Манипулативен пост, објавен пред седум месеци, ја дезинформира јавноста со измислен говор на шефот на руската држава, Владимир Путин. Напишаното повторно го привлекува вниманието на социјалната мрежа Фејсбук и провоцира омраза кон претставниците на ЛГБТ заедницата
Во објава од март оваа година, која деновиве повторно станува многу вирална на Фејсбук – досега има околу 290.000 прегледи, а само во последното деноноќие 6.200, се шири измислен говор од рускиот претседател, Владимир Путин, кој, наводно, повикува на спас на христијанството и човечкиот род од злото на сатанистите! Постот е илустриран со фотографија од Путин, испишан е со големи букви и преполн со грешки. Погрешено е дури и името на Путин, па тој е напишан како „ВЛАДИМИР ВЛАДИМИРЕВИК ПУТИН“ (Владимир Владимирович Путин)
Оваа манипулативна објава, без да наведе никаков извор или линк, тврди дека го пренесува „ГОВОРОТ НА ПУТИН КОЈ ГО ЕМИТУВААТ ИТАЛИЈАНСКИТЕ И СВЕТСКИТЕ СЛОБОДНИ МЕДИИ“, провоцирајќи притоа омраза кон претставниците на ЛГБТ заедницата.
Во постот, којшто е прилично долг, меѓу другото, се вели:
ЈАС ВЛАДИМИР ВЛАДИМИРЕВИК ПУТИН ДЕНЕС СУМ УMOPEH. УМОРЕН СУМ ОД СЕ. САКАМ ДА ГИ ПРЕСПИТАМЕ СВЕТСКИТЕ ДРЖАВИ. ШТО Е ПОГРЕШНО? КОЈ Е ВАШИОТ САТАНСКИ ПЛАН?
САКАТЕ ДА ЈА НАМАЛИТЕ СВЕТСКАТ ПОПУЛАЦИЈА НАМЕРНО, СВЕТОТ ДА СЕ ПРЕДВОДИТЕ СО ВАШАТА ЛОГИКА И УБЕДУВАЊА И ДА ВЛИЈАЕТЕ ВРЗ НЕВИНИТЕ ЖИВОТИ , КОРИСТЕЈКИ НЕСТАБИЛНИ ДУХОВИ КОИ ВЕРУВААТ ВО ВАШИТЕ ПОЛИТИЧКИ ИГРИ.
ТАТКОВЦИ, МАЈКИ, ДЕЦА…
КАКВО ЧУДОВИШТЕ УБЕДУВА ЕДНА ФАМИЛИЈА ДА ГИ ОТСТРАНИ ГЕНИТАЛИИТЕ НА СВОЈОТ СИН , ТАКА ШТО КЕ МОЖЕ ЕДЕН ДЕН ДА СЕ ЧУВСТВУВА КАКО МАЛО ДЕВОЈЧЕ, ШТО ЗНАЕ ЕДНО МАЛО НЕ ДОВОЛНО ФОРМИРАНО ДЕТЕ ЗА ДА ОДЛУЧУВА ЗА СВОЈОТ СЕКСУАЛН ИДЕНТИТЕТ ?
КОЈА Е ТАА ВРСТА НА ЖИВОТНИ КОЈА ГИ УВЕРУВА ЗАПАДНИТЕ ЗАМЈИ ДА ГИ ОТВОРАТ ВРАТИТЕ НА ИСЛАМСКИТЕ ТЕРОРИСТИ ОД ИСЛАМСКАТА ДРЖАВА? ГИ ИПИРАТЕ ЧОВЕЧКИТЕ МОЗОЦИ СО СВОИТЕ МЕДИУМСКИ КУКИ И ТЕЛЕВИЗИИ, КОИ НЕПРЕСТАНО ЛАЖАТ И ЛАЖАТ .
ДОПУШТАТЕ ДА ИСЛАМСКИОТ ТЕРОРИЗАМ ОДНЕСУВА НЕВИНИ ЖИВОТИ. ВИЕ САМИ СВЕСНО ЈА НАПАГАТЕ ВАШАТА КУЛТУРА И СВОИТЕ ВРЕДНОСТИ.
САКАТЕ ДА ГО УНИШТИТЕ ХРИСТАНСТВОТО, ЗНАЕЈКИ ДЕКА ДОНЕСУВАЈКИ ГИ ТИЕ ОД ДРУГАТА СТРАНА КЕ ГО НАМЕТНАТ ИСЛАМОТ, СТАВОТ И ТЕРОРОТ .
