Оглас: Ангажирање на новинари рецензенти

Фото: pixabay

Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ за потребите на проектот со наслов „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој се спроведува со поддршка од Европската Унија, објавува оглас за привремено ангажирање на новинари рецензенти.

Новинарите рецензенти ќе бидат дел од тим новинари кои ќе идентификуваат важни дневни вести од медиумите и широко споделувани содржини од социјалните мрежи, ќе спроведуваат рецензии на тие содржини и повремено ќе пишуваат написи, чија цел е едукација на јавноста со основите на медиумската писменост и нејзиното запознавање со новинарските стандарди, со цел лесно и брзо препознавање дезинформации во медиумскиот простор и на социјалните мрежи.

Кандидатите треба да ги исполнуваат следните услови:

  • да имаат завршено студии од областа на новинарството, комуникологијата или сродна област;
  • како основа на својот професионален ангажман во сферата на медиумите го прифаќаат Кодексот на новинарите на Македонија или друг еквивалентен кодекс на етички и професионални стандарди усвоен од релевантна организација на новинари (оваа заложба за прифаќање на стандардите за саморегулација треба да се објасни во рамките на мотивационото писмо);
  • да имаат минимум 3 години работно искуство во полето на медиумите;
  • да имаат аналитички способности;
  • добро да го владеат пишаниот македонски или албански литературен јазик.

Предност при изборот ќе имаат кандидатите што:

  • не се во работен однос во медиум од Македонија;
  • се членови на професионални здруженија на новинари што се залагаат за унапредување на професионалните стандарди;
  • можат на професионално ниво да ги следат и рецензираат медиумите на македонски или на албански јазик.

Кандидатите треба да испратат кратка биографија и писмо за мотивација, како и линкови до 3 сопствени статии или скенирани објави, преку е-пошта на info[at]metamorphosis.org.mk.

Рокот за пријавување е 10 септември 2018 година.

„Метаморфозис“ овозможува еднакви можности и фер и непристрасен третман при ангажирање соработници, без разлика на нивната раса, боја, пол, етничко потекло, возраст, попреченост, политичка поврзаност, брачен статус или сексуална ориентација.

——————————————————————————————————————————-

Основна цел на проектот е да промовира медиумска писменост како основа за зачувување на правото на граѓаните да имаат различни мислења, преку стимулирање култура за критичко размислување, плурализам на мислења и демократски вредности.