Радио МОФ објави поткаст за пандемијата на дезинформации на интернет

Илустрација на подкастот на Радио МОФ.

Како што постои вирус, постојат и супер ширачи на вирусот. Но, овде не станува збор директно за новиот корона-вирус, туку за дезинформациите што произлегуваат од неговата појава. Тие најчесто доаѓаат од корисници со голем број следбеници, кои, свесно или не, споделуваат дезинформации и го шират „вирусот наоколу“.

На тема како граѓаните да изградат имунитет против онлајн-дезинформациите и постои ли лек против нив, Радио МОФ зборуваше со студентката по новинарство Александра СубашиќФилип Стојановски од Фондацијата „Метаморфозис“ и Слободан Јаќоски од „Википедија на македонски јазик“.

Во интервјуто, студентката Субашиќ истакна дека наставната програма на факултетот по новинарство не содржи доволно практични примери од кои студентите може да учат.

Не постои предмет кој буквално нè едуцира како да ги распознаваме лажните вести, изјави таа.

Јаќоски укажа дека проверување на објавеното е дел од културата на „Википедија“, која е исклучително важна за заедницата, бидејќи од примената на научните принципи зависи и кредибилитетот на целата енциклопедија. Тој исто така ја нагласи потребата да се разговара со луѓето што шират лажни информации на социјалните мрежи, дури и кога нема надеж да се убедат, затоа што таквите дијалози се форма на едукација за другите корисници.

Ние имаме одговорност да култивираме култура на вистинитост, вели Јаќоски.

Стојановски пренесе дел од искуствата на проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кои покажуваат дека дезинформациите освен политички прават и комерцијални штети. Меѓу другото, тој предупреди на трендовите идентификувани од „КриТинк“ за измамници со криптовалути, кои се надоврзуваат на пропагандата против Европската Унија и нејзини земји членки.

Дезинформациите не се само политички, не се само дел од ширење хистерија да се прикаже дека институциите се нефункционални, туку често ваквите дезинформации како за 5Г и слично одат во комбинација со профитабилни дезинформации: за продавање лекови, за исцелители, за разни квазинаучни надрилекари и слично, коишто нудат свои услуги, кои во основа се измама (scam), а се дел од целиот тој екосистем на дезинформации,  објасни раководителот на проектот „КриТинк“, кој го спроведува „Метаморфозис“ во соработка со „Евротинк“ и финансиска поддршка од Европската Унија.

Поткастот е објавен на платформата „Миксклауд“  на 29 јуни 2020 г. и е дел од  серијата содржини поврзани со медиумската писменост #ДаСеКликнеИлиНе изработени во рамките на Проектот за младинско изразување, кој го спроведува Младинскиот образовен форум – МОФ, со поддршка од Европската Унија.