На 20 јуни, порталот „Лидер“ го објави написот „Бугарски мајмун од сортата Ангел Џамбаски“, потпишан од Предраг Димитровски. Само нешто подоцна, целосниот напис беше објавен и на „Пресинг ТВ“ и „Република“ без никаков придружен коментар или исправка на содржаните правописни и печатни грешки. Иако објавен на информативни портали и означен како колумна, текстот не е многу повеќе од збир на крајно проблематични ad hominem напади и говор на омраза насочени, пред сè, кон бугарскиот политичар и европратеник Ангел Џамбаски.
Наводната колумна ниту најмалку не ги задоволува информативните и етичките принципи наведени во Кодексот на новинарите, туку наликува на не многу писмено составен фејсбук-статус, чија цел е да предизвика морален гнев преку употреба на јазик со морално-емотивна пребоеност и афективен говор.
Пишува: Ана Мишковска Кајевска
Ниската информативна вредност на текстот се гледа и во отсуството на цитати и линкови. Со други зборови, останува нејасно на што конкретно се повикува Димитровски, а изостануваат и изворните информации и изворите на информации. Пребарувањето на интернет покажа дека можеби станува збор за изјави што Џамбаски ги има дадено за време на фејсбук-разговорот „Геополитика и транспортни коридори на Балканот“. Таа информација може да се најде, на пример, на порталите „Експрес“ и „Вечер“ (двата текста имаат различен наслов, но идентична содржина). Разгледувањето на фејсбук-профилот на Џамбаски покажа дека разговор со таков наслов бил најавен за 19 јуни. Меѓутоа, неговиот профил, а и оној на неговата матична партија „ВМРО – Бугарско национално движење“, не содржи никаков јавен видеозапис од тој разговор. Изјавите на Џамбаски што се цитирани од „Експрес“ и „Вечер“ може да се чујат на снимката објавена на анонимниот македонски фејсбук-профил „Види Види“, но поради нејзината нецелосност, не може да се утврди дали тие изјави навистина биле дадени за време на фејсбук-разговорот на 19 јуни. Иако контекстот и датумот на конкретните изјави на Џамбаски се од секундарно значење за оваа анализа, постојано треба да се има предвид дека ненаведувањето и/или непроверливоста на изворите може да претставува намерна медиумска манипулација.
Споредбата на содржини (како, на пример, поимот „ќотек“) покажа дека Димитровски алудира на изјавите на Џамбаски што можат да се слушнат во оригинал на снимката и чиј превод е достапен во гореспоменатите текстови на „Експрес“ и „Вечер“. Меѓу другото, Џамбаски вели дека отпорот што Македонците го имаат кон прифаќањето на своето бугарско потекло може да се надмине со „малку ќотек“. Димитровски можел аргументирано и квалитетно да ги критикува таквите изјави поради нивната историска проблематичност, содржаната закана со насилство, како и нивниот арогантен, подбивен и патерналистички тон. Наместо тоа, тој избира навреди и други видови насилен говор.
НЕУМЕСНА СПОРЕДБА
Главната и сеприсутна теза на Димитровски е дека Џамбаски е мајмун. Таа теза отсуствува единствено од првиот пасус:
Џамбаски, како голем и докажан великобугарски национал-шовинист е чист и голем Бугарин. Толку чист и голем, што веќе може да му биде сериозна конкуренција на адолфчо, зашто полека, но сигурно се претвора во мало, мало, чистокрвно хитлерче.
Кружното расудување – Џамбаски му е конкуренција на Адолф Хитлер оти се претвора во Адолф Хитлер (!) – е, сепак, помалиот проблем содржан во овој цитат. Многу попроблематична е емотивно набиената, а нималку аргументирана, споредба на Џамбаски со Хитлер, иако Димитровски се обидува да ја омекне користејќи ги деминутивите „адолфчо“ и „хитлерче“.
ПОВИКУВАЊЕ НА АВТОРИТЕТ И МАНИПУЛАЦИЈА
Ако се изземе насловот, Димитровски за првпат ја прави аналогијата меѓу Бугарите и мајмуните веќе во вториот пасус, каде цитира виц наведен во текст на бугарската историчарка Мариа Тодорова. Поврзувањето на вицот со проминентната научничка е пример на повикување на авторитет – вид медиумска манипулација. Иако прво вели дека вицот „постои одамна“, Димитровски, всушност, ни сугерира дека цитира изјава на Тодорова: „Еве што вели таа“. Оваа манипулација е дополнително засилена преку ненаведување на ништо друго од текстот на Тодорова, вклучително и линкот до него. Димитровски можел да го наведе конкретниот виц без воопшто да ја спомене Тодорова. Вака, тој се повикува на неа и истовремено и крие зад неа, односно нејзе ѝ ја префрла одговорноста за знакот на еднаквост што тој самиот го вметнува помеѓу Бугарите и мајмуните.
Веднаш по наведувањето на вицот, Димитровски преоѓа на дехуманизација. Притоа, критикуваните лица престануваат да бидат луѓе што потекнуваат од мајмуни и стануваат посебен вид мајмуни:
И како одличен Бугарин, кој потекнува, значи, од мајмун, според Дарвиновата теорија за постанокот на човекот, овој, актуелнов, новокомпониран бугарски национал-шовинист изгледа самиот по себе претставува посебна сорта мајмун, што слободно може да се именува како Ангел Џамбаски.
До крајот на текстот, Џамбаски не е ословен ниту еднаш како човечко битие, туку единствено како „мајмунот од сортата Ангел Џамбаски“. Од таквото ословување не се поштедени ни други: „посебна сорта мајмун Каракачанов“, „мајмун… од сортата Ванчо Михајлов“ и „има многу сорти бугарски мајмуни“.
Дехуманизацијата, почната со насловот и ad nauseam повторувана низ текстот, е присутна сè до неговиот завршен дел:
А, оние, пак, бугарски мајмуни од сортата Ангел Џамбаски нека продолжат да скокаат од дрво на дрво. И од време на време нека каснат по некоја банана. Како нивно омилено овошје.
Таканаречената колумна на Димитровски остава горчлив вкус до самиот крај.