[Рецензија: Медицинска сестра од Вухан: Не излегувајте, не одете по забави, не јадете надвор, со коронавирусот се заразени 90.000, а не 2.700]
Во битката за што поголема читаност, што, за жал, е сѐ уште примарниот, ако не и единствениот фактор што носи пари од реклами за онлајн-медиумите, една од најприсутните појави е сензационалистичкото пишување, без разлика дали станува збор за целиот текст или само за насловот. Уште понепрофесионално и пострашно е кога станува збор за злоупотреба на сеприсутен страв и кога тоа се прави без речиси никаква поткрепа – а тоа е еден од најтешките „гревови“ во новинарството! Токму таков случај имаме во објавата што ќе ја анализираме подолу.
Линк до оригиналниот напис: Медицинска сестра од Вухан: Не излегувајте, не одете по забави, не јадете надвор, со коронавирусот се заразени 90.000, а не 2.700
Датум и време на објавување: 28.1.2020
Датум на рецензирање: 29.1.2020
Оваа мултимедијална статија несомнено, на прв поглед, претставува атрактивно четиво, поради преокупацијата на македонската јавност, паралелно со светската, за епидемијата што би можела да стаса насекаде. Главниот момент во текстот е дека некоја медицинска сестра од Вухан, каде што е жариштето на епидемијата со новиот корона вирус, порачала дека бројот на заразени е повеќе од 30 пати од бројката што официјално ја соопштува кинеската влада.
Кинеска медицинска сестра од Вухан, која носи заштитно одело и маска и се грижи за заразените со корона вирусот во овој град, тврди дека во Кина се заразени веќе 90.000 луѓе, а не 2.700, според официјалните бројки.
Нејзиното предупредување од жариштето на епидемијата доаѓа во моментот откако кинеската влада се соочува со обвиненија за цензурирање на критичко размислување и за прикривање на правата вистина на кризата, вели текстот.
Познато е дека Кина е на врвот на листата (поради бројноста на населението) кога станува збор за цензура на интернетот и задушување на критичкото мислење, но зошто медиумот што ја објавил оваа статија е сигурен дека медицинската сестра ја кажува вистината? Можеби станува збор за злонамерна измислица на лицето што се појавува во видеото.
Исто така, во текот на вчерашниот ден (28.1.2020) официјалните бројки уште претпладнето беа околу 4.500 заразени во Кина, а не 2.700, како што се изнесува во статијата објавена попладнето. Официјални бројки објавува американскиот универзитет „Џонс Хопкинс“, кој нема поврзаност со кинеската владина пропаганда и се обидува објективно да ја следи ситуацијата со епидемијата со новиот корона вирус. Развојот на ситуацијата може да се следи тука.
Ако претпоставиме друга ситуација, дека оваа Кинезинка е искрено уверена во тоа што го кажува – од видеото гледаме дека станува збор за медицинско лице кое носи скафандер – тоа сепак не значи дека таа жена ги има вистинските информации. Најверојатно работи со пациенти, но тоа е веројатно само во една болница, па дури и да работи постојано на терен, не може да има целосни, туку само делумни согледувања. Дополнително, и да добива сознанија од колеги за оние работи што не ги посведочила самата, па потоа да ги комбинира податоците, повторно нема гаранција дека правилно „собрала два и два“. Оти можеби работи само во градот Вухан и нема контакти со колеги во самата провинција Хубеи, а да не зборуваме за цела Кина!
Релевантен извор за ситуација со епидемија е секогаш здравствена институција или оперативен штаб за борба со епидемијата, а никако поединец.
Објавувајќи го овој текст, медиумот непотребно шири паника, не ја проверил вистинитоста на тврдењето, туку само изнел поединечно мислење, создавајќи штетен сензационализам.
Со ширењето сензационализам е прекршен членот 8 од Кодексот на новинарите на Македонија.
Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми. Во судските постапки треба да се почитува принципот на пресумпција на невиност, да се известува за сите инволвирани страни во спорот и да не се сугерира пресуда.
Дополнително, има пркршување и на членот 13, бидејќи нечие непоткрепено мислење е главна содржина на текстот.
Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот.