Шпанскиот грип бил вирусна пандемија, а маските не биле причинител за смртта на милиони

Користејќи научна студија од 2008 година, во постот имплицитно се сугерира дека во време на пандемијата на шпанскиот грип не постоел вирус, туку бактерија како причинител за смртта и, експлицитно, дека носењето заштитни маски бил главниот причинител за инфекцијата

Пост објава на Фејсбук невистинито тврди дека најголемиот број луѓе што умреле од т.н. шпански грип на почетокот на векот, умреле од бактериска инфекција која ја здобиле со тоа што носеле маски како заштита од трансмисијата, што во тоа време биле задолжителни со закон.

Во постот има само една фотографија која потекнува од тоа време и се однесува на шпанскиот грип, во која се претставени група американски војници, ренџери, кои се наредени во една линија и на која сите носат платнени маски врз нивните лица.

Во текстот под фотографијата го пишува следното:

Во САД во 2008 година е спроведено научно истражување за причините на смрт, со обдукција на 58 починати од околу 50 милиони умрени ширум светот, најголемиот помор на 20-тиот век, епидемијата наречена „Шпански грип“ и речиси 100 години подоцна е утврдено дека најверојатната причина за смртта било бактериско, а не вирусно воспаление на белите дробови.

Бактериското воспаление на белите дробови била предизвикана веројатно со многу долгото носење маски за лице, кои од 1918 година биле задолжителни со закон „во борба против вирусот“

СЕ НИ Е ЈАСНО

Ваквиот пост е свесна манипулација која преку една вистина, бактериската инфекција како можна главна причина за смртта, се користи како платформа да се пласира поента на целиот пост-невистина, а тоа дека носењето на маски била причина за смртта на толкав број луѓе.

„Вистиномер“ ја провери приказната и наводите во постот и го откри следново: во САД навистина во 2008 година е објавена студија која се однесува на причините на смртта кај починатите од шпанскиот грип на почетокот на векот. Резимето од таа студија е објавена во Магазинот за инфективни болести, број 198 од 1-ви октомври 2008 година, под наслов Преовладувачка улога на бактериска пневмонија како причина за смрт кај пандемиски грип: импликации за подготвноста за пандемиски грип.

Ја прегледавме накусо студијата, во смисла на абстрактот и заклучоците, каде се наведува дека биле прегледани податоците за 4 големи пандемии со грипот, при што научниците се фокусирале на периодот пред масовната употреба на антибиотици и поконкретно на пандемијата со шпанскиот грип. Исто така, се наведува дека биле испитани сите објавени обдукции направени во тоа време за починати во 2018 година (вкупно 109 серии на обдукции), како и дека се земени за испитување 58 пост-мортем примероци од починати американски војници во 2019 година при што тројцата автори дошле до следниот заклучок:

Поголемиот дел од смртните случаи во пандемијата на инфлуенца во 1918-1919 најверојатно резултирале директно од секундарна бактериска пневмонија предизвикана од обични бактерии на горниот респираторен тракт.

Понатаму, на 10-тина страници се појаснуваат методите на работа, заклучоците и научните опити врз кои е дојдено до заклучоците, употребената литература, библиографија и слично.

Главното е дека станува збор за „секундарна бактериска инфекција“, која е последица на првичната вирусна инфекција, која ги уништува главнината клетки во површинскиот слој на респираторниот тракт и им овозможува широко отворени врати на различни бактерии да предизвикаат инфекции, како причина за потешки клинички слики на пациентите, кои многу често резултирале со смртен исход.

За вирусната природа на шпанскиот грип се говори и во студијата на виролози од регионот, кои го изучуваа неговото ширење и влијание на Балканот во периодот на Првата светска војна..

И уште една многу важна работа поврзана со рецензијата на постот. НИКАДЕ во студијата, на НИТУ едно место, не се споменува дека МАСКИТЕ биле главна причина за бактериската инфекција. Тие се споменуваат на две места, на 80 и на 92 страница од вкупно 449 страници на студијата и тоа не е поврзано со маските како предизвикувач на бактериските инфекции.

Впрочем, овој дел за маските го има разобличено и сервисот за проверка на факти на Ројтерс, кој проверувајќи твит тврдење на една докторка (која го поврзала американскиот научник Фаучи, еден од авторите на студијата со тврдењето за маските како причинител на бактериските инфекции кај починатите од шпанскииот грип), појаснил дека тоа е лажна вест.

Имено, подоцна и самата докторка на својот Твитер профил појаснува дека Фаучи тоа не го рекол, туку дека таа со група научници ја изведуваат таквата врска во некој посебен научен труд, кој не бил прегледан и рецензиран и кој подоцна не бил ни објавен.

Според погоре претставени факти, може да се оцени дека постот што го рецензираме содржи невистина. Маските не биле главен причинител на секундарната бактериската инфекција од која починувале заболените од шпанскиот грип, кој е во својата суштина бил вирусна инфекција.

Ваквиот пост има илјадници прегледи и дури 143 споделувања за само три-четири дена.

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонснаведи извор-без изведени дела.