Германски адвокат без докази манипулира дека корона-вирусот е заблуда

„Измама“, „корона-скандал“, „заблуда“… Германскиот адвокат Раинер Фуелмих смета дека лидерите и здравствените власти ширум светот ја довеле во заблуда јавноста за сериозноста на епидемијата на ковид-19 и поради тоа планира да ја тужи Светската здравствена организација (СЗО). Овие негови тврдења се споделуваат и на „Фејсбук“ и добиваат голема видливост.

Иако во текстот неговите тврдења се формулирани како прашања, сепак, преку нив се изнесуваат еден куп манипулации, дезинформации и целиот текст преставува една голема теорија на заговор.

Но, како текстот така и видеото во кое што се обраќа адвокатот не содржи ниту еден доказ, туку, всушност, одразува мислење на еден адвокат, кој го доведува во прашање постоењето на ковид-19 и на ПЦР-тестовите како начин за дијагностицирање на вирусот. Фуелмих, според неговата веб-страница, е специјализиран за банкарско право и право на пазар на капитал, меѓународно приватно право и медицинско право.

Неговото правно образование не го прави на кој било начин експерт од областа на медицината, а уште помалку специјалист за тековната пандемија и корона-вирусот, ниту, пак, е дел од какви било истражувачки проект за овој вирус.

Тој без докази ја убедува јавноста дека не постои пандемија и оти мерките како носење маска и физичка дистанца нема да помогнат. Надвор од секоја логика е да се тврди дека не постои пандемија, по повеќе од една година битка против неа на глобално ниво, со над 131 милион заразени лица и речиси 30 милиони починати.

Параметрите за пандемија, како што наведува Светската здравствена организација, се следните:

Пандемија е состојба кога нов вирус се појавува и се шири во светот, а на него повеќето луѓе немаат имунитет. Овие вируси предизвикуваат инфекции кај пациенти во сите возрасни групи.

Фуелмих ја доведува во прашање и ефикасноста на ПЦР-тестовите, односно тврди дека позитивниот тест не значи дека некој е заразен.

ПЦР тестот за детекција на корона-вирусот е одобрен од Светската здравствена организација (СЗО). Тој е молекуларен, специфичен и исклучиво детектира присуство на вирусот причинител на болеста ковид-19.

Со молекуларните тестови се врши детекција на присуство на самиот вирус или дури и само секвенца од РНК на вирусот, а во комбинација со мерењето на концентрацијата на антителата се добива увид во тоа дали организмот бил во контакт со вирусот и каков е имунолошкиот одговор на организмот во борбата со вирусот.

Според американската агенција за храна и лекови (ФДА), тестот може да покаже дали некое лице има активна инфекција со корона-вирус и тој тест во најголем процент дава точни резултати.

Мерките како физичкото растојание, маските, карантинот не се бескорисни, како што имплицира адвокатот, туку со нивното применување се спречува и се намалува ширењето на вирусот и се спречуваат илјадници смртни случаи при неконтролирано ширење на корона-вирусот.

Тој тврди дека затворање, дистанцирање и барање да се носи заштитна маска, според независни студии и експерти, претставува голем ризик за јавното здравје. Притоа, тој не наведува кои се тие независни судии и експерти, ниту наведува аргументи, подетални информации или научни податоци за оваа референца.

Маските, всушност, штитат така што ги блокираат капките од заразеното лице, главно на оддалеченост до два метра, да стигнат до друго лице и да го инфицираат. Затоа се препорачува нивно носење.

Видеото што е споделено во линкуваниот напис, од интервјуто со адвокатот, е објавено на 13 ноември минатата година, односно пред речиси пет месеци. Сега, повторно се користи како дел од кампањата за ширење дезинформации и манипулирање на јавноста.

Пандемијата со ковид-19 е и повеќе од реалност, а тоа на своја кожа го искусуваат илјадниците заболени на дневно ниво, а најмногу оние што ги загубиле своите блиски поради оваа болест. Оттука, освен што се субјективни, ширењата на вакви теории базирани на немедицински пристап, претставуваат и опасност и се штетни за јавното здравје.

 

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.