Морбидна манипулација е дека кралицата Елизабета пие детска крв за својата виталност

Кога ќе се погледне веста на која се повикува оваа фејсбук-објава, евидентно е дека во неа не постои измислената информација оти кралицата Елизабета, наводно, секој ден консумира аденохром, односно крв од деца. Таква информација воопшто не е објавена, а вистинската вест е монтирана за да се изманипулира јавното мислење. Во оригиналниот напис се вели дека според некои експерти, виталноста на кралицата се должи на нејзиниот омилен коктел џин со вино

Скандалозна манипулација со фрејминг, односно со намерно изоставување клучни информации и додавање други, лажни, неточни информации го карактеризира постот што го рецензираме на „Фејсбук“, а кој има постигнато виралност од над 44 споделувања.

Во него, всушност, е поставена фотографија од вест објавена на ТВ „Канал 5“ за кралицата Елизабета, која ќе го прослави својот 95. роденден на 21 април. Медиумот споделува рецепт за тајната на виталноста на кралицата, која според некои експерти се должи на нејзиниот омилен пијалак – џин со вино. Меѓутоа, во постот што го рецензираме, наместо да се каже дека тој пијалак е џин со вино, лажно се тврди дека е детска крв. Морбидната манипулација е постигната на начин што не е споделен целосниот линк од „Канал 5“ и нивната вест, која е пренесена од српскиот магазин „Новости“. Наместо тоа, објавена е фотографија од првиот пасус од веста, која е дополнета со фотомонтиран дел кој гласи:

А коктелот содржи еден килограм детска крв, невини деца што се масакрирани во нивните подземни подруми!

Морбидната манипулација е надградена и со лажното тврдење дека самиот медиум „Канал 5“ го објавил ова, што, исто така, е невистина.

30.03.2021 КАНАЛ 5 ТВ објавува адренохром

 Погледнете што објавува канал 5 г-дине мајк значи сите медии се нивни јас лично ова го објавив во my story, пишува во описот на постот.

Кога ќе се погледне веста објавена на „Канал 5“, која, пак, е преземена од српски медиум, евидентно е дека во неа не постојат измислените информации, кои го наведуваат читателот на конспирациско мислење дека богатите, славните и моќните политички фигури консумираат аденохром, детска крв, како напиток на нивната младост. Таква конспирациска теорија кружи на интернет со години.

Според проверката на фактите, утврдивме дека е лага оти напивката којашто кралицата Елизабета ја консумира секој ден е аденохром, односно крв од деца. Вистинската информација и вест е монтирана за да се изманипулира јавното мислење.

Препорачуваме граѓаните секогаш да го проверуваат оригиналниот извор на информацијата кога на „Фејсбук“ ќе пронајдат фотографија, односно скриншот од вест, која е половично пренесена. Зад таквото половично пренесување може да стои  манипулација, односно намера да се одбегне вистинскиот контекст и на текстот да му се даде сосема друго значење.

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.