ЗАТОА БАРАМ ЕДНА МИНУТА МОЛЧЕЊЕ ЗА ЖРТВИТЕ НА ТЕРОРИЗМОТ.
ЗНАМ ЗА ВАШИТЕ САТАНИСТИЧКИ ПЛАНОВИ ЗА НАМАЛУВАЊЕ НА ПОПУЛАЦИЈАТА НА ПЛАНЕТАТА.
ГИ ОТВОРИВТЕ ВРАТИТЕ НА ТЕРОРИСТИЧИТЕ ГРАНКИ И ВАШИТЕ БОЛНИ НАМЕРИ ЗА ХОМОСЕКСУАЛИЗАЦИЈА НА НАСЕЛЕНИЕТО…
Објавата делува многу сомнително. Најпрво, чудно е како овој „говор“ на Путин не го пренел никој и не може да се најде во ниту еден медиум. Со темелно пребарување на Интернет се појавува само на Фејсбук. Не е можно рускиот претседател да има говор и никој да не го пренесе?! Тоа навистина не е за верување.
Целиот говор е нејасен и некако хаотичен. Кога се чита не може да се разбере на кого точно му се обраќа Путин, сѐ додека не се стаса до крајот на објавата. На почетокот, на пример, се вели дека тој, наводно, бил уморен од сѐ и сакал да се преиспитаат светските држави, но тука не се кажува кои конкретно, па може само да се претпоставува, нагаѓа, на кои земји мисли. Потоа зборува за некаков „сатански план, за намалување на светската популација“, при што се користат „нестабилни духови“ кои веруваат во нечии политички игри, ама повторно не се кажува чиј сатански план и чии игри (!)
Ваквиот конспирациски тон продолжува понатаму, се спомнува дека некој (не се знае кој) ги уверува западните земји (не се знае конкретно кои) да ги отворат вратите за исламските терористи, дека се наметнува исламот и свесно се уништува христијанството. И тоа се прави преку медиумите кои ги „испираат“ или „чипираат“ човечките мозоци (!) Тука има словна грешка „ИПИРААТ“ па не е баш најјасно на што се мисли.
Понатаму во ваков стил темата се шири на сексуланоста. Па, во таа смисла се говори за „отстранување на гениталии, сексуален идентитет“, за да се дојде до уште еден сатанистички план за „намалување на популацијата на планетата“, преку отворање на вратите за „терористичите гранки“ и „болните намери за хомосексуализација на населението“.
Потоа се вели дека хомосексуализација се заснова на лажни и изопачени научни истражувања кои имаат за цел намалување на светското население! Дури на самиот крај на ова конфузно писание се споменуваат Америка и Европа и тоа во заканата која наводно им ја упатува Путин: „ако не престанат со овие зли намери и планови, ке мораат да се судрат не само со Божјиот бес, туку и со мојот и бесот на рускиот народ“.
Познати се крутите ставови на рускиот претседател за ЛГБТ зедницата и за истополовите бракови , но напишаното во објавата е многу чудно, едноставно не личи на настапите, излагањата на Путин, туку на измислен говор. Дотолку повеќе што не е понуден никаков извор за да може да се види каде и кога е ова кажано. Ваква отворена закана на рускиот претседател до цели континенти и држави ќе беше на првите страници од сите медиуми. Но, ништо од ова не може да се најде со темелно пребарување. Нема никакви реакции од никого, комплетен молк. Што е едноставно невозможно. Ниедна земја не премолчува закани од друга и тоа особено од вакви, каде што има јасен поттекст на употреба на сила.
Фотографијата, пак, е снимена во прес центарот на Кремљ, од каде што Путин се обраќа до јавноста и ги држи своите годишни прес-конференции. На овие настани секогаш се присутни новинарите и ваков говор на Путин би бил пренесен од сите светски агенции, како што тоа редовно се случува.
Впрочем и во коментарите под самиот пост има луѓе кои инсистираат на тоа да се каже конкретно во кој медиум може да се види – прочита „говорот“ на Путин, со оглед на тоа што објавата се тврди дека го „емитуваат италијанските и светските слободни медии“. Арно ама, тоа не се открива.
И, иако е во прашање невистина, многумина наседнуваат на ваквата манипулација, а, за жал, има и значителен број „отровни“ коментари од кои просто извира омраза, особено кон ЛГБТ заедницата. Па, меѓу коментарите има и вакви препораки: „Нека прочитаат сите што се залагаат за правата на двоцевкашите и промовираат ЛГБТ заедници и нека му биди јасно ке горат во пеколот.“ Што, во најмала рака, е срамно и поразително за една цивилизирана средина.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.