Рециклираната (дез)информација не е вест

[Рецензија: Го стигна страшната судбина: Албанецот што кршеше крст на српски манастир почина во тешки маки ]

 

Текстот е стара рециклирана вест, реобјавена без поента, причина, логика, но и веродостојност.
Со написот се прави навраќање на наводната смрт на некој човек чија етничка припадност неколкупати е експлицитно потенцирана. Станува збор за Алем Курти, кој можеби постои, а можеби и не, за кој се тврди дека е човекот што пред повеќе од една деценија (14 години) скршил крст на српски манастир на Косово.

Тој во 2015 година, како и многу други луѓе на планетата Земја, наводно починал од рак, за што во текстот не е презентиран ниту еден доказ. Но, српските медиуми се ситат на неговата смрт и ја поврзуваат со кршењето на крстот, па објавуваат текстови, и тоа не еднаш, туку повеќепати низ годините, чија главна порака е „сè се враќа, сè се плаќа“. Од непознати причини, ваквите текстови се преземаат и од македонските медиуми и се реобјавуваат на неколку месеци.

Линк до оригиналниот напис: Го стигна страшната судбина: Албанецот што кршеше крст на српски манастир, почина во тешки маки

Датум и време на објавување: 18.3.2019

Датум на рецензирање: 20.3.2019

Рецензент: Симона Атанасова

Во написот е извлечен заклучок дека болеста и смртта на Курти се резултат на „казна од Бог“. Бидејќи ова не може да се докаже, медиумите се обиделе ова суеверие да го протнат како верување на „другите Албанци“. Кои се тие други Албанци, никој не знае. Нема изјава или сведоштво од ниту еден Албанец дека е исплашен или дека верува оти смртта на Курти е казна од Бог!

Текстот е зачинет и со наводен заклучок на српски свештеници дека Албанците се плашат да им пријдат на православните светилишта поради страв од клетва. И, повторно, недостасува извор. Нема податок кои се тие српски свештеници и дали навистина дале вакви изјави или, едноставно, ова е измислен заклучок со одредена цел.

Оваа информација во последните неколку години е повеќепати објавувана и од македонските и од српските медиуми. Очигледно, кога на некои од порталите ќе им притребаат кликови, рециклираат вакви сензационалистчки содржини, кои притоа предизвикуваат и говор на омраза на објавите на социјалните мрежи.

Со едноставно пребарување на „Гугл“, може да се забележи дека оваа вест еден ден пред да ја објават македонските портали била објавена на српски „Курир“. Веста е иста од збор до збор. Исто така, „Србијаданас“ го објавила овој текст на 17 март 2018 година, српски „Телеграф“ ја објавил на 2 март 2016 година, а македонски „Сител“ на 1 март 2016.

Текстот е ксенофобичен, националистички, сензационалистички, празен и непотребен. Нема никаква потврда, доказ или веродостоен податок, прво дека овој човек постои, потоа дека навистина починал од рак, а и сè друго од текстот.

Накусо – написот ги прекршува речиси сите правила од Етичкиот кодекс на новинари.