Осуден „доктор“ лажно тврди дека корона вирусот е измислена опасност за да не чипувале преку вакцините

Човек кој е осуден за измама во Србија, кој се претставува за доктор по кинеска медицина, а нема доказ за тоа, говори околу половина час за теории на заговор околу корона вирусот, чија крајна цел била да се чипира светското население преку вакцините што ќе бидат пронајдени

Пост објава на Фејсбук на македонски јазик прикажува и рекламира наводен доктор, Ален Азариќ, кој зборува дека корона паниката е вештачки креирана, дека вакцините што ќе дојдат ќе содржат течни чипови со крајна цел луѓето да се претворат во робови, а дека сето тоа го водат првите луѓе на фарамцевтската мафија со крајна цел да се збогатат и да управуваат со светот.

Во постот, корисникот пред видето го напишал следното:

Доктор Ален Азариќ

ВИСТИНАТА за КОРОНА,фармацеутска мафија,вакцини и злосторството против човештвото!

Слушајте и гледајте не пропуштајте !!!

Поздрав од Македонија  за Вас докторе

Под овој текст е емебедирано видео од нешто помалку од половина час, во кое таканаречениот доктор Ален Азариќ ги изнесува ставовите против реалноста – корона вирусот не е опасен, постоел со векови, ама за него се молчело, станува збор за нешто посилна вирусна инфекција, постои план да се шири стравот и т.н. Еве дел од тоа што го говори:

(2.40 мин.) Што е короната…Што е глобалниот план на фармацевтската мафија? Прво, корната како корона е една малку посилна форма на вирусно запаление кои ги напаѓа респираторните органи…

(5.15 мин.) Целта е толку многу да ве заплашат за да стоите сами во редот да примите вакцина. Како крајна цел имаат во план сите да ве вакцинираат, да добиете преку нано технологијата течен чип и на крај работен чип. И да бидете глобални робови на оние кои замислуваат дека се богови. Оние кои се на чело на фармацевстката индустрија, т.е. фармацевстската мафија.

(10.20 мин.) …Број 1 се медиумите. Медиумите кои шират лажни вести. Медиумите се главно оружје на тие злосторници. Запамтете, што помалку следите медиуми, помалку ќе заболете, што повеќе ги следите медиумите ќе имате голем страв и ќе застанете први во редот да ја примите таа спасоносна вакцина, а тие ќе заработат милијарди… Вацината нема да ве спаси од ништо. Од ниту една болест… Ќе ја примите вакцината и ќе добиете еден убав течен чип… Спротивставете се. Спротивставете се на тој систем. Престанете да ги следите медиумите. Спротивставете се на маските. Познато е дека со маските внесувате 100 пати поголемо количество на јаглерод двооксид. Со тек на времето страдаат крвните садови, страда респираторниот тракт. Ова не го кажувам јас, го кажуваат познати стручњаци…

(21.13 мин.) Јас не сум завршил конвенционална медицина, ама добро ја познавам, бев принуден да ја запознаам. Докторирав на кинеска традиционална медицина, мајка и татко на сите медицини…

Неговиот исказ е мешавина на анти-глобалистички говор, анти-ваксерски говор, религиозна содржина, за на крај да ги рекламира своите производи од природни билки, кои, патем, и самиот ги рекламира преку својот веб сајт, а ги продава и рекламира и преку ФБ страницата.

Главните невистини се состојат во минимизирање на опасноста од корона вирусот, за што фактите говорат сами за себе колкава невистина е тоа. Доволно е само да се погледнат страниците на СЗО или за статистика или пак страниците на Институтот за јавно здравје и да се види колку болеста била „неопасна“.

Втората група невистини што ја искажува наводниот доктор е таа дека маските не штитат од ништо, освен од прашина, дека се опасни и дека се дел од планот за заплашување и намерно предизвикување болести. Носењето маски е докажано дека штитат од трансмисија на вирусот и тие се правило во целиот свет, а се една од основните препораки на СЗО за заштита од заразата.

Третата група невистини се, всушност, анти-ваксерството што го шири докторот, а тоа е дека крајниот план бил со нив да се вгради чип во светската популација. Оваа, една од главните теми на теориите на заговор околу корона вирусот, не е нова и таа се шири од почетокот на годинава. Повеќе серивси за проверка на факти ја имаат разобличено и нивните проверки можете да ги видите на Си-Би-Ен, на Ројтерс, на Би-Би-Си…Со еден збор, нема ниту еден факт со кој може да се тврди дека целта била да се чипира светското население, исто како што нема ни докази дека таква технологија е развиена во смисла да се дава преку течен чип.

Што се однесува до самиот говорник, тој самиот при крајот од видеото говори дека нема завршено класична медицина, но дека бил доктор по кинеска медицина. Дека нема завршено класична медицина мораше да открие на почетокот од 2018 година, кога во една ТВ емисија на ТВ Пинк се испокара со познат српски хирург, наведувајќи дека бил експерт по лечење онколошки болести. По ова и српските власти се заинтересираа за наводниот доктор Азариќ, па беше покрената и истрага и крвична пријава за надрилекарство и за измама со лажните лекови. Медиумите, пак, продолжија да откриваат дека нема доказ за постоење на ниту една диплома од некоја високошколска установа што му била издадена на наводниот доктор, а тој, се чини, оваа година бил осуден во Србија и уапсен во Босна и Херцеговина по потерница од српскиот Интерпол.

Оригиналното видео е пласирано на неговата ФБ страница на 24 октомври 2020, а на корисниците на македонски јазик е пласирано на 26.10 и го имаат видено огромен број корисници на социјалната мрежа.

 

Oнлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонснаведи извор-без изведени дела.