[Рецензија: Заев се правда, бил ли под дејство на алкохол кога ги кудел шарените: „После два часа седење во кафеана, се случуваат грешки“]
Текстот што го рецензираме не информира, туку констатира и со тоа го прекршува членот 13 од Кодексот на новинарите: „Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот“.
Линк до оригиналниот напис: Заев се правда, бил ли под дејство на алкохол кога ги кудел шарените: „После два часа седење во кафеана, се случуваат грешки“
Датум и време на објавување: 2.7.2020
Датум на рецензирање: 3.7.2020
Рецензент: Ана Анастасовска
Написот прави сериозно прекршување на новинарскиот кодекс, бидејќи во обид да информира тој ги наведува читателите на субјективно толкување.
Текстот пренесува изјава на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, која тој ја даде на прес-конференција, а се однесува на последните објавени „аудиобомби“ во кои тој зборува за Шарената револуција. Притоа, Заев во аудиоснимката користи зборови од типот: „ќе соберам шарени, и шуто и рогато“ и „мамето ќе им го е*ам на сите во коалиција“.
Секако после два часа и 17 минути седење во кафеана на слободен разговор се случуваат грешки. Сум знаел секогаш да се коригирам и овој пат се коригирам заради тоа што ниту сум го мислел тоа, ниту еве времето покажа дека сум имал некои непријатности во работењето. Јас сум таков човек што се извинувам, и јас им се извинив на сите од Шарената револуција на мојот профил на „Фејсбук“, и тие го прочитаа тоа“, се правдаше денеска Заев.
По ваквата изјава на Заев, написот дава свое толкување и вели:
Секој нормален под „После два часа и 17 минути седење во кафеана, се случуваат грешки“, подразбира дека Заев бил под дејство на алкохол т.е. пијан кога го кажал тоа за шутите и рогатите и фактот дека ќе им ја е.ел мајката на истите.
Текстот, без никакви факти констатира дека Заев во моментот кога го зборел тоа за Шарената револуција бил под дејство на алкохол.
Понатаму во него се вели дека „секој нормален“ тоа би го сфатил, што создава чувство дека ако не го сфатите тоа што ви пишува во написот, тогаш сте ненормални (!).
Тука имаме и стереотип, односно седењето во кафана се поврзува со пиење алкохол и опијанување. Ако седиш во кафана два часа, според текстот, автоматски значи дека си пиел алкохол и си бил пијан. Но, има и луѓе што седат во кафана и не пијат алкохол, а има и такви што пијат, ама не до тој степен за да се опијанат.
Нагласената тенденциозност при известувањето и изнесувањето лични заклучоци не прилега на новинарската работа. Новинарскиот извештај треба да информира за одредена ситуација настан), а не да коментира. Токму со ваквиот начин на пишување и пласирање на текстот се прекршува членот 13 од Кодексот на новинарите, во кој е прецизирано дека:
Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот.