Лажен ендокринолог со лажна фотографија искористен за продажба на препарат кој наводно лекува дијабетес

 

,,Научете се да ја разликувате реалноста од измислицата и тогаш ќе го излечите дијабетесот”, бомбастично најавува рекламата која ја рецензираме, а во која неколку важни елементи се комплетна измислица. Се рекламира производ за наводно лекување на дијабетесот, наречен Диатеа. 

За неговата делотворност, искористена е личност која што би требало во очите на јавноста да претставува авторитет за пациентите, меѓутоа неговиот идентитет комплетно е измислен, односно не постои во македонската база на лекари специјалисти.

Доктор Горан Чолаков, според рекламната содржина која ја рецензираме, е ендокринолог од Македонија, кого го сметале за најдобар стручњак за лекување на дијабетесот во земјата. Меѓуоа, во базата на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија, вакво лице не постои во графата за специјалисти лекари од приватните и јавните здравствени установи. Пребарувачот Гугл не го пронаоѓа извесниот доктор Зоран Чолаков. Единствениот резултат кој се појавува со ова име е студент на електротехнички науки кој се пријавувал на различни испити од оваа област, но на ниеден начин не е поврзан со медицината! Пронајдовме прилепски лекар со презимето Чолаков, но неговото име е Горан а не Зоран и неговата специјалност не е ендокринологија, туку стоматологија.

Во рекламата се тврди дека кај извесниот ендокринолог кој не постои во Македонија, ,,сакаат да се прегледаат сите знаменитости кои боледуваат од дијабетес”. Тврдењето дека ,,знаменитости се прегледуваат од дијабетес” е нелогично и наведува на заклучок дека текстот е некој лош превод од странски јазик. Се додава дека Чолаков наводно напишал доста научно популарни трудови во медицински списанија, ама не пронајдовме такви трудови никаде. А баравме во сите еминентни академски датабази.

Следно, ја истраживме историјата на фотографијата на која што е лажно претставен непостоечкиот доктор Зоран Чолаков. Истата фотографија во Словенија е искористена во сличен манипулативен текст, ама лекарот наместо Чолаков, претставен е како Себастијан Бартовиќ, исто така наводен ендокринолог. Прв индикатор дека нема ендокринолог во Словенија со ова име е дека Гугл не го пронаоѓа. Втор индикатор дека името е измислено и налепено на фотографијата е тоа што го нема ни во регистарот на лекари.

Значи, истата фотографија од еден човек, во различни земји лажно се претставува како да е од различен лекар со цел да се даде кредибилитет на рекламен материјал. Рекламниот материјал пак има сомнителна содржина, а коментарите оставени под него се измислени и не се реални. Дадено е и лажно сведоштво за наводната делотворност на лекот од жена која е претставена на фотографија под името Елена Илиевска од Скопје. Но станува збор за фотографија објавена во Русија. Истата жена од фотографијата во странски фабрикувани реклами е претставувана како госпоѓа Фаркасова.  Значи, во различни земји, по потреба, жената од фотографијата е претставена со различни имиња и презимиња за да се адаптира како да е од таа земја.

За слична измама пишувано е и во странски медиум.

Без да навлегуваме во тоа дали производот кој се нуди е делотворен или не, јасно е дека маркетинг текстот, односно текстот со кој што тој се промовира, се темели на невистинити изјави, непостоечки луѓе, непостоечки здравствени авторитети чии имиња се залепени за фотографии кои не им припаѓаат, а ,,позитивните коментари за производот под текстот, исто така, се лажни, намонтирани и не се од вистински луѓе и корисници.

Исто така, се користат квалификации дека на повеќето доктори не им е важно дали ќе го излекувате дијабетесот, туку само ги завршуваат обврските и земаат плата и го препорачуваат она што ќе им го каже Министерството. Да се препишува само она што ќе го одобри МАЛМЕД, односно Агенцијата за лекови и медицински средства, како и Министерството е дел од законски и правно уредена држава! Тврдењето дека на повеќето лекари не им е важно дали пациентот ќе го излекува дијабетесот не е поткрепено со факти и аргументи, но ја поткопува довербата во здравствениот систем.

Особено кога ваквите изјави се ставени како да ги дава некој врвен стручњак од ендокринологијата кој воопшто не е вистински.

Овој рекламен материјал кој го рецензираме го оценуваме како измамнички и манипулативен.