Шпекулативен текст за продажба на општинско возило

 

[Рецензија: Злоупотреба на општински имот во општина Карпош. Ауди Q7 продаден по багателна цена на другар на Стефан Богоев]

 

Текстот што го рецензираме не нуди докази дека возилото што било сопственост на Општина Карпош, актуелниот градоначалник Стефан Богоев му го продал на Владимир Николовски, лице за кое написот тврди дека било блиско до СДСМ, односно другар на Богоев. Во текстот нема ниту изјава од лицето, ниту став од Општина Карпош за продажба на службеното возило. Општина Карпош објави демант на оваа информација на официјалната страница на Општината, а кој не е објавен во медиумот.

Линк до оригиналниот напис: Злоупотреба на општински имот во општина Карпош. Ауди Q7 продаден по багателна цена на другар на Стефан Богоев

Датум и време на објавување: 21.11.2018

Датум на рецензирање: 23.11.2018

Рецензент: Силвана Жежова

Насловот на текстот што го рецензираме сугерира на „злоупотреба на општински имот“, но не се нудат докази дека такво нешто навистина се случило. За продажбата на службеното возило „ауди Q7,“ кое беше купено од претходниот градоначалник Стевче Јакимовски, Општина Карпош донесе одлука за продажба, на седницата на Советот во февруари, со цел да се обезбедат повеќе средства за набавка на возило за одржување на јавната хигиена во Oпштината. Во демантот од Општина Карпош се вели дека, новиот сопственик не е другар, ниту познајник на Богоев.

Во однос на сумата за која е продадено возилото, исто така нема доказ, а од Општината велат дека продажбата се вршела по електронскиот систем на Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) за оттуѓување движни ствари (e-stvari.mk), а преку електронската аукција се избрал најповолниот понудувач. Според веб-страниците на кои се врши продажба на стари возила, цената на „ауди Q7“, со приближно иста километража и приближно иста година на производство се продава по цена од 15.000 до 20.000 евра.

Возилото, кое е произведено во 2011 годинал, имало поминато околу 150.000 километри, било редовно сервисирано согласно сервисниот календар, е со фул-опрема, дизел, е продадено за 14 илјади евра, се вели во написот што го рецензираме.

За тврдењето во текстот дека „на лицитацијата не биле повикани други наддавачи“, нема информација кои се тие или изјава од некој од нив, со што би се потврдило тоа. Текстот има цел да шири дезинформации во врска со продажбата на возилото „ауди Q7“, а обвинувањата за „расипништво“ на Општината не се докажани. Имајќи предвид дека во текстот не се спомнува оти одлука за продажба донеле советниците на Општината, во него има тенденција читателите да се наведат на погрешно толкување дека автомобилот е продаден во „четири очи“ и по самостојна одлука и иницијатива на актуелниот градоначалник Стефан Богоев.