почит да се однесува кон трудот на своите колеги.

Пишува: Билјана Илиќ

 

За жал, кога човек ќе навлезе во содржинска анализа на примерите на „кражби“ на кои алармираат новинарите, покрај очигледните нелегитимни преземања на оригинални содржини од други медиуми (понекогаш дури и без посочување на изворот, што секако е рамно на кражба), регистрираме и многу случаи на погрешно разбирање за тоа што е, всушност, плагирање во новинарството. Па така, во многу случаи, новинарите се мачат како сопствен оригинален новинарски труд да ги третираат вестите и извештаите создадени врз основа на пишани соопштенија (препишани, значи), од билтените на институциите (најпопуларен е билтенот на МВР), од т.н. прес-листови што се лиферуваат после конференциите за печат и слично. Работата оди дотаму што понекогаш брзината на објавување на таквите вести се смета за клучен и елиминациски фактор во определувањето на тоа што е „оригинал“, а што „копија“ – некој што прв објавил вест преземена од билтенот на МВР смета дека создал оригинално дело и дека сите други, едноставно, го плагираат. Така доаѓаме до апсурдната ситуација многу новинари да сметаат дека имаат монопол и врз самите вести за настаните.

 

ШТО Е ЕКСКЛУЗИВНО, ШТО Е ЈАВНА СОПСТВЕНОСТ

 

Очигледната забуна, освен од меѓусебното нетрпение на новинарите, доаѓа и од неподготвеноста да се прифати фактот дека во оној момент кога еден медиум веста за одреден настан ја споделува со јавноста – ја објавува и при тоа, ако може, за тоа наплаќа, а ако не може, ја „дели“ бесплатно – таа веќе станува јавна сопственост. Или, уште попрецизно: веста за еден настан станува јавна сопственост, но не и начинот на кој таа е обработена од страна на новинарот. Веста за трагична сообраќајна несреќане е и не може да биде било чија ексклузивна сопственост, без оглед кој прв ја објавил или можеби се затекнал на местото на настанот. Кога би било поинаку, дали веста за овој настан би смеел да ја објави дописник на странски медиум?

Новинарите имаат не само легитимно право, туку и професионална обврска, да се информираат од разни извори, меѓу кои се и другите медиуми. Информациите за настаните што ќе ги дознаат при тоа можат да ги користат сосема слободно – под одредени, општопознати услови (прецизна атрибуција, линкување итн.) да ги пренесуваат директно или да ги збогатуваат вестите со користење други извори, со дополнителни истражувања, со контекстуализирање и користење бекграунд информации. При тоа, секој мора да го почитува трудот на своите колеги и нивната оригиналност во пристапот и во обработката на темите. Тука, за жал, баш и не можеме да се пофалиме.

Лоша е и идејата агрегаторите на вести да ги третираме како „плагијатори“ и да смислуваме законски и етички пречки тие да ги преземаат вестите од електронските публикации (ајде, да го употребиме за прв пат новиот термин што ќе го наложи новиот закон за медиуми), сѐ додека тие своите посетители директно ги водат на веб-страниците од каде што се преземени вестите. Да, њузпорталите со право се несреќни поради тоа што на таков начин агрегаторите, без многу труд и мака, создаваат сајтови на кои трупаат реклами и заработуваат дебели пари, но тоа е така зашто њузпорталите не се трудат здружено да им предочат на огласувачите и на маркетинг агенциите дека огласувањето на агрегатор наместо на информативен портал од каде што се презема веста, е како да се огласува на прозорецот на трафиката наместо во весникот што е изложен таму.

 

ИЛИ ПОРТАЛ ИЛИ АГЕНЦИЈА

 

Како што слушнавме неодамна, постои некаква иницијатива за измени на законите кои се однесуваат на авторските права, со кои наводно ќе се регулираат овие прашања и ќе се заведе некаков „ред“ во оваа област. Тоа не е лоша идеја, но само ако се внимава со новите правила на игра да не се воведат неодржливи ограничувања на содржините во медиумите. Ниту смее, ниту може да се ограничи правото на пристап до вестите за настаните, дури и тогаш кога извор се медиумите. Доколку некој се обиде да го спречи тој нормален проток на информациите, ако дури и се затворат агрегаторите, хипотетички зборувајќи, „проблемот“ би можел да се реши на многу едноставен начин – некој досетлив на Фејсбук ќе формира група која ќе се вика, да речеме, Вести и дневни настани, па таму неограничено ќе ги постира сите информации копипејстирани од електронските публикации и од он-лајн изданијата на печатените медиуми и телевизиите. Така, тој нов медиум ќе стане неограничен и легитимен извор на информации, којшто нема да може да се оспори ни правно, ни етички (сѐ додека не се заведе контрола и врз интернет, што можеби е и можно во земји како Македонија).

Конечно, секој што мисли дека неговото авторско новинарско дело вреди пари, има само еден сигурен начин тоа да го провери – најдобро е да се обиде да го продаде. Интернет медиумите не можат истовремено да се однесуваат и како њузпортали кои што бесплатно објавуваат информации, и како информативни агенции, кои би сакале да ги наплатат вестите и другите содржини што ги произведуваат. Тој што има намера на тој начин да го вреднува својот труд, едноставно, треба да ги затвори содржините за очите на широката јавност и вестите да им ги продава на оние што се заинтересирани да ги купат. Како што, впрочем, прават вистинските новински агенции.

А новинарите бездруго треба да ја негуваат својата оригиналност, но пред сѐ преку начинот на кој известуваат, анализираат и коментираат, во кој ќе се огледа нивната инвентивност и талентот. Во поголем дел од медиумите, особено кај дел од њузпорталите, веќе се воведени добри практики на почитување на туѓиот новинарски труд, па така новинарите се трудат не само да ги наведат изворите од каде што директно ги преземаат вестите, туку и со линкови да ги „препраќаат“ своите посетители до содржините на изворникот. Тие практики треба да се збогатат и да се продлабочат. Грешки и очигледни прекршоци, се разбира, имало и ќе има, но важно е да се негува трендот. И секако, треба да се води упорна и секојдневна битка со оние медиуми кои буквално се однесуваат како пирати, кои грубо и насилно преземаат дури и анализи и колумни од конкурентски медиуми, обидувајќи се на тој начин лесно да заработат од туѓиот труд.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

 

Овој едукативен напис е првобитно објавен од Сервисот за проверка на факти од медиумите и КриТинк го реобјавува во функција на информирање на јавноста за теми поврзани со медиумската писменост и критичкото мислење