Сѐ уште не се знае дали ковид-19 вакцината ќе биде услов за патување во странство

Манипулативен пост преку насловот погрешно информира дека за да се патува надвор од земјата, мора да се прими вакцина против ковид-19. Досега не е донесена одлука, мерка, упатство или некаков акт со кој ковид-19 вакцината станува услов за патување во странство, а дали ќе биде така, допрва ќе одлучуваат земјите членки на ЕУ

Објава на „Фејсбук“ ја дезинформира јавноста дека вакцинација притив ковид-19 ќе биде задолжителна за патување во странство. Во постот фактички е пренесен линк од текст со наслов кој шири погрешна информација:

За да патувате надвор од Македонија мора да примите вакцина против КОВИД-19

Токму тврдењето искажано во насловната конструкција е неточно. Сѐ уште не се знае како ќе се регулира патувањето надвор од матичните држави. Вакцинацијата тукушто започна во Велика Британија, САД и европските земји се подготвуваат, а кај нас стартот на овој процес се најавува за март наредната година. И, досега не е донесена одлука, мерка, упатство или некаков акт со кој вакцинацијата против ковид-19 станува услов за патување во странство. Така што, најавата дека вакцината „мора“ да се прими за да се патува надвор од земјата е погрешна и манипулативна.

Впрочем, и внатре во самиот текст се вели дека вакцинацијата може да биде услов за преминување на границите, а не дека тоа е завршена работа.

Наспроти тоа што го тврди насловот, во содржинскиот дел е наведено дека „секој кој ќе се вакцинира и ќе побара ќе добие сертификат, бидејќи највероатно без него нема да може да патува во многу држави. Потоа се додава дека за ова треба да прецизираат министрите на земјите членки на ЕУ“.

Што значи допрва треба да се одлучува дали ќе биде така.

Тоа се гледа и од изјава на директорот на Здравствен дом Скопје, д-р Виктор Исјановски,  дадена по состанокот на министерот за здравство и претседателката на Комитетот за имунизација со директорите на сите здравствени домови во земјата, којашто е пренесена во написот, а во која тој вели:

Може некои земји ќе побараат документ за да може да се влезе на нивна територија, ова допрва ќе се организира. И ние најверојатно ќе издаваме таков сертификат, односно документ за да може граѓаните што сакаат да патуваат.

Самиот напис е сосема коректен, но тој е упропастен со лош наслов со кој се манипулира јавноста. Па, доколку се прочита само насловот, како што најчесто прави добар дел од читателската публика – особено на социјалните мрежи, ќе се добие погрешна информација дека За да патувате надвор од Македонија мора да примите вакцина против КОВИД-19. Што во секој случај е непрофесионално.

И, да споменеме само уште тоа, дека за разлика од овој наслов, оригиналниот текст на кој се повикува написот има сосема коректен наслов: Дали примена вакцина ќе биде услов за патување во странство?

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонснаведи извор-без изведени дела.