Фотографија од познат руски адвокат е злоупотребена за претставување на измислен професор „Миодраг Атанасовски од Универзитетска клиника во Скопје, раководител на одделение за васкуларна хирургија“. Атанасовски, го нема ниту во шифрарникот на лекари специјалисти, кои работат во јавните и приватните здравствени установи. Во објавата што се шири на Фејсбук, нему му се даваат чудесни перформанси – имал извршено 1.800 операции на отворен мозок, а најмладиот пациент што го оперирал имал само 2 дена
Комплетно исфабрикувана реклама за производ, ја доведува во заблуда јавноста, претставувајќи чудотворен препарат за висок крвен притисок. Притоа се накалемува изјава за наводната делотвроност на производот, дадена од измислен ,,професор” од Скопје, за кој се користи фотографија, ни помалку ни повеќе, туку од проминентниот руски адвокат Хенри Резник!
(Страницата е отстранета откако беше објавен овој напис, но од страна може да видите зачувана копија, која содржи и фабрикувана дискусија со „задоволни“ муштерии, претставени со македонски имиња и фотографии на луѓе од странство.)
Во манипулативниот рекламен текст што го рецензираме, а кој е илустриран со Резник, тој не е претставен како познат руски адвокат, истражувач на криминал и криминолог, претседател на президиумот на московската асоцијација, титули кои во реалноста му припаѓаат. Во овој исфабрикуван текст, тој е претставен како ,,професор Миодраг Атанасовски од Универзитетска клиника во Скопје, раководител на одделение за васкуларна хирургија”! Лажната фотографија е поставена за да се максимизира и оптимизира кредибилноста на изјавите пренесени во текстот, за да му се даде „лице“ на зборот, односно за изјавите да се поврзат со личност.
Рекламата е за препарат наречен „Детоник“, за кој во текстот се тврди дека го продолжува животот од 12 до 17 години, безопасен е како чај, поминал истражувања во Јапонија и Израел, но и на Институтот за кардиологија кај нас во Македонија.
Меѓутоа, во С. Македонија не постои Институт за кардиологија. Има само Универзитетска клиника за кардиологија, каде што не постои професор со име Миодраг Атанасовски. Прв индикатор дека доктор со такво име не постои, уште помалку професор, е тоа што пребарувачот Гугл не го пронаоѓа ова име и не дава ниеден резултат за него, освен спорната реклама која ја рецензираме.
Освен тоа што Гугл не го пронаоѓа, непостоечкиот професор Атанасовски, го нема ниту во шифрарникот на лекари специјалисти кои работат во јавните и приватните здравствени установи. Целата листа погледнете ја овде.
Арно ама, на овој лажен идентитет – непостоечкиот професор Атанасовски, му се даваат чудесни перформанси. Тој како што лажно тврди рекламата, имал извршено 1.800 операции на отворен мозок, а најмладиот пациент што го оперирал имал само 2 дена.
Исто така, за препаратот кој се рекламира под името „Детоник“, лажно се тврди дека му била дадена финансиска помош од државата за да може да се произведува во поголеми количества. Сепак, овој препарат го нема регистрирано во регистарот ниту на лекови, ниту на медицински средства на МАЛМЕД, официјалната државна агенција за лекови и медицински средства во Македонија.
Не навлегувајќи во тоа дали препаратот е делотворен или не, нашето истражување за овој текст покажува дека со фотографија со лажен идентитет, со непостоечки референци за извесниот Миодраг Атанасовски, се искористени за неговото рекламирање. Згора на тоа, се тврди и дека препаратот добил државна помош, што не е точно.
На крајот на написот има и дел што изгледа како секција за коментари од корисници, со македонски имиња, за кои се користени фотографии од лица кои се појавуваат и на други страници со поинакви, странски имиња. Нивните коментари се во форма на „сведоштва“ со кои се искажува задоволство од користењето на препаратот. Ова претставува пример на манипулативната техника „социјален доказ“ (анг. social proof) според која луѓето се поттикнуваат да копираат и имитираат активности на лица што се преставени дел од група на која припаѓаат.
Лажното претставување на лица како доктори или на тврдења што потекнуваат од лекари претставува форма на логичка грешка повикување на авторитет (анг. appeal to authority) при која мислење на личност претставена како авторитет се претставува како доказ за валидност на одреден став, а се користи и за политичката демагогија и за комерцијален маркетинг. Таков пример, посочен во едукативното издание „Водич на мислителот за логички грешки“ евработување научници што го негираат или минимизираат штетното дејство на тутунот од фирми што продаваат цигари во САД, кои го финансирале и создавањето на својот Американски институт за тутун.