Сцена од видеоспот за рап-песна злоупотребена за манипулација дека ковид-19 е измама

Фотографијата што се споделува во оваа објава на „Фејсбук“, всушност, е извадена од видеоспот на рап-песна објавена во септември 2020 година. Таа не е на ниеден начин поврзана со ковид-19 пандемијата, ниту, пак, со починатите од неа. Таа нема никаков допир со реалната состојба на терен во болниците и е снимена од видеопродукција. Во сцените снимени за потребите на ова видео ја има и таа во која во товарен камион се натоварени црни вреќи кои треба да претставуваат „мртовци“

 

Пост на „Фејсбук“ манипулира со перцепцијата на граѓаните, на начин што им соопштува дека „ковид е измама и дека починат од ковид запалил цигара”! Постот е објавен на фејсбук-профилот со име Мајк Тајсон, а се состои од две фотографии на кои се гледа поголема група луѓе, завиткани во црни вреќи, сцена која потсетува на пластичните кеси во коишто се ставаат телата на починатите во болнички услови пред да бидат закопани и однесени во мртовечница од погребно претпријатие. Меѓутоа, на овие споделени фотографии, прикажани натрупани едно врз друго, се дваесетина тела ставени во вреќи, а се гледа и еден човек, кој ја има извадено главата и пуши цигара.

Бизарната сцена е злоупотребена за да се измамат граѓаните на „Фејсбук“ дека ковид-19 пациентите ги гушат, ги вакцинираат со отрови и дека ковид-19 е измама. Во таа смисла во постот се вели:

За сите ковид пациенти.
Ве лажат.
Ве гушат.
Ве вакцинираат со отрови.
Ковид е ИЗМАМА.
(починат од ковид запалил цигара)

Но, всушност, ова претставува измама од најбизарен вид. Во конкретниот случај се манипулира со перцепцијата на фејсбук-корисниците на начин што се зема кадар или фотографија од настан кој воопшто не е поврзан со ковид-19, а се поврзува со пандемијата со цел да се креира погрешен впечаток во антивакциналната кампања, која деновиве зема масовен замав, особено пред најавената масовна имунизација.

Но, во обидот да си игра со јавното мислење, авторот на постот пропуштил да ги прикрие и трагите на својата измама, со кои, всушност, може да се провери неточната информација и многу лесно да се демаскира.

На една од фотографиите е оставено логото на апликацијата „Тик-ток“, од којашто се гледа дека фотографијата со наводните мртовци е дел од видео објавено на оваа социјална мрежа од корисник со име Васја Иванов Дизајн. Станува збор за продукциска куќа, којашто изработува музички видео спотови, реклами и други скриптирани/играни видеопродукти. Оваа видеопродукција има и свои фотографи,  преку кои својата работа ја промовира на социјалната мрежа „Тик-ток“.

Конкретната фотографија, на која лажно се тврди дека се претставени починати од ковид-19, од кои едниот дури и запалил цигара, е извадена од правењето на видеоспот за рап-песна на раперот Хаски. Овој видео пот е објавен на „Јутјуб“ на 26 септември 2020 година и досега има над 900 илјади прегледи.

Видеото се споделува и на социјалната мрежа „Твитер“, но таму е сфатено во сатиричен контекст:

Нашата проверка на факти покажа дека фотографијата која е злоупотребена во случајов претставува бизарен уметнички израз за да се продуцира видеорешение за рап-песна.

Во видеоспотот, во кој, пак, очекувано, ја нема оваа сцена со наводниот „мртовец“, кој пуши цигара зашто не се вклопува во сценариото и пораката на песната, се гледа дека кога телата на „убиените“ се влечат по подот во просторијата каде што починале, зад себе остваат траги од крв, а самата просторија, како и спотот, се преполни со огнено оружје и муниција. Сето ова покажува дека фотографијата употребена во постот што го рецензираме (која е сликана во текот на подготовките за снимање на една од сцените со „мртовците“ нафрлани во камионот, што, пак, може да се види во видеоинсертот од ембедираниот твит) не е на ниеден начин поврзана со ковид-19 пандемијата, ниту, пак, „починатите“ имаат каква било допирна точка со реалната состојба на терен во болниците. Тоа го докажува и самото видео, кое кон самиот крај содржи и сцена во која на камион се натоварени црни вреќи кои треба да претставуваат „мртовци“

И покрај тоа што се работи за манипулација, голем број корисници поверувале во неа. Па, овој пост е споделен 64 пати, а мноштвото коментари се однесуваат на тоа дека ковид-19 е измама.

 

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.