[Рецензија: ЉУБОВНИТЕ ШЕМИ НА ВЛАСТА: Мила длабоко вљубена во Венко, а Оливер во Славјанка ??]
Недоличен, целосно шпекулативен текст, кој ниту ја информира јавноста за нешто суштинско ниту има каква било додадена вредност. Сè на сè тотално непотребен текст чија основна цел е тенденциозно да озборува и омаловажува.
Линк до оригиналниот напис: ЉУБОВНИТЕ ШЕМИ НА ВЛАСТА: Мила длабоко вљубена во Венко а Оливер во Славјанка ??
Датум и време на објавување: 24.6.2020
Датум на рецензија: 2.7.2020
Рецензент: Симона Атанасова
Во текстот се тврди дека постојат наводни „љубовни шеми во власта“. Па, така од нигде никаде, без никакви докази, се вели дека вицеприемирката Мила Царовска, наводно, е вљубена во министерот за здравство Венко Филипче, а дека техничкиот премиер Оливер Спасовски е заљубен во дополнителната заменик-министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска.
Сето тоа се базира на озборување, а не на точно и проверено информирање на јавноста.
Релевантни извори во текстот не постојат. За поткрепа на тврдењето стои само фразата „според неофицијални информации што кружат низ јавноста“. Тоа ни оддалеку не е доволно за да се пласираат вакви информации чија цел е да се наруши честа и угледот на луѓето спомнати во текстот.
Притоа, едностраноста на напишаното, односно непостоење на втора страна ги зголемува тенденциозноста и непрофесионалноста на медиумот. Споменатите личности во написот не се побарани за изјави и коментари дали тоа што е напишано е точно пред да биде објавено. Не им дадена можноста ниту да потврдат ниту да демантираат.
Не може сериозен медиум на крај да завршува со прашање дали навистина се случува тоа што го тврди во текстот, особено кога се спомнуваат приватни животи на политичари во време на изборна кампања.
Написот оддава впечаток како да е „зготвен“ во кујната на некоја политичка партија и е дел од валканата политичка кампања за претстојните избори што се води паралелно со официјалната кампања на порталите и социјалните мрежи.