Сосема непрецизен извор претставен како ,,здравствените работници” преку вирален пост, не нуди никаква конкретна помош ниту за детекција, ниту за третирање на инфекцијата од Сарс Ков 2 вирусот, од причина што тоа бара медицинска експертиза, која македонскиот здравствен систем прецизно ја има утврдено.
Кога пациентот ќе биде потврден како позитивен на тестот за коронавирусот, неговите информации за ваквата здравствена состојба веднаш му се испраќаат на неговиот матичен лекар, кој го продолжува неговото лекување и по потреба и со медицинска индикација го препраќа и во болница, доколку се јави потреба од тоа. На решението за изолација издадено од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, за оние лица кои се во домашна самоизолација, а позитивни на Ковид 19, јасно е наведено доколку им притреба болничко лекување или доколку им се појави потреба да го напуштат домот поради компликации од вирусот, веднаш да се јават на телефонскиот број 192 пред да одат во болница.
Значи, македонскиот здравствен систем има точно определени критериуми, протоколи и соодветни институции и лекари што го следат лекувањето на граѓаните. Оттука, тврдењето во постот што го рецензираме и го оценуваме како невистинит, дека ,,здравствените работници ја подготвиле оваа порака за луѓето во случај да не сакаат да ризикуваат веднаш да одат во болница”, не е точно. Впрочем, опасно е да му се кажува некому дека е ,,ризик да оди в болница“. За некои пациенти тоа е животоспасувачко. Матичниот лекар ја информира брзата помош кога некој пациент на домашно лекување има потреба од болнички третман.
ВИТАМИН Ц И ПИЕЊЕ МНОГУ ВОДА НЕ ГО СПРЕЧУВААТ НАПРЕДКОТ НА ВИРУСОТ
Освен тоа, во постот се наведуваат паушални примарни и секундарни симптоми на инфекцијата, кои воопшто не се медицински издржани. За секого индивидуално зависи како организмот ќе се справи со инфекцијата. Некои луѓе имаат неколку симптоми, поголемиот дел немаат никакви симптоми, а други доживуваат нагло влошување на состојбата.
Значи, уште од почетокот на пандемијата здравствените власти повторуваат дека вирусот е непредвидлив, оттука никој го нема поделено напредувањето на вирусот во вакви фази какви што ги опишува постот. Освен описот на ,,фазите”, се дава и препорака да се зема витамин Ц и да се пие многу вода „за да се исчистат белите дробови“. „Вистиномер“ консултираше виролози кои потврдија дека пиењето вода нема да го спречи напредувањето на коронавирусот. Да беше така, досега сите ќе пиеја вода и болеста немаше да бележи прогрес.
Во постот се бара да не се одложува третманот за да не се дојде до наводната воспалителна фаза на вирусот, меѓутоа во него нема никаков наведен третман. Освен пиењето вода и земањето витамин Ц, кои дефинитивно не се лекови за Ковид-19. Настрана фактот давање третмани за лечење преку Фејсбук постови е несериозно. Kако што веќе кажавме, третамите за Ковид-19 се индивидуални и нив може да ги препише само лекар во комуникација со својот пациент. Делумно е вистинито, сепак, дека имуниот систем е битен фактор, кој во некои случаи одлучува кој организам како ќе помине кога ќе се инфицира со коронавирусот. Препораките за спиење од 8 часа, седењето на сонце 20 минути дневно се добри за генералното здравје, но нема да ве заштитат од Ковид-19.
Да се тврди дека фазата на закрепнување е од 9 до 14 ден е невистинито и опасно. Директорката на Инфективната клиника, доктор Милена Стевановиќ, во изјава за медиумите кажа дека за средно тежок случај на Ковид-19, болничкиот третман во просек е 16 дена, но дека последиците од вирусот се присутни со месеци подоцна.
ДАЛИ ИМАТЕ КОВИД-19 ИЛИ НЕ СЕ УТВРДУВА ПРЕКУ ТЕСТИРАЊЕ
Кога се тврди „ќе знаете дека имате Ковид-19 ако имате чешање во грлото, сува уста, сува кашлица, висока температура, тешкотии при дишењето, губење на мирис и вкус”, треба да се биде свесен дека овие симптоми, иако се застапени кај некои пациенти со коронавирусот, сепак не се вистинскиот начин за да знаете дека имате Ковид-19. Ковид-19 може со сигурност да знаете дека имате само ако направите ПЦР тест и ако добиете позитивен резултат. Самите симптоми се индикатор, но не мора да бидат поради Ковид-19, туку може да се дел од некои други вирусни или бактериски инфекции. Сосема е контрадикторно тоа што се тврди на почетокот на постот, „да не ризикувате веднаш да одите во болница“ и она што се сугерира на крајот од постот, а тоа е ,,да не го одложувате третманот за превенција“.
Граѓаните со резерва и со критички ум треба да ги земаат ваквите постови и да не ги следат. Секој случај на Ковид-19 е различен и граѓаните се најсигурни во рацете на медицинските професионалци, кои ја следат и се запознаени со нивната конкретна здравствена состојба. Пиењето вода, земањето витамин Ц нема да ве заштитат или излекуваат од Ковид-19, а беглото набројување на симптомите, кои, повторно ќе напоменеме, не се универзални за сите, воопшто не се ,,порака што здравствените работници ја подготвиле за граѓаните за да тие не ризикуваат да одат во болница“.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.