Не, СЗО не го промени ставот за заштитните маски

Светската здравствена организација не го променила својот став во однос на маските, како што лажно тврди оваа објава на „Фејсбук“. СЗО и натаму ги препорачува како една од основните заштити од пренесувањето на корона-вирусот. Написот што е линкуван во постот се повикува на вест објавена на „Си-ен-ен“ пред точно една година – на 31 март 2020 година. Ширењето вакви дезинформации и вести „бајати“ една година може да ја доведе во заблуда јавноста и на тој начин да му нанесе штета на општото јавно здравје

 

Пост на „Фејсбук“ шири дезинформација дека Светската здравствена организација (СЗО) го сменила ставот во однос на маските и нивното носење во време на ковид-19 пандемијата. Информацијата не е точна, односно таа е стара една година, а СЗО и натаму препорачува да се носат маски како заштита од ширење на вирусот.

Постот што го анализираме пренесува напис со наслов: „Шoкaнтен пpecврт во ставот на СЗО: ЗДPABИТЕ ЛУЃЕ HE TPEБА ДА HOCAT MACКИ – CNN TV“.

Здравите луѓе да не носат маски, повторно апелираат од Светската здравствена организација, нагласувајќи дека тие се потребни само за оние што се заразени со коронавирусот или пак за луѓето кои се грижат за пациенти, се вели на почетокот од текстот.

Написот подолу се повикува на изјава на директорот за управување со вонредни состојби на СЗО, Мајкл Рајан, која ја пренесува „Си-ен-ен“.

Си-Ен-Ен ја пренесува изјавата на директорот за управување со вонредни состојби на СЗО, Мајкл Рајан, во која тој вели дека нема конкретни докази кои сугерираат дека масовното носење маски има потенцијални придобивки. Истовремено истакнува дека неправилната употреба на маските може само да направи повеќе штета отколку добро во борбата против ширењето на вирусот. Рајан вели дека според Светската здравствена организација, маските се единствено наменети за болните и за здравствените работници.

 На крајот написот заклучува дека „ваков став СЗО имаше и на почетокот од пандемијата, кој подоцна беше сменет и маските станаа задолжителни“.

Текстот има наведено и линк до објавата на „Си-ен-ен“ што ја пренесува. Но, кога ќе го отворите текстот на „Си-ен-ен“ ќе видите дека станува збор за вест стара една година, од 31 март 2020 година. Веста од лани се пренесува на ист датум само една година подоцна и на тој начин создава забуна кај читателите.

Ваква вест се појави и во јануари 2021 година и истата ја дебанкираа светските сајтови за проверка на факти како што се Политфакт, Ројтерс и Ју-ес-еј тудеј.

Веб-страницата на СЗО, која последен пат е ажурирана на 1 декември лани, нуди упатства за тоа кога, каде и зошто луѓето треба да носат маски, кои се опишани како „клучна мерка за сузбивање на преносот и спасување животи“.

СЗО препорачува медицински маски за здравствени работници во клинички услови, за секој што не се чувствува добро, за луѓе што чекаат резултати од тестот за ковид-19, за лица што се грижат за некој со потврден или сомнителен случај на ковид-19, за лица што  имаат над 60 години и постари лица со хронични болести. За сите други во пошироката јавност, немедицинските облоги за лице од ткаенина се во ред, заклучува СЗО.

СЗО, исто така, има веб-страница исполнета со сеопфатно упатство во текст и видео за тоа како да се зајакне ефективноста на маските за лице.

Дел од земјите од Европа, како Германија и Австрија, плашејќи се од ширењето на британскиот сој на корона-вирусот, неодамна воведоа задолжително носење маски FFP2, бидејќи тие се ефикасни повеќе од 90 проценти. По тој повод, Марија ван Креков, епидемиолог од СЗО го изјави следното:

Од досега собраните податоци од земјите каде што е регистриран нов вид на корона-вирус нема промена во начините на пренесување. Ако добиеме различни информации, дефинитивно ќе ја ревидираме препораката за маски. Секоја земја има право да донесе одлука за маски на начин што ѝ одговара.

Од сето ова може да се заклучи дека СЗО не го променила својот став во однос на маските, односно и натаму ги препорачува како една од основните мерки за заштита од пренесувањето на корона-вирусот. Ширењето на вакви дезинформации и вести стари една година може да ја доведе во заблуда јавноста и на тој начин да му нанесе штета на општото јавно здравје.

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.