Крем нерегистриран во МАЛМЕД и без наведени состојки на пакувањето се рекламира како ,,лек”

Агенцијата за лекови и медицински средства води Регистар на сите регистрирани лекови на територијата на С. Македонија, за кои е издадено соодветно одобрение за ставање на лек во промет во земјава. Посочениот крем за колено, кој во рекламниот материјал е претставен како ,,лек“, го нема во Регистарот на лекови на МАЛМЕД. Исто така, на препаратот не се наведени состојките.  А, ова е важно зашто лекот пред да се стави во промет, мора да подлежи на аналитички, фармаколошко-токсиколошки испитувања и клинички испитувања за да се потврди неговиот квалитет, безбедност и ефикасност. Па без да навлегуваме во делотворноста на препаратот и начинот на кој е изработен, оценуваме дека тој не ги исполнува карактеристиките да биде промовиран како „лек“

 

 

Рецензираме пост на „Фејсбук“, во којшто се промовира препарат за болка во колено, а тоа се прави на начин што препаратот е претставен како лек во рекламниот промотивен материјал. Страницата на производот е релативно нова, од 26 март 2021 година, но веќе има 4.400 следачи. Главната причина зошто тие се на оваа фејсбук-страница, е тоа што препаратот ветува лекување на болки во колената, како и на болките на скелетниот систем. Понудата е две пакувања за 999 денари или едно пакување за 599 денари. Една тегла, според оваа реклама, е 450 грама. Во описот на производот се посочува:

Ако барате природна алтернатива на вашата мачна болка на колената, го пронајдовте вистинскиот производ. Лек за болки на колената и сите болки на скелетниот систем 100% био.

Во продолжение пишува дека „лекот” се употребува за болки во коленото и недостаток на маснотии, за болки во коскените пршлени и ‘рбетниот столб, ревматизам и сите ревматски болки, ја зголемува флексибилноста на коленото, за луѓе што страдаат од артритис, остеопороза, менискус, ги отстранува сите различни болки на скелетниот систем и дека се гарантира 100 проценти ефект врз квалитетот на производот, а неименуваниот автор, односно неименуваната фирма, тврди дека има долгогодишно искуство во производството.

Кога во приватна порака корисникот заинтересиран за производот ќе праша кои се состојките на кремот, добива одговор дека лекот е 100% био, без никакви дополнителни адитиви и со природни состојки и билки. Главната состојка е еден вид на глина/кал што во својот состав е богата со цинк, магнезиум, калциум, бакар итн. и дека 1 тегла е 350 грама.

Не е вистина дека овој препарат е лек според дефиницијата во законот.

Што претставува лек?

Според Законот за лекови и медицински средства:

Лек е секоја супстанција или комбинација на супстанции формулирани на начин за да лекуваат или превенираат болести кај луѓето. Лек е, исто така, секоја супстанција или комбинација на супстанции што може да се употребува или да се дава на луѓе за обновување, корегирање или модифицирање на физиолошките функции со предизвикување фармаколошка, имунолошка или метаболичка активност или за поставување медицинска дијагноза. (член 2)

Во член 43 од Законот пишува дека:

Барањето за регистрација на традиционални хербални лекови содржи документација којашто се состои од:

 1. Административен дел на документацијата согласно членот 20 став 1 точка 1 на овој закон; 

2.  Фармацевтски, хемиски и биолошки дел на документацијата согласно членот 20 став 1 точка 2 на овој закон; 

3. Библиографски или стручни докази, односно експертски извештај за ефектот на лекот или сличен на него лек што е во медицинска употреба за период од најмалку 30 години, од кои најмалку 15 години во Република Македонија или во Европската Унија;

4. Библиографски преглед на податоците за безбедноста или експертски извештај и во случаи кога Агенцијата дополнително ќе побара и податоци неопходни за оцена на безбедноста на лекот.

Во член 45 пишува дека:

Барањето за регистрација на хомеопатски лек се поднесува под услов лекот:

1. Да се употребува перорално или надворешно;

2. Да не се наведуваат терапевтски индикации на пакувањето на лекот или во информациите поврзани со него;

3. Да постои доволен степен на разредување што ќе гарантира безбедност на лекот, особено лекот не смее да содржи повеќе од еден дел на 10.000 од основната тинктура или повеќе од 1/100 од најмалата доза што се користи во алопатијата во поглед на активните супстанции чие присуство во алопатските лекови резултира со обврска за поднесување рецепт.

Меѓутоа, забележливо е дека спротивно на тоа што го пропишува Законот, на пакувањето на производот, кој во постот се промовира како лек, наведени се сите можни терапевтски индикации, односно дека тој се употребува за болки во коленото и недостаток на маснотии, за болки на коскените пршлени и ‘рбетниот столб, ревматизам и сите ревматски болки, ја зголемува флексибилноста на коленото, за луѓе што страдаат од aртритис, остеопороза, мeнискус, ги отстранува сите различни болки на скелетниот систем.

Агенцијата за лекови и медицински средства води Регистар на сите регистрирани лекови на територијата на С. Македонија, за кои е издадено соодветно одобрение за ставање на лек во промет во земјава. Регистарот на лекови е електронски и достапен за сите граѓани на следната веб-страница.

Кога го пребаравме посочениот крем за колено, кој во рекламниот материјал е претставен како „лек“, во Регистарот на лекови на МАЛМЕД не го пронајдовме.

Исто така, на препаратот не се наведени неговите состојки. А ова е важно зашто лекот пред да се стави во промет, мора да подлежи на аналитички (фармацевтско- хемиско-биолошки), фармаколошко-токсиколошки испитувања и клинички испитувања за да се потврди неговиот квалитет, безбедност и ефикасност.

Па, без да навлегуваме во делотворноста на препаратот и начинот на кој е изработен, оценуваме дека тој не ги исполнува карактеристиките да биде промовиран како „лек“.

 

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.