Сатирична објава за чипови во вакцините преставена како вистинита на социјалните мрежи

 

Објава на социјалната мрежа „Фејсбук“ тврди дека „Фајзер“, производителот на вакцини против ковид-19, во вакцините ќе вклучува чип ,кој ќе се употребува за да се намалат симптомите поврзани со вакцината.

Pfizer штотуку објави нова изјава до инвеститорите, истакнувајќи дека тие постигнале договор со Мајкрософт да го интегрира чипот процесор Плутон за да ги „намали“ симптомите поврзани со вакцината. Во коминикето се наведува дека примателите на новата вакцина очекуваат намален замор, намалена болка, зголемена свесност итн.

Притоа се тврди дека луѓето после тоа ќе можат да бидат поттикнувани да го сторат тоа што ќе им биде кажано – да вршат самоубиства или да се мразат едни со други.

Оваа објава е невистина. Всушност, станува збор за сатирична, измислена објава, која се споделува и шири на социјалните мрежи без видливо да се наведе и потенцира дека станува збор за сатира, а не нешто што е потврдено и точно.

Овој текст првично е објавен на англиски јазик на веб-страницата TheStonkMarket. Во описот на оваа веб-страница стои дека таа објавува сатирични, односно измислени вести.

TheStonkMarket.com е страница за финансиска сатира. Веб-страницата обезбедува уникатно покривање на финансиската индустрија, акции, хеџ-фондови и глобални пазари. Мисија: Да се обезбеди секојдневен хумор.

Ова било проверено и од сервисот за проверка на факти на „Ројтерс“ од каде што забележале дека истата објава била споделена и на италијански, руски и хебрејски јазик и дека дупликати на оваа објава биле видени на „Фејсбук“ илјадници пати.

Објавување сатирични вести, без притоа да се наведе дека нивната цел е хумор и дека никако не ја отсликуваат реалноста, прави забуна кај јавноста, особено кај корисниците на социјалните мрежи. Коментарите под оваа објава и големиот број споделувања говорат дека дел од публиката поверувал во оваа објава иако нема никаква врска со реалноста.

Во повеќе наврати (тука, тука, тука и тука) пишувавме за широко распространетата дезинформација дека преку вакцините ќе бидат вметнувани чипови кои потоа ќе го контролираат населението.