Претпоставката не е доволно цврста информација

[Рецензија: (Фото) ШЕФ НИКОЛА ОТКРИВА: Еве што јадеа Заев и Ципрас на вечерата во Македонија]

 

Текстот што го рецензираме е типичен пример за извртување на фактите за привлекување што е можно повеќе кликови.

Линк до оригиналниот напис: (Фото) ШЕФ НИКОЛА ОТКРИВА: Еве што јадеа Заев и Ципрас на вечерата во Македонија

Датум и време на објавување: 5.4.2019

Датум на рецензирање: 8.4.2019

Рецензент: Ана Анастасовска

Насловот на овој текст е бомбастичен и е создаден за кликови. Секој што ќе го прочита, ќе кликне за да види што јаделе премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас на ручекот во Скопје, кој се чуваше во најголема тајност.

Шефот на кујната во винарницата „Камник“, Никола Мишковски, пред неколку дена беше одговорен за трпезата со која премиерот Заев го пречека премиерот на Грција, Ципрас.

Написот тврди дека шефот на кујната во винарницата „Камник“, Никола Мишковски, бил одговорен за трпезата со која премиерот Заев го пречекал својот грчки колега Ципрас. Но, потврда за ваквата информација нема, ниту, пак, е посочено од каде е добиена таквата информација.

Понатаму, написот објавува фотографии од специјалитети на Мишковски што тој ги објавил на својот фејсбук-профил.

Фотографиите од специјалитетите на Никола изгледаат превкусно, па сигурни сме дека премиерите се празадовлни од „шефот“.

Овие фотографии Мишковски ги објавил на 27.3.2019 година. Средбата на Заев и Ципрас во Скопје се одржа на 2.4.2019 година.

Користејќи ги фотографиите од фејсбук-профилот на Мишковски, написот прави манипулација, ставајќи ги во контекст на вечерата на Заев и Ципрас, креирајќи бомбастичен наслов во стилот: „еве што јаделе Заев и Ципрас“.

Текстот е класичен пример за тоа како информациите може лесно да се извртат и на читателите да им се пласираат непроверени вести базирани врз непотврдени информации. Во написот не е запазено основното новинарско правило – дека новинарот има обврска да ја провери информацијата што е можно повеќе пред да ја објави. И тоа од што поголем број извори. Информации засновани врз шпекулации се неверодостојни и треба да се земаат со резерва.